Наќе Чулев бара да се вратат 30тина возила во МВР за кои се сомнева дека се користат несоодветно, но и биле прераспределени во други институции, а немале возила за потребите на министерството со кое раководи тој. Чулев за Канал 5 вели дека неговото барање воопшто не се коси со законот.
„Водењето сметка за инвентарот и опремата на министерството за внатрешни работи не е ‘спорна одлука’ туку само е еден дел тоа постапување. За волја на вистината од десетици возила за кој е утврдено несоодветно користење, само едно е вратено, а останатите сеуште се користат надвор од правилата и процедурите на МВР. Се доведовме во ситуација од 2000 коли да се молиме за едно возило за службени потреби, - Наќе Чулев – министер за внатрешни работи.
За разлика од него, заменичк министерката Славјанка Петровска, вели дека прераспределбата е вообичаена процедура, а на Чулев му порача неговите сомнежи да ги провери внатрешната контрола на МВР.
Од партиските седишта на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ пак продолжија меѓусебните обвинувања за именувањето на началникот на СВР Скопје. За СДСМ. Ристо Ставревски е несоодветен кадар вмешан во судските случаи Титаник и Тенк, според ВМРО ДПМНЕ Ставревски е професионалец и неосудуван.
Чулев испратил уште една телеграма до Петровска, овојпат за запирање на решенија на работници. Тој вели дека затекнал стотици решенија непосредно пред Спасовски да ја напушти министерската функција.
Но и за ова барање, Славјанка Петровска смета дека е спротивно на законот и не го потпишува. Според законот за Влада, без потпис на двајцата не е е валиден ниту еден документ.