Бројот на жртвите од поплавите во Европа достигна 23, Дунав ѝ се заканува на Будимпешта

Бројот на жртвите од поплавите предизвикани од циклонот Борис, кој ја погоди централна и источна Европа, се искачи на 23, откако чешките власти денеска објавија за смрт на четврто лице во таа земја.

Чешките медиуми објавија дека последната жртва е 70-годишна жена од село во близина на Јесеник, која е пронајдена на 20 метри од нејзината куќа, а во таа земја водостоите генерално паѓаат, иако реките сè уште бележат високи водостои во некои делови од јужна Бохемија.

Според податоците на Ројтерс, седум лица загинале во Романија, седум во Полска и петмина во Австрија.

Полското Министерство за одбрана соопшти дека повеќе од 14.000 војници се распоредени во областите погодени од поплави, вклучувајќи го и Вронцлав, а вооружените сили користат хеликоптери за евакуација на луѓето и зајакнување на одбраната од поплави.

Во Будимпешта нивото на водата во Дунав се очекува да достигне врв во петок или сабота, а премиерот Виктор Орбан го посети селото Кишмарос, северно од Будимпешта на брегот на Дунав, каде што ги надгледуваше подготовките за одбрана од поплави.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен се очекува утре да го посети Вроцлав, каде ќе се сретне со лидерите на погодените земји.

Полскиот премиер Доналд Туск го повика Брисел да обезбеди финансиска помош, а министерот за финансии Анджеј Домански на кризниот состанок во Вроцлав изјави дека Полска издвоила 2 милијарди злоти (521 милион долари) средства за справување со последиците од поплавите.

Во областа од Романија до Полска, поплавите донесоа кал и отпад во градовите, уништувајќи мостови, потопувајќи автомобили и предизвикувајќи голема материјална штета на домаќинствата, кои се проценуваат на неколку милијарди долари.

Во најпогодените области, локалните жители и службите за итни случаи расчистуваат дел од железничката пруга од Прага до Острава, која е дел од линијата Виена-Варшава, а сè уште не е во функција.

Најлошите поплави што ја погодија централна Европа во најмалку две децении погодија делови од Полска, Чешка, Романија и Австрија, при што загинаа најмалку 23 лица.

Во исто време, силно невреме сега ѝ се заканува на Италија, каде е пронајдено телото на пожарникар кој исчезнал во поплавата.

Предупредувања за силен дожд, ветрови и поплави се издадени во поголемиот дел од Италија, јавува Би-Би-Си.

Веќе има извештаи за поплави во Пескара во централна Италија, додека италијанската метеоролошка служба предупредува дека невремето ќе го погоди северниот брег на регионот Емилија-Ромања.

Рано утринава во јужната италијанска провинција Фоџа е пронајдено тело на пожарникар откако возилото со кое управувал било однесено од поплавата, јавува денеска АНСА.

Пожарникарот бил член на тимот кој им помагал на мотоциклистите заглавени во невремето на автопатот меѓу Сан Северо и Торе Маџоре.

На поплави во наредните денови предупредуваат и властите во Хрватска, Унгарија, Словачка и Полска.

Драма на аеродромот во Подгорица: Пилот пријавил дека има бомба во авионот, итно слетал

Капетанот на „ЛОТполиш“ пријавил во полиција во Подгорица дека во авионот на таа компанија има бомба.

На терен е и полицијата, како и полициската антидиверзантска единица.

Од аеродромот официјално е соопштено дека нешто пред 17 часот на аеродромот во Подгорица започнала вонредна инспекција на авионите на националната полска авиокомпанија „ЛОТ Полиш ерлајнс“, пишува Вијести.

Тие рекоа дека авионот бил изолиран и далеку од патничкиот терминал.

„Сите други патници се безбедни, а останатите операции засега се одвиваат непречено. Контролата се врши според пропишаните процедури во синхронизирана акција на Полициската управа, аеродромот и другите служби“, се вели во соопштението.

Авионот од Варшава (LO585) летал над Црна Гора, но капетанот откако добил дојава ѝ рекол на Контролата на летање дека мора да слета на пистата на аеродромот во Подгорица.

Полскиот авион слета во 16:34 часот и во тек е антидиверзантска проверка.

Мицкоски: Државата е уморна од билатерални пречки на патот кон ЕУ

Премиерот Христијан Мицкоски на денешните средби со челниците на ЕУ во Брисел, кажал дека државата направи премногу отстапки и реформи на европскиот пат и дека Македонија е уморна од билатерални пречки. 

Македонија е жртва на билатерални проблеми и не може повеќе да прифаќа ултиматуми околу евроинтегративниот процес. Ова е пораката на премиерот Христијан Мицкоски од средбата со претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел и работниот ручек со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен за планот за раст на Западен Балкан денеска во Брисел. Мицкоски е дециден дека процесот на интеграција во Унијата мора да се темели на оценка за постигнувањата а не на билатерални прашања кои како што вели, ќе бидат одлучувачки фактор.

„Речиси две и пол децении откако го почнавме овој евроинтеграционен процес сме жртви на билатерални проблеми, односно на билатеризација на претпристапниот процес. Она што таму го кажав е дека ние сега се бориме да почнеме преговори во коишто ние ќе ги зајакнеме институциите и ќе ги збогатиме капацитетите. Поради прашања кои се поврзани во средниот век не можеме да се развиваме како држава во 21 и 22 век. “

Пред средбата со Мишел, Мицкоски присуствуваше на работниот ручек на фон дер Лајен на кој меѓу другите беа и албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ а на кој главна тема беа реформиските агенди на земјите од Западен Балкан. Мицкоски рече дека меѓу другото порачал и дека земјава е подготвена на конструктивност и фокусираност за исполнување на оваа стратешка цел и ако има желба кај Брисел тогаш има и начин.

„Ние бевме понижени на овој пат. Ќе ве потсетам во името на европските вредности променивме знаме, банкноти, устав неколку пати, име. Што се не направивме за да покажеме дека сакаме да бидеме дел од европското семејство. Некој ќе ми каже дека е ова правилото на еден глас, ве молам, тоа е ултиматум. Јас сум подготвен со секого да разговарам.“

На работната посета во Брисел во придружба на Мицкоски се и министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински и за европски прашања Орхан Муртезани.

Мицкоски, според најавите попладнево ќе има средби и со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји како и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување, Јан Копман. Со Планот за раст за Западен Балкан кој ЕК го усвои во ноември лани ЕУ планира да додели околу 6 милијарди евра за земјите од овој регион во периодот од 2024 до 2027 година. Од нив, Макеоднија може да добие околу 750 милиони евра гранотив и поволни заеми, но тие се условени со реформската агенда..

Средба на претседателот на Собранието, Гаши со новиот бугарски амбасадор Радуков

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Желјазко Радуков, новоименуван амбасадор на Република Бугарија, при што му посака успешна и плодна работа во нашата земја.

Во однос на парламентарната соработка, се очекува продолжување и динамизирање на истата преку парламентарните комисии и пратенички групи, но и на повисоко ниво, со заемни посети. Треба да се најде форма на разбирање, на дијалог за градење добрососедски односи, бидејќи минатото не може да се смени, но иднината може, и тоа ќе се постигне со позитивна волја и добри намери. Членството во ЕУ ќе биде добро не само за нашата земја, туку и за Бугарија и за целиот Регион.

Самата средба испраќа пораки за продлабочување на соработката, подготвеност за отворен разговор и приближување на народите. Во овој контекст, битна е инфраструктурната поврзаност и фокусот да се стави на Коридорот 8, кој е од стратешки интерес.

На крајот, претседателот Гаши посака успешни и мирни претстојни избори во Бугарија, кои ќе донесат стабилна влада, која ќе работи на градење на заемните односи, соопштуваат од Собранието.

притисни ентер