Борисов од Давос: Ги подржуваме напорите на Западен Балкан на патот кон ЕУ

Овие реформи се неопходни како за модернизирањето и развојот  на Западен Балкан, така и за стабилноста и просперитетот на овој стратешки важен регион за ЕУ, посочи премиерот Борисов.

Бугарија постојано ги поддржува напорите на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон членството во ЕУ, забележа бугарскиот премиер Бојко Борисов за време на својот говор на панелот „Дијалог за дипломатијата на Западен Балкан", во рамките на Светскиот економски форум во Давос.

Пред учесниците на панелот бугарскиот премиер акцентот го стави врз исклучително важното задржување на улогата на политиката на проширување на ЕУ како катализатор за реализирање на клучните реформи во земјите од регионот.

-Овие реформи се неопходни како за модернизирањето и развојот на Западен Балкан, така и за стабилноста и просперитетот на овој стратешки важен регион за ЕУ, посочи премиерот Борисов.

Според него, различните иницијативи и формати на регионална соработка во Југоисточна Европа взаемно се дополнуваат во поттикнувањето на политичката, економската и социјалната стабилност во регионот.

-Регионалната соработка, меѓутоа, не е алтернатива на европската интеграција на Западен Балкан. Напротив, таа треба да придонесува за постигнување на стратешката цел за членството во ЕУ на земјите од регионот, истакна бугарскиот премиер.

„Бугарија, заедно со Република Македонија од 1 јануари 2020 година се домаќини на Берлинскиот процес", уште кажа Борисов од Давос. Двете земји, додаде, го презедоа овој одговорен ангажман како природно продолжение на постигнувањата за време на бугарското претседателство со Советот на ЕУ и вадењето на процесот на европската интеграција на Западен Балкан во преден план на политичката агенда на Унијата.

-Приоритетите на заедничкото претседателство со Берлинскиот процес се порзаноста во сите нејзини аспекти: транспортот, енергијата, дигитализацијата, како и поврзаноста меѓу луѓето, особено меѓу младите, вклучувајќи и преку образованието, подвлече премиерот Борисов од Давос. /МИА.

Ужас во Аризона: Татко си ги пронашол двете тригодишни близначки удавени во базен

Полицијата ги објави имињата на близначките кои трагично загинаа откако нивниот татко ги извлекол нивните безживотни тела од базенот во дворот.

Тригодишните девојчиња, Валентина и Пеналапи Руиз, починале во четвртокот во болница во Феникс, Аризона, соопштија официјални лица, пишува Daily Mail..

„Прелиминарните информации сугерираат дека дошло до случајно давење“, соопшти вчера полицијата.

„Во овој момент, нема ништо што откриле иследниците што изгледа сомнително“, рече пожарникарот на Феникс, Роб Мекдејд, за таткото на близнаците кој се јавил на 911.

Мекдејд додаде дека децата биле под вода „неодредено време“ пред да пристигне помошта околу 15:30 часот во четвртокот.

Девојчињата биле итно пренесени во блиската болница каде што биле прогласени за мртви, соопштија официјални лица.

Воздушните снимки од домот покажале базен во облик на бубрег што немал ограда околу него.

Расте бројот на жртвите во поплавите во Бразил- најмалку 57 загинати, 67 исчезнати (ВИДЕО)

Бројот на загинати од поројниот дожд во јужната бразилска држава Рио Гранде до Сул се искачи на 57, соопштија локалните власти, додека десетици се уште не се пронајдени, пренесува Ројтерс.

Цивилната заштита на Рио Гранде до Сул соопшти дека 67 лица се уште се водат како исчезнати, додека повеќе од 32.000 луѓе се раселени поради невремето, кое зафати речиси две третини од 497-те градови во државата, која граничи со Уругвај и Аргентина.

Поплавите уништија патишта и мостови во повеќе региони во земјата. Невремето предизвика и лизгање на земјиштето и делумно уривање на брана во мала хидроцентрала. Друга брана во градот Бенто Гонкалвес исто така е во опасност од уривање, соопштија властите.

Во Порто Алегре, главниот град на Рио Гранде до Сул, езерото Гуаиба се излеа, поплавувајќи ги улиците. Меѓународниот аеродром во Порто Алегре ги укина сите летови на неодредено време.

Во следните 36 часа се очекуваат врнежи од дожд во северните и североисточните предели на државата, но количината на врнежи се намалува и би требало да биде далеку под врвот забележан претходно оваа недела, соопшти државната метеоролошка служба.

Сепак, „нивото на водата во реките треба да остане високо неколку дена“, изјави денеска гувернерот Едуардо Леите во видеото на неговите социјални мрежи, додавајќи дека е тешко да се каже колку долго.

Рио Гранде до Сул се наоѓа на географската точка меѓу тропската и поларната атмосфера, што создава метеоролошка шема со периоди на интензивен дожд и други со суша.

Локалните научници веруваат дека оваа шема се интензивира поради климатските промени.

Обилните дождови веќе го погодија Рио Гранде до Сул во септември минатата година, кога екстратропски циклон предизвика поплави во кои загинаа повеќе од 50 луѓе. Ова се случи по повеќе од две години постојана суша поради феноменот Ла Ниња, со само слаби дождови.

Најбогатата актерка на светот има 3 милијарди долари, но ретко кој ја знае (ВИДЕО)

Кога ќе помислите на најбогатите актерки во светот, веројатно ви паѓаат на ум познати имиња како Џулија Робертс, Сандра Булок, Анџелина Џоли или Џенифер Анистон, но големи се шансите никогаш да не сте го чуле името на најбогатата актерка на светот.

Имено, оваа титула ѝ припаѓа на американската актерка Џејми Герц, чие богатство се проценува на 3,2 милијарди долари. Ако се прашувате која е, не сте единствените затоа што изгледа дека луѓето не можат да се сетат на неа.

58-годишната ѕвезда ја започнала својата кариера во 1981 година со улога во „Бескрајна љубов“ и оттогаш се појавила во голем број филмови, вклучувајќи ги „Изгубените момчиња“, „Твистер“, „Крстопат“, „Помалку од нула“, „Квиксилвер“ и „Шеснаесет свеќи“.

Покрај тоа, таа се појави во хит сериите Seinfeld, The Neighbors, Modern Family и This is Us, а неодамна глумеше во филмот „I Want You Back“ од 2022 година, но таа ретко се појавува на екранот.

Сепак, нејзиното богатство не се должи само на нејзината актерска кариера. Актерката е во брак со милијардерот и инвеститор Тони Реслер, со кого е косопственик на НБА тимот Атланта Хокс. Имаат четири деца, а интересно, кога се венчале во 80-тите, Џејми била хранителка бидејќи компанијата на нејзиниот сопруг пропаднала, но тој подоцна се опоравил и заработил милијарди.

Инаку, официјално најбогатата актерка на светот е холивудската ѕвезда Дина Мерил, чие богатство се проценува на 5 милијарди долари. Мерил починала во 2017 година, со што Џејми сега стана најбогатата жива актерка на светот.

притисни ентер