Бонмати и Ѓоковиќ добитници на спортските оскари за 2023

Шпанската фудбалерка Аитана Бонмати и српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се добитници на наградата Лауреус, таканаречените Оскари за најдобра спортистка и спортист во 2023 година.

Минатата година Бонмати беше избрана за најдобар играч во изборот на ФИФА, а беше прогласена и за најкорисен играч (МВП) на Светското првенство на кое Шпанија ја освои шампионската титула.

Новак Ѓоковиќ ја освои наградата Лауреус по петти пат во кариерата, откако минатата година освои три од четирите грен - слем турнири (Австралија Опен, Ролан Гарос, УС Опен) и играше во финалето на четвртиот (Вимблдон).

Спортистите за наградата Лауреус се номинирани од претставници на светските медиуми, а победниците ги избираат 69 членови на Светската спортска академија Лауреус. Наградата е основана во 2000 година.

Добитници на наградата Лауреус за 2023 година:

Спортистка на годината: Аитана Бонмати

Спортист на годината: Новак Ѓоковиќ

Тим на годината: Шпанска женска фудбалска репрезентација

Најголем напредок: Џуд Белингем

Повратничка на годината: Симон Белс

Најдобра спортистка со попреченост: Диде де Грот

Спортистка на година во акциски спортови: Ариса Трев

Награда за хуманитарна работа: Фондација Рафа Надал. /МИА

Хајди Клум блесна во кожени панталони, привлече внимание со чанта од 26.000 евра

Германскиот супермодел Хајди Клум се појави на снимањето на шоуто „America's Got Talent“ во Пасадена, во кое таа е член на жирито.

51-годишната поранешна манекенка и ТВ водителка се појави во црни кожени панталони, бела маица и црна јакна. Комбинацијата ја комплетираше со црни потпетици, ланче и очила за сонце, а вниманието го привлече со раскошна чанта.

Станува збор за чанта „Hermès“, поточно моделот „Birkin Quadrille“, чија цена се движи од 27.500 до 30.000 долари (24.000 до 26.000 евра).

Да потсетиме, Хајди неодамна позираше на црвениот тепих со колешката од шоуто, актерката Софија Вергара, а со своите изданија мамеа воздишки. Инаку, Хајди е позната и како кралица на Ноќта на вештерките поради необичните костими, а неодамна објави видео во кое покажа дел од костимот за овогодинешната прослава.

Остин во разговор со Галант ја истакна потребата за дипломатско решение за заканата од Хезболах

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин претходно денеска разговарал со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, соопшти Пентагон.

Остин ја „повтори својата загриженост“ поради ескалацијата на тензиите меѓу Израел и Хезболах, се наведува во соопштението, и ја нагласи вербата на САД во „важноста од постигнување дипломатско решение што ќе им овозможи на жителите безбедно да се вратат во своите домови од двете страни на границата“.

Тој му рекол на Галант дека САД продолжуваат да вршат притисок за договор за ослободување на заложниците и прекин на огнот меѓу Израел и Хамас и ја потврдил посветеноста на САД за безбедноста на Израел. /МИА

Германија поднесе кандидатура за домаќин на женското ЕП 2029 во фудбал

Германија е кандидат за домаќин на Европското првенство во фудбал за жени во 2029 година, соопшти денеска Германската фудбалска федерација (ДФБ).

Претседателот на ДФБ, Бернд Нојендорф изјави дека германската кандидатура е „главен проект“ на федерацијата и дека ќе му даде „дополнителен поттик“ на женскиот фудбал во Германија.

Противкандидати на Германија за организација на завршниот турнир се Португалија, Данска и Шведска.

Европската фудбалска унија (УЕФА) официјално ќе го објави името на земјата домаќин во 2025 година.

Генералниот секретар на ДФБ, Хајке Улрих, ја смета Германија за „сигурен домаќин со одлична стадионска инфраструктура и одлична соработка меѓу градовите домаќини и локалните власти“.

Германија беше домаќин на Европското првенство за мажи во 2024, а го организираше ЕП за жени во 1988 година, во Западна Германија и во 2001 година. /МИА

притисни ентер