Оваа мајка на три деца донирала неверојатни 2.645,58 литри млеко до јули 2023 година, соборувајќи го сопствениот рекорд од 2014 година, објави Гинисовата книга на рекорди.
Тогаш, кога првпат го постави светскиот рекорд, донирала 1.569,76 литри. Таа ги испратила сите донации во банката за млеко за мајки во Северен Тексас, а уште повеќе млеко, кое не било вброено во официјалната оценка, донирала на блиски пријателки и на банката за млеко Tiny Treasures.
На прашањето кој е нејзиниот омилен дел од донирањето млеко, Оглетри рече дека „знае дека им помага на другите“.
„Имам големо срце. На крајот на денот, немам многу пари за да продолжам да донирам затоа што имам семејство за издржување. Ако проценката од три бебиња по унца е точна, помогнав на повеќе од 350.000 бебиња“, изјави Оглетри за Гинисовата книга на рекорди.
Сѐ започнало во 2010 година кога го родила својот прв син, кој сега има четиринаесет години. Таа тогаш не знаела дека има можност да донира млеко, сѐ до моментот кога сфатила дека произведува повеќе млеко од вообичаено.
"Премногу лачев и фрлав млеко, несвесна дека хиперпродукцијата е единствена и дека другите мајки се мачеа со недоволно млеко. Нашиот прв син Кајл беше во болница, а јас го полнев замрзнувачот во собата на медицинската сестра. Медицинската сестра ме праша дали размислувам за донирање, што дотогаш не ми паднало на памет и така дознав за таа можност. На крајот донирав сѐ што имав собрано дотогаш и продолжив да донирам некое време", објаснила таа.
Таа продолжила да донира и по раѓањето на другите два сина, и откако еднаш била сурогат мајка.