Бизнисот со првични проценки за загубите, банките со поповолни услови за постојните кредити

Граѓаните и компаниите кои имаат или ќе имаат потешкотии  со подмирување на обврските за земените кредити поради состојбата со коронавирусот ќе можат да добијат поповолни договорни услуги од банките.

Народната банка вчера донесе регулаторни измени кои им овозможуваат на банките и штедилниците да понудат поповолни услови за компаниите и физичките лица кои пред 29 февруари годинава немале проблем со отплатата, односно нивните кредити не биле класифицирани како нефункционални.

-Измените значат поголема флексибилност на банките и штедилниците при промена на договорните услови за отплата на кредитите во поповолна насока за клиентите, во зависност од процената на потребата и финансиската способност на секој поединечен кредиторокорисник. Поповолните услови може да значат привремено одлагање на обврската за плаќање (грејс период), пролонгирање на рокот на достасување, пониска каматна стапка, одобрување на нов поповолен кредит за затворање на постоечкиот и сл., со што се овозможува намалување на тековниот товар на граѓаните и компаниите во справувањето со негативните притисоци од пандемијата, информираа од Народната банка.

Промените на договорните услови извршени до 30 септември годинава нема да се сметаат за реструктурирање на кредитната изложеност. Со тоа, на граѓаните и компаниите кои до почетокот на март немале проблем со отплатата на кредитите им се овозможува и непречен натамошен пристап до кредитна поддршка.

Со регулаторните измени се олеснува и условот за класификација на одреден кредит како нефункционален, односно пристап согласно со кој банките и штедилниците имаат обврска како нефункционални да ги евидентираат кредитите што се со задоцнување подолго од 90 дена, сега критериумот за премин во нефункционално побарување се поместува на 150 дена.

Од Македонската банкарска асоцијација вчера информираа дека нејзините членки се подготвени да излезат во пресрет на сите барања од граѓаните и компаниите кои се соочуваат или ќе се соочат со времена неможност за отплата на кредитите. Оттаму ги оценија како позитивни најновите мерки на Народната банка.

– Заради отстранување на било какви дилеми и шпекулации, би сакале да појасниме дека овие мерки не значат мораториум на отплатата спрема банките и штедилниците, туку даваат можност на брз и ефикасен начин да се излезе во пресрет на сите оние на кои тоа им е потребно во моментов и месеците кои се пред нас. Сите сме дел од ова општество и оваа економија и затоа е потребно со внимателно управување со ресурсите со кои располага нашата економија на најдобар можен начин да се соочиме со проблемите и кога оваа криза ќе помине да продолжиме со најмали можни последици за секое наше семејство, компанија, нашиот економски и финансиски систем и општеството во целина. Нашите членки, банките, штедилниците, Клириншката куќа и Македонското кредитно биро ќе дадат максимален придoнес во тој правец, информираа од Македонската банкарска асоцијација.

Од друга страна, бизнис секторот почна да прави проценка на првичните трошоци кои произлегоа од ослободувањето на дел од вработените од работните обврски во рамки на мерките за справување со коронавирусот. Според првичните проценки на Стопанската комора на Македонија направени врз основа на анкета спроведена кај 115 компании, првичните трошоци на компаниите се движат од 360.000 до 4.500.000 денари.

Главниот советник во Управниот одбор на Комората, Зоран Јовановски, вчера на прес-конференција истакна дека неповолните економски трендови од март, ќе прoдолжат и во првата половина од април.

– Досега преземените мерки од страна на Владата ги сметаме за првични со оглед дека постоеја ограничувања од правен аспект. Сега, со прогласувањето вонредната сотојба, постои целосна слобода за преземање и нови мерки, нагласи Јовановски, додавајќи дека во овој момент на стопанството му е неопходна финансиска инјекција.

Првичниот удар од кризата предизвикана од коронавирусот го почувствува услужниот сектор пред се туризмот, хотелиерството, рестораните и трговијата, но последиците од кризата ги опфаќаат и останатите сектори. Евидентни се нарушувања на ликвидноста и губење на побарувачката. .

Анкетата покажува дека вкупниот број отсутни работници е 1.092, што е 7,9 отсто од вкупниот број вработени во анкетираните претпријатија (13.818). Притоа, 36,5 проценти од претпријатијата имаат помеѓу нула и двајца отсутни работници, 17,4 отсто имаат три до пет отсутни работници, 11,3 отсто се со шест до 10 отсутни, а 8,7 отсто од претпријатијата имаат 11 до 20 отсутни.

Околу 60 отсто од компаниите пријавиле дека имаат потреба од реорганизација на работата заради новонастанатата ситуација. Приближно 36 проценти од претпријатијата пријавиле дека имаат дополнителни трошоци поврзани со реорганизирање на работата, a oстанатите 64 отсто изјавиле дека засега немаат трошоци за реорганизација. Во однос на други дополнителни трошоци, 18 проценти од претпријатијата пријавиле дека имаат трошоци со дезинфекција на работните простории, шест отсто трошоци за откажани аранжмани, пет проценти за кирија, а 30 отсто други трошоци и проблеми (трошоци за магацин за производи чиј извоз е одложен заради кризата, дополнително задржување на возила, прекинат процес на дистрибуција, неможност за наплата и извршување на обврски, намален промет). /МИА

Чола „тежи“ 25 милиони евра, a носи часовник вреден 2.000 евра

Според познатиот американски сајт „Celebritynetworth“, Здравко Чолиќ е еден од најбогатите пејачи на Балканот. Според податоците од 2021 година, неговото богатство се проценува на 25 милиони евра.

Иако има толку милиони, Чола отсекогаш бил скромен, а сега тоа го докажа уште еднаш - со изборот на својот часовник. Така, пејачот на зглобот носи часовник вреден „само“ 2.000 евра . Како што стои на Инстаграм профилот „Sat na ruci“, се работи за часовник од брендот „TAG Heuer Carrera“ со челично куќиште и функција хронограф.

Здравко отсекогаш нагласувал дека финансиите отсекогаш му биле слаба страна, иако по професија е економист.

- Човекот не може да го смени темпераментот, не мислам на начинот на трошење и начинот на живеење, но тоа ми беше малку претерано и така е и денес - изјави тогаш Здравко.

Тој откри на што најмногу ги трошел хонорарите.

- Никогаш не сме имале толку високи хонорари. Патувањето и гардеробата беа фетиш во седумдесеттите и осумдесеттите. Никогаш немав големи материјални желби. Моето беше да одам некаде, на море или да направам некоја забава и да потрошам таму, но никогаш немав желба да купам часовник. Не страдав од тоа – скромно вели пејчачот.

Извор: Аваз

Најчестите знаци на прекумерно внесување шеќер

Внесувањето шеќер во големи количини е штетно за човековото тело и тоа ја зголемува опасноста од дијабетес и многу други болести. 

Дополнителен проблем е што шеќерот се наоѓа и во намирници коишто не се благи, па затоа е важно да се внимава на составот на секојдневните хранливи производи. Нутриционистката Брук Алперт и лекарката Ребека Казин предупредуваат на најчестите знаци на прекумерно внесување шеќер коишто ги испраќа самото тело.

Постојано копнеење за слатки

Шеќерот предизвикува зависност. Ова е затоа што сензорите за вкус се адаптирале на благото и на тој човек му треба сѐ повеќе благо, за да го добиете истиот вкус, но и истото задоволство како и првиот пат, слично како дрога. Поради сѐ тоа, докторите советуваат навремена контрола на внесувањето шеќер.

- Со тоа што јадете многу шеќер, предизвикувате хормонален одговор во Вашето тело што е како бран. Ве крева, а потоа Ве треснува од земја, и тоа го поттикнува Вашето тело да бара повеќе шеќер, појаснува Алперт.

Промени во расположението

Премногу внесен шеќер може да значи моментна „еуфорија“. И обратно... Падот на шеќерот во крвта може да предизвика пад и во расположението и поголема нервоза и вознемиреност.

Тромавост

Откако шеќерот ќе го предизвика почетниот скок на енергијата, тој предизвикува и пад. Енергијата е најстабилна кога шеќерот во крвта е стабилен, така што кога се консумира премногу шеќер, има и падови во енергијата. Премногу шеќер честопати значи и недоволен внос на протеини и влакна.

Пукање на кожата

Д-р Ребека Казин смета дека некои луѓе се чувствителни на напливи на инсулин поради прекумерно внесување на шеќер. Тоа може да предизвика нарушување на хормоните, што води, на пр., до сува кожа, ранички, акни и сл.

Дебелеење

Вишокот шеќер значи - вишок калории, а во недостиг на протеини или влакна, шеќерот нема никаква хранлива вредност. Сѐ тоа, заедно со ослободувањето инсулин, ја покачува телесната тежина, но и ја зголемува опасноста од појава на дијабетес.

Кога се јаде премногу шеќер, на телото „му се кажува“ да лачи повеќе инсулин, а подоцна, тоа прекумерно лачење може да доведе до отпорност кон инсулин. Отпорноста пак, значи дека телото нема да може правилно да реагира на нормални количини инсулин и правилно да го користи шеќерот.

Премногу кариес

Кога бактериите ги разјадуваат честичките храна меѓу забите, се создава киселина што постепено предизвикува расипување на забите. Плунката сама по себе одржува здрава рамнотежа на бактерии, но шеќерот може да влијае на пе-ха вредноста и да го наруши тој природен сооднос. Неправилното размножување на бактериите, всушност, води кон расипување на забите и кариес.

Мозочна магла

Деконцентрацијата што обично се јавува после оброк е симптом на низок шеќер во крвта. Кога се јаде многу благо, пак, нивото шеќер во крвта се зголемува и опаѓа, наименично и брзо. Тоа, според стручњаците, ја зголемува расеаноста, и укажува на задолжителна контрола на внесот на шеќер.

Ништо не е така слатко како порано

Премногу шеќер предизвикува сензорите за вкус да се навикнат на слатките вкусови, па затоа човекот бара сѐ повеќе шеќер за да ја задоволи својата глад за слатко. Меѓутоа, тука се препорачува свесно намалување на благото и самоконтрола. На тој начин, по извесно време, телото повторно ќе се навикне и ќе се задоволува со малку шеќер. /МИА

Борел повтори дека Рафа не смее да биде нападнат

Го повика Израел да се вклучи во мировниот процес.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека партнерите на Израел и соседните земји имаат заеднички став дека градот Рафа на југот од Појасот Газа не смее да биде нападнат и ја повика израелската влада конструктивно да се вклучи во политичкиот мировен процес.

Борел на Х напиша дека меѓународната заедница, исто така, едногласно бара итно ослободување на сите заложници кои ги држи Хамас во Појасот Газа.

Тој истакна дека Израел не може да го уништи Хамас по цена на убиени илјадници палестински цивили и оти понатамошното раселување на повеќе од милион ранливи Палестинци би било „погубно“.

- Ја повикуваме владата на Израел да ги послуша повиците на меѓународната заедница и конструктивно да се вклучи во политичкиот мировен процес, наведе Борел. /МИА

притисни ентер