БиХ: Обвинение против 15 лица и шест приватни универзитети поради фалсификување дипломи

Обвинителството на Босна и Херцеговина подигна обвинение против 15 лица и шест приватни универзитети од Мостар, Бања Лука и Брчко, кои се обвинуваат за фалсификување дипломи. 

Според обвинителното соопштение, обвинетите се товарат за здружување за извршување на кривични дела, корупција и незаконска трговија со десетици високообразовни дипломи.

Дипломите се од областа на економија, право, техничко-инженерски науки, здравство и менаџмент.

Обвинителството на БиХ истакнува дека обвиненијата се резултат на опсежна истрага спроведена во соработка со Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) во изминатите две години, при што се собрани илјадници материјални докази и се сослушани 130 сведоци, вклучувајќи и членови на академската заедница.

Истрагата утврди дека се издадени најмалку 49 високообразовни дипломи кои ќе се бараат да се поништат согласно законските постапки, бидејќи е утврдено дека тие дипломи се купени, а лицата на кои се издадени не учествувале во наставата.

Дипломите се купувале за сума од неколку илјади евра, што, според обвинителството, предизвикало голема штета на системот на високо образование во земјата.

Меѓу обвинетите се Зоран Калиниќ, ректор на Независниот универзитет од Бања Лука, Драган Илиќ, сопственик на Високата школа за применети и правни науки од Бања Лука, Владимир Стојановиќ, ректор на Универзитетот за модерни науки ЦКМ од Мостар, Драган Ѓурановиќ, ректор на Универзитетот за бизнис менаџмент од Бања Лука, Денис Прачиќ, вработен во Високата школа „Унион“ Мостар како менаџер и на Универзитетот за модерни науки Мостар, Љубиша Тодоровиќ, вработен во Високата школа „Прометеј“ Бања Лука и ЦКМ Универзитетот Мостар.

Обвинети се и Драган Голијан, професор на универзитетот „Victoria International University“ од Мостар, како и Војислав Шкрбиќ, професор емеритус на „ПИМ“ Бања Лука.

Како правни лица обвинети се Независниот универзитет за политички и социјални науки „НУБЛ“ Бања Лука, Високата школа за применети и правни науки „Прометеј“ од Бања Лука, Универзитетот за бизнис инженеринг и менаџмент „ПИМ“ Бања Лука и нивната подружница во Брчко, универзитетот „Victoria International University“ од Мостар, Високата школа „Унион“ од Мостар и Интернационалниот универзитет Брчко.

За време на судењето, кое се очекува наскоро, обвинителите ќе ја докажуваат вината на обвинетите со сведочење на околу 70 сведоци, осум стручни вештаци и повеќе од три илјади материјални докази.

Денеска прва седница на новата британска влада на Кир Стармер

 Новиот премиер на Велика Британија, Кир Стармер, денеска ќе претседава со првиот состанок на неговиот кабинет по историската победа на Лабуристичката партија на изборите одржани во четвртокот.

Новиот премиер вчера ги именуваше членовите на својот кабинет, во кој функцијата шеф на дипломатијата му припадна на Дејвид Лами.

За првпат по 800 години на чело на Министерството за финансии застанува жена, Рејчел Ривс, Вес Стритинг е министер за здравство, а Бриџит Филипсон е министер за образование.

Салвини: Аеродромот во Милано ќе го носи името на Берлускони

Вицепремиерот на Италија Матео Салвини изјави дека аеродромот Малпенса во Милано ќе го носи името на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони.

Салвини изјави дека Управниот одбор на италијанската Национална управа за цивилно воздухопловство ENAC вчера го одобрил барањето поднесено од регионот Ломбардија пред една година.

- Конечната одлука е на министерот за инфраструктура и сообраќај и јас сум подготвен да го ставам последниот потпис, со гордост и емоции, во спомен на мојот пријател Силвио, голем претприемач, голем Миланец и голем Италијанец, напиша Салвини на X.

ЕВРО2024: Битка за двете последни полуфинални места

 Полуфиналните пресметки на Европското фудбалско првенство ќе бидат комплетирани денеска по одигрувањето на двете преостанати четвртфинални натпревари меѓу Англија – Швајцарија и Холандија – Турција.

Саботната четвртфиналната програма стартува во 18 часот со дуелот меѓу Англија и Швајцарија во Дизелдорф.

Англискиот селектор Герет Саутгејт на дуелот против Швајцарија по јубилеен 100. пат ќе ја предводи Англија од клупата.

Последниот полуфиналист на ЕВРО2024 ќе го даде победникот од вечерашниот дуел со почеток во 21 часот меѓу Холандија и Турција во Берлин.

Пласман меѓу четирите најдобри селекции вчера обезбедија Шпанија и Франција, кои ја сочинуваат првата полуфинална пресметка.

притисни ентер