Бибер: Договорот од Преспа го враќа кредибилитетот на ЕУ

Договорот од Преспа е решение кое е добро за кредибилитетот на ЕУ, но и за другите земји од Балканот.

Со неговата ратификација во грчкиот Парламент се отстранува и последната пречка, тоа прашање ќе се реши и веќе нема да биде можно враќање по старо, оценува политичкиот аналитичар и професор на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер.

Во интервју за Дојче веле, Бибер истакнува дека постојат отпори што се гледа и по демонстрациите во Грција и однесувањето на опозицијата во Македонија, но смета дека е малку веројатно оти ќе се спречи ратификацијата и примената на Договорот од Преспа.

Македонија, нагласува Бибер, со договорот добива многу – членство во НАТО и перспектива за интеграција во ЕУ, а Грција, според него, можела и понатаму да продолжи да живее и без договорот.

За отворената поддршка на германската Влада на Договорот од Преспа и отстранувањето на блокадите за интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ, Бибер вели дека грчкото вето уште од почеток било бламажа за ЕУ, проблематичен и некредибилен чекор.

– Сметам дека Германија правилно постапи што инсистираше овој конфликт да се реши. Сега не само што се отвора можност за пристапување на Македонија во НАТО, туку целиот процес за перспективата за евроатлантската интеграција на Западен Балкан станува покредибилен и полесен. Процесот ќе зависи од внатрешните политички реформи во земјата, а не од симболични надворешни причини, вели Бибер.

Прашан дали постои реална опасност од дестабилизација на Балканот ако Македонија остане надвор од НАТО и ЕУ, Бибер оценува дека дестабилизацијата не настанува од тоа што една земја нема да биде примена, но немањето перспектива секако влијае дестабилизирачки и за земјата и за регионот.

Немањето перспектива може да се одрази негативно на демографскиот и на економскиот развој на земјите, но и на односите со ЕУ. Затоа, според него, секоја земја во регионот треба да има јасна перспектива за прием во ЕУ и НАТО, што за Македонија се овозможува со Договорот од Преспа како позитивен сигнал и за другите држави во регионот. /МИА

Белата куќа со осуда за „малиот процент“ студенти за предизвикување немири на универзитетите

 Белата куќа осуди „мал процент студенти, поттикнувачи на немири“ по ноќните судири и апсења во одредени американски кампуси кои протестираат против војната во Газа.

„Студентите имаат право да посетуваат настава и да се чувствуваат безбедно“, рече портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер на прес-конференција, додавајќи: „Ќе продолжиме да нагласуваме дека антисемитизмот мора да биде осуден“.

Според американски медиуми, околу 1.000 луѓе се приведени во судирите на универзитетите ширум САД, и според податоци обезбедени од полицијата и властите во Њујорк, околу 300 луѓе биле приведени на Универзитетот Колумбија, центарот на протестите поради војната во Газа со обвиненија за прекршок, кражба и помали кривични дела.

На Универзитетот во Калифорнија во Лос Анџелес, попознат како UCLA, не се одржуваа часови. Таму во текот на ноќта избувнал конфликт кога, како што пренесуваат американски медиуми, група произраелски демонстранти се обиделе да ги урнат барикадите зад кои во шатори се наоѓале пропалестинските демонстранти.

Неколку часа пред да избијат немирите во UCLA, полицијата упадна во зградата на Универзитетот Колумбија во Њујорк, окупирана од антивоени демонстранти, завршувајќи го протестот кој ја парализираше институцијата.

Протести избија во околу 30 универзитети во САД, со барање САД да престане да го поддржува Израел и со компаниите кои ја поддржуваат војната во Газа. Тоа е убедливо најголемиот студентски протест во САД во 21-от век, а полициската реакција што следеше потсетува на сцени од 1960-тите кога имаше огромно студентско протестно движење против Виетнамската војна, јавија американските медиуми. /МИА

Во Србија продолжува парламентарна расправа, се чека гласање за новата влада

Српскиот парламент претпладнево ќе ја продолжи првата вонредна седница на која единствена точка на дневен ред е избор на Влада и давање заклетва на претседателот и членовите. 

Се очекува дискусијата да продолжи, по што пратениците треба да гласаат, јавија српските медиуми.

Продолжението на првата вонредна седница на Националното собрание во актуелното свикување е закажано за девет часот. На седницата, која почна вчера, излагање поднесе претставникот за состав на новата Влада Милош Вучевиќ.

Во тричасовното обраќање пред пратениците, меѓу другото, тој истакна дека владата што ја предлага ќе биде влада на континуитет во најголема мера, како и дека полноправното членство во ЕУ останува стратешки приоритет на Србија. Тој наведе и дека најголемиот предизвик на новиот кабинет ќе биде одбраната на суверенитетот, ќе се предложи задолжителен воен рок од четири месеци. Вучевиќ порача дека членовите на Владата мора да бидат тим, дека секогаш мора да бидат подготвени да ги штитат националните и виталните интереси на Србија, а неговото прво и единствено барање е несомнената лојалност кон татковината. На Собранието му предложи 31 член на кабинетот, меѓу кои има осум нови личности. /МИА

Земјотрес од четири степени во поширокото подрачје на Лос Анџелес

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер синоќа го погоди поширокото подрачје на Лос Анџелес, соопшти Сеизмолошкиот институт на САД.

Земјотресот се случил во областа Корона, во близина на Лос Анџелес, објави Фокс.

Земјотресот бил почувствуван во пошироката област, западно до Лос Анџелес, Лонг Бич, округот Оринџ и Санта Кларита./МИА

притисни ентер