Атаман и се закани на Евролигата: Внимавајте што правите, Панатинаикос може да оди во НБА

Кошаркарскиот тренер на Панатинаикос, Ергин Атаман, ги предупреди евролигашите да внимаваат што прават, бидејќи неговиот тим може да го напушти ова натпреварување и да се пресели во НБА лигата.

Турскиот стручњак ова го кажа при промоцијата на новата клупска апликација, и по триумфот над Макаби 93:87 во натпревар во кој имаше многу поплаки за судењето.

-Панатинаикос е голем клуб, можеби и најголемиот во Европа. Ја имаме најдобрата сала во Европа, ги имаме најдобрите навивачи во Европа, имаме најдобри резултати во Европа, а сега ја имаме и најдобрата апликација. Челниците на Евролигата треба да размисли како се однесуваат со нас, бидејќи можеби ќе добиеме покана да играме во НБА лигата, но тамошните клубови се плашат да играат во нашата сала, изјави Атаман.

Сепак, ова веројатно беше само шега како дел од маркетиншката кампања за промоција на новото партнерство, но ова не е прв пат Атаман да ги поврзува Панатинаикос и НБА лигата.

-Бостон ја освои титулата во НБА лигата и на социјалните мрежи оставија порака „шампиони на светот“, а потоа од Евролигата одговорија дека овој тим треба прво да го победи овој тим и ја објавија нашата фотографија. Американците имаат високо мислење за себе, а јас им велам ако мислат дека се најдобри на светот, нека дојдат да не победат нас, шампионите на Европа, изјави Атаман пред неколку месеци./МИА

Ангеловска-Бежоска на Конференција во Тирана

Банкарските системи во регионот имаат капацитет да поддржат забрзана конвергенција.

Во изминативе неколку години имаше доходовна конвергенција во регионот на Западен Балкан, но таа се одвиваше побавно. За нејзиното забрзување од особена важност е справувањето со структурните пречки, за што е важна и поддршката од финансискиот систем. Ова го истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата на гувернерите од регионот којашто се одржа во Тирана, Албанија, во организација на Централната банка на Албанија и Асоцијацијата на финансиски институции на Албанија, а на којашто присуствуваше и вицегувернерот Фадил Бајрами. Панел-дискусијата на која учествуваа и гувернерот на Албанија, гувернерот на Косово и вицегувернерот од Црна Гора, ја водеше Пол Томсен, поранешен директор на Одделот за Европа на Меѓународниот монетарен фонд.

Доходовната конвергенција во регионот, од 2019 година па досега, забрза просечно за околу 2,6 п.п., што е значително побавно во споредба со периодот пред глобалната финансиска криза. Сегашното нивото на доходот во регионот и натаму е ниско и изнесува околу 42% од доходот во ЕУ. Причините за бавната конвергенција се главно структурни и можат да се поврзат со трите долгорочни фактори за раст: човечкиот капитал, физичкиот капитал и продуктивноста. Оттаму, забрзувањето на конвергенцијата наметнува потреба од забрзување на структурните реформи, процес којшто е скап и за кој се потребни соодветни извори на финансирање.

Во овој контекст, од голема важност е што банкарскиот систем добро се справи со претходните шокови и успеа да го зајакне својот капацитет за обезбедување соодветна финансиска поддршка за раст на економијата. Кај нас адекватноста на капиталот оствари највисок раст во регионот и е највисока во последните две декади, ликвидноста традиционално е на високо ниво, а квалитетот на кредитното портфолио е значително подобар во однос на претпандемичниот период. Сепак, се очекува натамошно зголемување на степенот на финансиско посредување, но и негово унапредување преку поголема дигитализација. Значаен исчекор кон оваа цел може да биде и членството во Единствената област за плаќање во евра СЕПА, со што нашиот систем ќе биде поинтегриран во европскиот платежен систем, обезбедувајќи бројни придобивки за граѓаните и компаниите.

Кабинет на гувернерот

„Жените на Пучини“ на 19 ноември, 20.00 ч. во фоајето на Националната опера и балет

На 19 ноември со почеток во 20.00 часот во фоајето на Националната опера и балет ќе се одржи ексклузивен гала настан, насловен како „Жените на Пучини“, во рамките на проектот „Месец на Пучини“.  

Публиката ќе има единствена можност да ужива во изведбите на некои од највпечатливите и најпопуларни арии од големиот италијански композитор Џакомо Пучини. На ексклузивниот гала настан ќе настапат нашите оперски солистки: Весна Ѓиновска Илкова , Сандра Митровска, Павлина Новакова Георгиев, Злата Тошевска, Александра Лазаревска Василевски, Катерина Стојановска, Билјана Јосифов и Илина Митревска, со пијано придружба: Андреј Наунов, режисер на настанот е Дејан Прошев.

Во исто време во фоајето е поставена изложба од богатата архива на Националната опера и балет, насловена како „Пучини низ историјата на МОБ“.

Како институција, имаме одговорност да ја негуваме уметноста и да ја пренесеме на идните генерации. Посветени сме да ја збогатиме културната сцена во земјата преку репертоар и настани прилагодени за сите возрасти.

Овој настан претставува кулминација на нашата годишна културна понуда и можност за дружење со уметниците и креативниот тим на Националната опера во извонредна атмосфера.

Бројот на билетите е ограничен!

Изложбата „Кумановски графичари 2024“ ќе биде отворена вечерва по десетти пат

- Биеналната изложба на графики „Кумановски графичари 2024“ ќе биде отворена вечерва по десетти пат. Кумановци ќе имаат можност да разгледаат 22 графики, изработени во последните неколку години од десет автори. 

Станува збор за изложба на графики на која учествуваат локални уметници последниве дваесет години.

-Се работи за неизложувани дела работени во различни временски периоди на коишто се воочува силен авторски печат и желба за остварување на авторска слобода во изразот. Тоа, пак, ќе резултира во креации со повеќеслојна ликовна естетика, карактеристична за експресивно-апстрактниот израз на современата графика. Во техничка смисла следиме и сè поголемо присуство на дигиталната графика како и обидите за експериментирање коишто често пати излегуваат од дефиницијата на графичко дело или ако сакате разбирањето на графиката како уметност на мултиоригиналот. Севкупно гледано, пред нас имаме една интересна колекција на графички листови којашто, се надеваме, ќе предизвика интерес кај пошироката публика, изјави Роберт Цветковски, историчар на уметноста, од НУЦК „Трајко Прокопиев“.

На изложбата учество зедоа следниве академски графичари: Александар Стефановски, Валентина Илијевска, Зоран Јакимовски, Милена Арсовска, Мирослава Цветковиќ, Симона Јакимовска, Стефан Анчевски, Стефан Јакимовски, Тања Соларска-Темелковски и Ханифе Ислами.

Изложбата предизвикува интерес и кај локалната и кај македонската публика и континуирано ја следи кумановската графичка сцена. „Кумановски графичари“ е поддржана од Министерството за култура. За јавноста ќе биде отворена до 28 ноември.

притисни ентер