Изјавите на премиерот Заев за можноста македонскиот јазик да се изучува во Грција, го поткопува и Преспанскиот Договор и Времената Спогодба од 95-тата, вели во интервју за телевизија Антена, поранешниот министер за надворешни работи и творец на Договорот за името, Никос Коѕијас.
Прашањето - кој јазик ќе се изучува во Грција е единствено во наша надлежност, појаснува Коѕијас, прашан што би направил ако се уште беше дел од Владата на Ципрас.
-Ќе го потегнев за уши на сите начини, и од НАТО, од Европската унија и од Нимиц. Во однос на спорниот член 49 од македонскиот устав, тој треба да се промени. Во него треба да има референца, налик на онаа во грчкиот Устав, каде не се зборува за постоење малцинство, кое живее во друга држава, на пример во Германија, изјави Никос Коѕијас, поранешен министер за надворешни работи на Грција
Токму членот 49 од Уставот, како и членот 36, во изминатиов период беа најспорните прашања за Атина. Членот на кој реагира Коѕијас, ќе претпри измени со последниот од четирите предложени амандмани, според кој, македонскиот народ во соседните земји, се менува со македонскиот народ во странство, за да се избегнат иредентистичките елементи.
*Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји;
*Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство;
Забелешки на истиот став од овој амандман, има и универзитетскиот професор Фрчковски, кој смета дека македонскиот народ во странство, треба да се замени со зборот дијаспора.
-Третиот став, Републиката се грижи, по мое мислање дека треба да стои само дијаспората. Републиката се грижи за припадниците на дијаспората. Тоа подразбира што е дијаспора, не се навлегува која дијаспора, вели Љубомир Фрчковски, универзитетски професор
Премиерот Заев на вчерашната прва дебата за уставните измени рече дека македонската влада е во постојани косултации со Грција околу содржината на нацрт-амандманите.