ИЗДРЖИ СРЦЕ

Од понеделник до петок, со почеток во 21 часот, уживајте во нова првокласна серија! „Издржи срце“ - исклучително топла и емотивна семејна серија, од понеделник до петок на Канал 5!

Во продолжение, да им дозволиме на главните ликови да ни се претстават.

Се викам Елван. Сопруга на Тахир, и мајка на две прекрасни деца: Селим и Севил. Живееме во сиромашен кварт во Истанбул, а мене животот ми е секојдневна борба со сиромаштијата. Работам на две работни места за да можам да ги школувам децата и да им обезбедам барем скромен живот. Мојот сопруг е коцкар, алкохоличар. Немам никаква поддршка од него. Сите пари што ги заработува, ги дава на коцка.

Животот никогаш не бил дарежлив кон мене. Уште како мала останав сама. Откако почина мајка ми, татко ми се прежени, и одвај дочекав да наполнам 18 години за да побегнам од дома.

Побегнав со Тахир, но за жал, многу брзо мојата голема љубов кон него, прерасна во разочарување.

Но ајде, да не се жалам премногу. Фала му на Бога, Селим и Севил се прекрасни деца и се смислата на мојот живот.

Севил израсна во вистинска убавица. Паметна, скромна, ќерка за пример, а Селим.. Селим е моето мажиште кое сонува да стане фудбалер. Неговата љубов кон фудбалот е неизмерна. Неоставрена желба му е неговиот омилен клуб да го гледа на стадион.

Горда сум на нив. Знаат да почитуваат и да го ценат тоа што го имаат.

Но, велат, една секунда е доволна за да ти се промени животот од корен. Токму една таква секунда, мојот живот го претвори во кошмар!

Селим, мојот малечок Селим, го удри кола. Возачот кукавички избега. Го остави да лежи на улица. Тоа беа најтешките и најболните часови во мојот живот. Бев скршена од болка, не знаев дали мојот син ќе преживее...

И, замислете, додека јас бев во болница и се молев Селим да преживее, Тахир ја продал душата на нашиот син.  Богатото семејството Шанал - виновниците за состојбата на нашиот син, за да се спасат од казната што ги чека, му платиле на мојот сопруг голема сума пари, а тој нечесникот, ги прифатил...

Боже, Боже... Каков е тој татко што си го продава сопствениот син за крвави пари?

Не издржав! Го убив! Со сопствени раце го убив!

И нормално, завршив в затвор!

Од овој момент започнува мојата борба, борбата за моите деца!  Иако животот е немилосрден со мене, ќе ги пребродам и овие тешки денови, само моето дете да оздрави, а ќерка ми да ми прости.

Се викам Севил. Живеам со родителите и брат ми. Едвај крпиме крај со крај, но благодарна сум им на моите родители што се борат да ни обезбедат скромен живот.

Мајка ми Елван е силна жена. Работи на дури две работни места, а се грижи и за домот. Таа е столбот на нашето семејство.

Татко ми Тахир е ретко дома, има тезга на пазар. Работи по цел ден, а навечер доаѓа доцна. Честопати доаѓа и пијан, па се караат со мајка ми. Јас знам дека сето тоа е последица на сиромаштијата.

Затоа јас учам. Не сакам кога ќе оформам семејство, да живеам ваков живот како моите родители. Но, најпрво ќе треба да се појави љубовта на мојот живот...

А дотогаш..? Дотогаш, брат ми Селим е мојата најголема љубов и гордост. Тој е полн со живот. Живее за фудбалот и сонува дека еден ден ќе стане познат фудбалер. Вежба посветено и најголемиот дел од денот го поминува на улица... На истата онаа улица, на која и се случи најголемата несреќа за нашето семејство.

Селим го удри кола, а возачот избега и го остави да лежи беспомошно.

Мојот мил брат! Tолку мал, а веќе врзан за постела. Ќе преживее ли? Ќе може ли повторно да ме вика „дадо“ и силно да ме држи во прегратка?

Скршена од болка, за кратко време животот ми приреди уште еден удар. Со крвави раце, на прагот од нашата семејна куќа, ја видов мајка ми, а татко ми беше мртов...

Семејството  ми се распадна!

Како ли ќе издржи срцево мое толкава болка?

Се викам Атиф. Син единец сум, на едно од најбогатите семејства во Истанбул -  семејството Шанал. Живеам со мајка ми и татко ми, и можам да се пофалам дека од нив добивам се’ што ќе посакам.

Моите родители никогаш не биле строги со мене. До душа, татко ми ретко го гледам, зашто постојано патува. Изгради цела империја за нас. А мајка ми, таа е постојано со мене... Дури понекогаш и ми пречи нејзината грижа. Се однесува како да сум мало дете. А тоа што сака да ми ги наметне своите мислења и ставови, уф... Тоа, од едното влегува од другото излегува. Го живеам животот по свои правила!

За мене, животот е авантура. Друштво, забави, адреналин.

 Но, еден ден, една секунда од моето невнимание, животот ми го претвори во кошмар. Прегазив дете! Кутрото, трчаше по топката, а јас не го видов. Се уплашив и побегнав!  Како најголема кукавица!

Дојдов дома, вознемирен, испаничен... Мајка ми и татко ми средија, наместо јас, во полиција да се пријави друг човек како виновен, а мене ме испратија во Амстердам.

Но далечината не ми го намали чувството на вина. Постојано и насекаде ме прогонуваше ликот на детето кое беспомошно лежеше на улицата. Се прашував како е? Дали ќе преживее?

Не издржав. Се вратив во Истанбул, зашто болката што ја чувствував беше неиздржлива. Се вратив и веднаш побарав да го видам детето, да го запознаам, да се извинам. Бев спремен да си ја одлежам казната. Но мајка ми ме увери дека детето е добро, дури и ме однесе да го видам.

Така, животот ми се подели на два дела, како живот пред и живот по несреќата. Се променив. Јас повеќе не сум истиот Атиф Шанал...

притисни ентер