Во Велес ќе се одржат 51. Детски Рацинови средби

Свеченото отворање на манифестацијата  51. Детски Рацинови средби посветени на поетот и револуционер Коста Солев Рацин во неговиот роден Велес е  денеска во 12:30 часот во салата „Бели мугри" при Градската библиотека.

Свеченото отворање на манифестацијата 51. Детски Рацинови средби посветени на поетот и револуционер Коста Солев Рацин во неговиот роден Велес е денеска во 12:30 часот во салата „Бели мугри" при Градската библиотека, каде ќе бидат врачени наградите на најдобрите ученици по распишаниот литературен и ликовен конкурс „Рацин, денес, вчера утре", а ќе се одржи и културно уметничка програма.

Програмата ќе започне претладнево во медиотеката на Градската библиотека со Поетска работилница и доделување пофалници на учесниците, а во исто време во Ликовниот салон учениците ќе изработуваат постер на тема „Рацин, денес, вчера, утре", а ќе им бидат доделени и пофалници.

Потоа учесниците-ученици од голем број основни и средни училишта од повеќе градови од земјава, ќе му се поклонат на големиот Рацин на двата споменика, во центарот на градот и пред гимназијата која го носи неговото име.

Програмата ќе продолжи во ООУ „Блаже Конески" со „Поетско перо низ страниците на детските списанија".

Веднаш потоа во „Сокачето на поезијата" пред Спомен куќата на Рацин ќе се одржи Поетско читање на наградените творби.

Во тие рамки внатре во неговата Спомен куќа, учесниците на средбите ќе ја посетат и ликовната изложба и грнчарската работилница.

Тие ќе можат да се запознаат и со грнчарското колце на кое стомни и други грнчарии правел и поетот кој бил и грнчар според традицијата на неговото семејство Солеви кои биле познати грнчари во градот.

Детските Рацинови средби ги организираат Клубот на писатели „Коста Солев Рацин" и Општина Велес,а во рамките на програмата за одбележување на 9-ти Ноември Денот на ослободување на Велес.

Детските Рацинови средби во Велес ќе продолжат утре – среда со „Поетски караван" со учество на познати македонски писатели за деца со читање своја поезија низ велешките основни и средни училишта, интернатот и детската градинка.

Средбите ќе завршат со промоција на публикацијата „Кочо Рацин-живот и дело" од авторите Павлина Василева и Марин Клифов што е закажана во Спомен куќата на Рацин, а за што ќе говори Васил Тоциновски.

Инаку, Коста Солев Рацин со својата стихозбрика „Бели Мугри" отпечатена во 1939 година во Самобор Хрватска е најпреведува македонски автор на сите светски јазици. /МИА

ЕУ одвои 68 милиони евра дополнителна хуманитарна помош за Палестинците

ЕУ донесе одлука за одвои дополнителни 68 милиони евра помош за Палестинците со цел справување со тешката хуманитарна криза во Газа и со постојаниот пораст на потребите на цивилите на теренот, соопшти Европската комисија. 

Според еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич, во Газа се случува на вистинска хуманитарна катастрофа која претставува екстремна опасност што може да ги доведе Палестинците во критична состојба.

- Драматичниот биланс на жртви и повредени меѓу цивилите, од кои повеќето се жени и деца, уништувањето на виталните инфраструктури и претстојниот глад во Газа мора да бидат аларм за будење за целата меѓународна заедница, истакна Ленарчич.

Според него, цивилите не треба да бидат тие што ја плаќаат цената на конфликтите.

- Палестинците не можат повеќе да чекаат да пристигне значајна помош, Израел мора да стори повеќе за да се избегне понатамошна човечка катастрофа. Почитувањето на меѓународното право е најважно, заклучи еврокомесарот Ленарчич.

Оваа дополнителна хуманитарна помош ќе се дистрибуира преку партнерски организации на ЕУ кои веќе им помагаат на Палестинците во Газа и во целиот регион. Помошта првенствено е наменета за задоволување на потребите за храна и вода, здравствена заштита, санитарии и објекти за сместување.

Со овие 68 милиони евра вкупната хуманитарна помош што ЕУ ја обезбеди за Палестинците во Газа и во целиот регион во 2024 година достигна 193 милиони евра. /МИА

Демири: Ако Клиниката за токсикологија не била осигурена, менаџментот да преземе одговорнст

Хаваријата со цевката од парно на Токсикологија е санирана. Не е законски ако Клиниката не е осигурена и менаџментот на институцијата треба да преземе одговорност, изјави попладнево министерот за здравство Илир Демири.

- Ако зборувате за хаваријата со цевката од парно таа е санирана уште вчера од страна на Заеднички служби. А пропо вашата изјава дали е потпишан договор или не, тоа се интерни договори на клиниките со кои не располагам. Морам да ги проверам, па после да ви кажам дали е така или не, изјави денеска Демири.

Одговарајќи на новинарки прашања, Демири рече дека треба да се провери дали имало договор за осигурување или не.

Прашан за болничарот кој требаше да биде суспендиран, Демири рече дека голема неправда е направена на Токсикологија, затоа што не е обезбедена согласност од страна на менаџментот за обезбедување на договорите за работа за 18-те вработени кои четири месеци работат во Клиниката, а не добиваат економски надомест.

- Јас кажав тоа што имам забележано и за што имам факти и тоа е изјава дадена во јавноста, меѓутоа сме во предизборие, во тек е изборна кампања, не сакам да се прекрши ниедна законска процедура. Чекам да дојде извештајот на инспекцискиот надзор кој ги има обврзано во тек на пет дена менаџментот на институцијава да најде решение за 18-те луѓе кои се вработени таму, кои работат, а не добиваат економски надомест, изјави Демири.

Рече дека не се точни наводите дека економската директорка доаѓала на работа четири часа.

- Според моите сознанија, економската директорка оди на работа и не се паркира на влезот на Клиниката. Проверено е, рече Демири.

Киев: Русија ги напаѓа украинските железници за да го „парализира“ товарот со помош од Западот

Русија ги засили нападите врз украинската железничка инфраструктура со цел да го попречи движењето на воениот товар што вклучува помош од Западот, изјави денеска висок украински безбедносен извор, јавија француските медиуми, пренесува порталот Баронс.

Зголемувањето на смртоносните напади има за цел да ги уништи железничките постројки и да ги „парализира испораката и движењето на воениот товар“ пред планираната руска офанзива, тврди изворот. - Тоа се стандардни чекори пред офанзива, додава тој.

Русија денеска соопшти дека користела проектили и артилерија за да ја таргетира железничката инфраструктура и западното оружје што се транспортира по железница во Украина.

Московското Министерство за одбрана соопшти дека нејзините сили го погодиле „западното оружје и воената опрема“ што се транспортирале по железница еден ден претходно во регионот на Доњецк, а цел биле и железничките објекти во регионот Харков. /МИА

притисни ентер