Скопјани водат вистинска „битка“ со комарците

Скопјани не паметат ваков наплив на комарци како ова лето.

Скопјани не паметат ваков наплив на комарци како ова лето. Мака мачат со големите отоци и црвенила предизвикани од чешање на убодите. Велат, состојбата е неподнослива. Секој се снаоѓа како знае и умее. Од дома никако не се излегува без претходно да се искористи препарат за заштита. Лути на градските власти за доцнењето со прскањето, апелираат на итно преземање соодветни мерки.

Инвазијата од комарци ги наполни и аптеките. Се бара секој препарат што може да помогне.

Вработените во аптеките велат дека е зголемена побарувачката на продукти за заштита од комарци, посебно изминативе две недели. Граѓаните најмногу купуваат спрејови за заштита од комарци и гелови и креми за ублажување на убодот.

Наспрема незадоволните граѓани, Град Скопје повтори дека активностите течат според предвиденото. Портпаролот Салиу на социјалните мрежи ги поби обвинувањата на граѓаните дека не се прска, објаснувајќи дека новите авиони кои го спроведуваат прскањето не се бучни како претходните. Малото задоцнување поради временските услови и испитувањето на средствата не влијаеле врз зголемениот наплив на инсектите.

Докторите контра тактиката на градските власти за прскањето. Сметаат дека првата фаза треба да започне многу порано.

Револтот за неподносливоста од овие мали инсекти ги преполни и социјалните мрежи. Дека комарците се безмилосни се жалат и дел од познатите лица. Кошаркарот Перо Антиќ, со доза на потсмев, го запраша Шилегов дали ќе им ги исплати сметките кои граѓаните ги потрошиле на препарати против комарци.

Лабораториските испитувања за двата сомнителни случаи на западнонилска треска се завршени и се негативни. Поради присутноста на овој вирус во соседството, од Институтот за јавно здравје апелираат на внимателност кај граѓаните и редовна превенција од убоди од комарци.

Французин им објави војна на властите – ги отстранува бариерите од клупите

28-годишен Французин им објави војна на локалните власти во градот Лион, откако одлучи да ги отстранува бариерите поставени на клупите за да се спречат бездомниците да можат да лежат и да преспиваат на нив.

Момчето, кое за Еуроњуз, не сакало да го објави својот идентитет, објасни дека за таквата постапка веќе завршило на суд.

Тој бил обвинет за кражба, но бил ослободен откако објаснил дека железните делови на клупите ги отстранувал за да истакне социјален проблем и гест на солидарност.

Тој смета дека е иронично со пари на граѓаните да се ограничуваат луѓето да имаат пристап до јавната сопственост и ги отфрла тврдењата на властите дека железните структури всушност се потпирачи за раце.

Проценките се дека во Франција има повеќе од милион бездомници.

Телото на Кашоги било распарчено, а лицето деформирано

Телото на убиениот новинар Џамал Кашоги пронајдено е во градината на резиденцијата на саудискиот конзулат во Истанбул, тврдат неименувани извори за „Скај њуз“.

Еден од извори за „Скај њуз“ тврди дека телото на Кашоги е “распарчено“, а лицето му е целосно “деформирано“.

Претходно денеска, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган во обраќањето пред парламентот објави дека телото на убиениот новинар се уште не е пронајдено и побара од Саудиска Арабија да открие каде тоа се наоѓа.

„Зошто телото на некого, за кого и официјално е потврдено дека е убиено, се уште не е пронајдено?“ – изјавил во своето обраќање Ердоган.

„Скај њуз“ потсетува дека засега нема нови информации за наводните аудио-снимки кои се посед на турските власти, а кои наводно докажуваат дека Кашоги бил мачен, убиен, а дека потоа му биле отсечени прстите, а телото распарчено.

Телото на Кашоги пронајдено е во бунарот на територијата на резиденцијата на генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул, изјавил претходно за „Спутник“ лидерот на турската партија Ватан, Догу Перинчек.

Секретарката на Владата на Германија на удар на критики поради скапоцениот часовник

Политичарката на германската Социјалдемократска партија (SDP) Савзан Чебли (40) и државна секретарка на берлинската влада се најде на удар на жестоки критики.

Таа се најде на удар на критики поради носењето на часовник од марката „ролекс“, вреден околу 7.300 евра.

Минатиот викенд корисник на Фејсбук објави нејзина слика од 2014 година, на која носи луксузен часовник модел „Datejust 36” со коментар: Се што треба да знаеме за состојбата на социјалдемократијата во Германија во 2018“.

Савзан Чебли, која како државен секретар во берлинската влада прима бруто месечна плата од 8900 евра, посебно се залага за интеграцијата на бегалците, па се поставува прашањето дали поради тоа не смее да носи таков часовник.

На интернет веднаш започна расправа, а на крајот Савзан Чебли упати порака до критичарите.

„Кој од вас што сеете омраза живеел со 12 браќа и сестри во две соби, спиел и јадел на под, сечел дрва за викендите? Кој со месеци чекал на дрвени боички? Мене никој не треба да ми објаснува што е сиромаштија“ – напишала таа.

Савзан Чебли е дете бегалец од Палестина. Во 1948 година родителите избегале во Либан, каде скоро 20 години живееле во бегалски камп.

Подоцна татко и заминал за Германија, а потоа ја довел и сопругата и децата.

Родена е 1978 година во Берлин, каде живее од социјална помош и донации. Иако нејзиниот татко се до смртта нема научено германски, Савзан завршила основно училиште, матурирала и завршила политички науки. Дури на 15 години добила германски пасош.

притисни ентер