Седница на Уставен суд

Уставниот суд на денешната седница расправаше и одлучуваше за уставност на одредби од пет закони и два подзаконски акта.

Судот поведе постапка за Член 250, став 7 од Законот за катастар на недвижности, донесен 2013 година, во кој се определува членовите на прекршочната комисија основана во Агенцијата за катастар на недвижности да имаат право на награда за својата работа во комисијата која ја определува Управниот одбор на Агенцијата.

Поведувањето е затоа што Судот утврди дека членовите на оваа комисија се вработени во Агенцијата и дека нивната редовна работа е да го извршуваат законот вклучувајќи и да изрекуваат санкции при повреда на законот. Предвидувањето на награда во ситуација кога примаат плата за истата работа го доведува во прашање владеењето на правото.

На денешната седница Судот не поведе постапка за член 1, став 3 и членовите 34-А и 34-Б од Законот за едношалтерски ситем и водење на трговскиот регистар изменет во 2013 година, како и за член 24, ставовите 1 и 2 од Законот за работни односи, донесен 2005 и 13-пати дополнуван. Судот не поведе постапка за член 54-Б и 54-Д од Законот за извршување донесен 2005 година и осум пати дополнуван до сега и за членовите 14, 41 и 200 од Законот за јавни набавки донесен 2007 година и седум пати дополнуван.

Судот ги отфрли иницијативите за двата подзаконски акти кои се однесуваат на Правилникот за избор во наставно-научни звања на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола, донесен 2011 година и Одлука за цена за вршење дејност производство на електрична енергија на АД Електрани на Македонија која е донесена од Регулаторната комисија за енергетика во јуни 2013 година. /МИА

Одреден притвор за украинскиот министер за земјоделство Микола Солски

Украинскиот суд денеска му одреди притвор на министерот за земјоделство на Украина, Микола Солски, кој е обвинет дека е вмешан во незаконско купување државно земјиште .

Украинскиот суд денеска му одреди притвор на министерот за земјоделство на Украина, Микола Солски, кој е обвинет дека е вмешан во незаконско купување државно земјиште во вредност од околу седум милиони долари.

Судијата му одреди кауција на Солски во износ од 1,9 милиони долари, пренесува Ројтерс.

Солски ги негира наводите, кои се однесуваат на набавки од 2017 до 2021 година, пред да стане министер за земјоделство во март 2022 година.

Солски поднесе оставка во четвртокот, но технички останува на функцијата додека парламентот не го разгледа неговото барање за оставка.

Тој е првиот украински министер осомничен за корупција откако украинскиот претседател Володимир Зеленски беше на власт.

Националното биро за борба против корупцијата соопшти дека обвинението се однесува на шема за стекнување сопственост на државно земјиште во вредност од 7,35 милиони американски долари.

Како што е наведено, земјиштето наводно незаконски им било одземено на две државни фирми и им било предадено на бранителите под услов да го дадат под закуп на одредени приватни фирми.

Солски и неговиот адвокат на сослушувањето во четвртокот рекоа дека тој нема корист од таквата шема.

Солски по ова обвинение може да се соочи со затворска казна до 12 години.

„Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите пред софиската публика

Меѓу присутните беа и бугарскиот министер за култура, прославениот диригент Најден Тодоров, како и македонската амбасадорка во Бугарија, Агнеса Руси Поповска.

По балканската премиера на оркестарската верзија на проектот МАКЕДОНИСИМО на Симон Трпчески и пријателите што на сцената на македонските филхармоничари неодамна ја изведоа со Камерниот оркестар АЈГА и диригентката Ана Спасовска, исклучителното дело изнедрено од македонската традиционална музика низ перото на нашиот композитор Панде Шахов, синоќа (25 април) ја продолжи својата благородна мисија на сцената на салата „Бугарија“ во бугарската престолнина, со еден од водечките оркестри во регионов, софиската филхармонија.

Како што соопштува „КултурОп“, квинтетот МАКЕДОНИСИМО настапи во оригиналниот состав: Симон Трпчески на пијано, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на удиралки, заедно со Софиската филхармонија, под палката на исклучителната млада диригентка Ана Спасовска, која го имаше своето деби со познатиот бугарски оркестар. Долготрајните аплаузи од софиската публика беа наградени со три изведби на бис, а посебно одушевување предизвика гостувањето на познатата бугарска певица Александра Борисова која им се приклучи на музичарите на сцена.

Меѓу присутните беа и бугарскиот министер за култура, прославениот диригент Најден Тодоров, како и македонската амбасадорка во Бугарија, Агнеса Руси Поповска.

И додека следната квинтет-изведба на МАКЕДОНИСИМО е закажана за 9 јуни во Глазгов, Шкотска (како дел од резиденцијалниот циклус концерти на нашиот пијанист од светски глас со Кралскиот шкотски национален оркестар), Симон Трпчески до крајот на овој дел од сезоната го очекуваат и редовните концертни гостувања во САД, Велика Британија и Германија.

притисни ентер