Анѓушев: Берзата треба да се искористи за вбризгување свеж капитал во компаниите

Берзата во иднина треба да има поголема улога во економското живеење во нашата држава и да се користи како механизам за вбризгување свеж капитал во компаниите.

Ова го порача вицепремиерот за економски прашање Кочо Анѓушев пред почетокот на тркалезната маса „Идната улога на пазарите на капитал во мали и отворени економии", организирана од Комисијата за хартии од вредност и Македонската берза.

-Се надевам дека во иднина ќе може да гледаме и ИПО активности на Берзата и дека се повеќе од компаниите ќе се осмелуваат да се префрлаат од ДОО во АД, бидејќи сите семејни компании во развиениот свет почнувале како ДОО, а покасно преминувале во АД и на тој начин обезбедувале свеж капитал за свое проширување. Ги охрабрувам сите компании кои денеска се ДОО, а имаат идеја за свој развој да преминат во АД и да се обидат на пазарот на хартии од вредност да обезбедат свеж капитал за нивни развој, изјави Анѓушев.

Тој прецизира дека Законот за тргување со хартии од вредност ќе биде преточен во два закона кои ќе треба да бидат успогласени со регулативата на Европската унија и кои ќе овозможат пофлексибилно и подинамично тргување со хартии од ведност. Нагласи дека на дебатата ќе бидат присутни сите чинители на пазарот на хартии од вредност.

Претседателот на Комисијата за хартииод вредност, Нора Алити посочи дека пазарот на капитал гледан во целина, може да се оцени како се уште недовршена приказна за разлика од банкарскиот сектор кој, како што рече, има долга традиција и е познат, како за бизнис секторот, така и за домаќинствата, пазарот на капитал е „новина" за нашата држава.

-Ценам дека има доста простор за понатамошен раст како внатре во државата, така и преку регионално интегрирање. Денес сме тука да разговараме за предизвиците со кои се соочуваме како и за потенцијални одлуки и решенија за надминување на тие предизвици кои секако би требало да делуваат стимулативно, а со тоа и на економскиот развој на државата. Има повеќе предизвици, на краток рок е усогласувањето на регулативата со ЕУ, па некои од страна на законите за капитално оданочување, задолжителна котација, значи сите овие фирми ќе ги дискутираме и ќе ги искажеме нашите ставови, кажа Алити.

Што се однесува до оданочувањето на капиталните добивки, додаде, Комисијата ја поддржа иницијативата за продолжување на даночните ослободувања на капиталните добивки од продажба на хартии од вредност за физичките лица.

-КХВ поднесе до Владата и Министерството за финансии конкретен предлог за измена и дополнување на Законот за личен доход со кој се предвидува одложена примена, но истовремено се прави и дистинкција во зависност од периодот на поседување, прецизира Алити.

Извршниот директор на Македонска берза АД Скопје, Иван Штериев нагласи дека по долгогодишната хибернација и стагнација на пазарот, последните две години се бележи пораст на берзанското работење.

-Оваа година, по многу берзански показатели е втора најдобра година во последната деценија. Индексот е повторно во плус, 25 отсто на годишно ниво неколку години по ред така што тие се состојбите од аспект на динамиката, но се согласувам дека имаме и предизвици. Меѓу другото акутни предизвици се фискалните аспекти, дали ќе се оданочат капиталните добивки, што ќе се случи со задолжителната котација која важи до април идната година, така што оваа тркалезна маса ќе ги увиди и тие моменти, посочи Штериев и додаде дека на тркалезната маса ќе бидат присутни еминентни стрнски експерти кои ќе го дадат погледот на странските инвеститор, поголемите регионални берзи и меѓународните финансиси институции.

Тој нагласи дека не верува оти евантуалните даночни промени и оданочувањето на капиталните добивки ќе имаат ефект на одлив на странски инвестиции, бидејќи, како што кажа, процентот на учество на странци на берзата е многу низок, но ќе имаат кај домашните физички лица кои се многу активни на берзата.

Прашан дали постои опција Владата да се откаже од оданочувањето на капиталните добивки, вицепремиерот Анѓушев рече дека ќе разговаараат за се и оти сакаат да го стимулираат пазарот на капитал и развојот на беразата.

-Доколку тоа е една од мерките што треба да се направат за тоа да биде симулирано секако ќе разговараме и за таа опција, рече Анѓушев. /МИА

Чола „тежи“ 25 милиони евра, a носи часовник вреден 2.000 евра

Според познатиот американски сајт „Celebritynetworth“, Здравко Чолиќ е еден од најбогатите пејачи на Балканот. Според податоците од 2021 година, неговото богатство се проценува на 25 милиони евра.

Иако има толку милиони, Чола отсекогаш бил скромен, а сега тоа го докажа уште еднаш - со изборот на својот часовник. Така, пејачот на зглобот носи часовник вреден „само“ 2.000 евра . Како што стои на Инстаграм профилот „Sat na ruci“, се работи за часовник од брендот „TAG Heuer Carrera“ со челично куќиште и функција хронограф.

Здравко отсекогаш нагласувал дека финансиите отсекогаш му биле слаба страна, иако по професија е економист.

- Човекот не може да го смени темпераментот, не мислам на начинот на трошење и начинот на живеење, но тоа ми беше малку претерано и така е и денес - изјави тогаш Здравко.

Тој откри на што најмногу ги трошел хонорарите.

- Никогаш не сме имале толку високи хонорари. Патувањето и гардеробата беа фетиш во седумдесеттите и осумдесеттите. Никогаш немав големи материјални желби. Моето беше да одам некаде, на море или да направам некоја забава и да потрошам таму, но никогаш немав желба да купам часовник. Не страдав од тоа – скромно вели пејчачот.

Извор: Аваз

Најчестите знаци на прекумерно внесување шеќер

Внесувањето шеќер во големи количини е штетно за човековото тело и тоа ја зголемува опасноста од дијабетес и многу други болести. 

Дополнителен проблем е што шеќерот се наоѓа и во намирници коишто не се благи, па затоа е важно да се внимава на составот на секојдневните хранливи производи. Нутриционистката Брук Алперт и лекарката Ребека Казин предупредуваат на најчестите знаци на прекумерно внесување шеќер коишто ги испраќа самото тело.

Постојано копнеење за слатки

Шеќерот предизвикува зависност. Ова е затоа што сензорите за вкус се адаптирале на благото и на тој човек му треба сѐ повеќе благо, за да го добиете истиот вкус, но и истото задоволство како и првиот пат, слично како дрога. Поради сѐ тоа, докторите советуваат навремена контрола на внесувањето шеќер.

- Со тоа што јадете многу шеќер, предизвикувате хормонален одговор во Вашето тело што е како бран. Ве крева, а потоа Ве треснува од земја, и тоа го поттикнува Вашето тело да бара повеќе шеќер, појаснува Алперт.

Промени во расположението

Премногу внесен шеќер може да значи моментна „еуфорија“. И обратно... Падот на шеќерот во крвта може да предизвика пад и во расположението и поголема нервоза и вознемиреност.

Тромавост

Откако шеќерот ќе го предизвика почетниот скок на енергијата, тој предизвикува и пад. Енергијата е најстабилна кога шеќерот во крвта е стабилен, така што кога се консумира премногу шеќер, има и падови во енергијата. Премногу шеќер честопати значи и недоволен внос на протеини и влакна.

Пукање на кожата

Д-р Ребека Казин смета дека некои луѓе се чувствителни на напливи на инсулин поради прекумерно внесување на шеќер. Тоа може да предизвика нарушување на хормоните, што води, на пр., до сува кожа, ранички, акни и сл.

Дебелеење

Вишокот шеќер значи - вишок калории, а во недостиг на протеини или влакна, шеќерот нема никаква хранлива вредност. Сѐ тоа, заедно со ослободувањето инсулин, ја покачува телесната тежина, но и ја зголемува опасноста од појава на дијабетес.

Кога се јаде премногу шеќер, на телото „му се кажува“ да лачи повеќе инсулин, а подоцна, тоа прекумерно лачење може да доведе до отпорност кон инсулин. Отпорноста пак, значи дека телото нема да може правилно да реагира на нормални количини инсулин и правилно да го користи шеќерот.

Премногу кариес

Кога бактериите ги разјадуваат честичките храна меѓу забите, се создава киселина што постепено предизвикува расипување на забите. Плунката сама по себе одржува здрава рамнотежа на бактерии, но шеќерот може да влијае на пе-ха вредноста и да го наруши тој природен сооднос. Неправилното размножување на бактериите, всушност, води кон расипување на забите и кариес.

Мозочна магла

Деконцентрацијата што обично се јавува после оброк е симптом на низок шеќер во крвта. Кога се јаде многу благо, пак, нивото шеќер во крвта се зголемува и опаѓа, наименично и брзо. Тоа, според стручњаците, ја зголемува расеаноста, и укажува на задолжителна контрола на внесот на шеќер.

Ништо не е така слатко како порано

Премногу шеќер предизвикува сензорите за вкус да се навикнат на слатките вкусови, па затоа човекот бара сѐ повеќе шеќер за да ја задоволи својата глад за слатко. Меѓутоа, тука се препорачува свесно намалување на благото и самоконтрола. На тој начин, по извесно време, телото повторно ќе се навикне и ќе се задоволува со малку шеќер. /МИА

Борел повтори дека Рафа не смее да биде нападнат

Го повика Израел да се вклучи во мировниот процес.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека партнерите на Израел и соседните земји имаат заеднички став дека градот Рафа на југот од Појасот Газа не смее да биде нападнат и ја повика израелската влада конструктивно да се вклучи во политичкиот мировен процес.

Борел на Х напиша дека меѓународната заедница, исто така, едногласно бара итно ослободување на сите заложници кои ги држи Хамас во Појасот Газа.

Тој истакна дека Израел не може да го уништи Хамас по цена на убиени илјадници палестински цивили и оти понатамошното раселување на повеќе од милион ранливи Палестинци би било „погубно“.

- Ја повикуваме владата на Израел да ги послуша повиците на меѓународната заедница и конструктивно да се вклучи во политичкиот мировен процес, наведе Борел. /МИА

притисни ентер