Ангеловска-Бежоска: Оцената на ММФ е дека Народната банка е добар пример за транспарентност

 Оцената на ММФ е дека Народната банка е добар пример за транспарентност и отчетност во примената на Кодексот за транспарентност на ММФ.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на покана на Регионалниот центар за техничка помош на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одржа предавање на „Форумот за примена на Кодексот за транспарентност на ММФ“, на кој ги сподели позитивните искуства на Народната банка во примената на најновите и највисоките меѓународни стандарди и најдобрите практики за транспарентност и отчетност на централните банки.

На Форумот, како што информираат од Кабинетот на гувернерката, Народната банка беше посочена како пример за земјите од регионот, која меѓу првите зеде учество во пилот-проектот за оцена на транспарентноста во однос на новиот Кодекс за транспарентност на ММФ.

-ММФ во својот Извештај за оцената на транспарентноста заклучува дека Народната банка применува високо ниво на транспарентност, коешто е значително зајакнато во изминативе неколку кризни години, овозможувајќи успешно одржување на макроекономската стабилност,велат оттаму.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска, додаваат, истакна дека транспарентноста и отчетноста на централните банки е нагласена по глобалната финансиска криза, а особено во последните неколку години кога се соочивме со неколку последователни кризи. Во такви околности на зголемена економска неизвесност и финансиски стрес, се истакнува потребата централните банки појасно и позачестено да бидат присутни во јавноста со појаснување на економските движења, како и со комуницирање за причините и претпоставките за донесените монетарни одлуки. Народната банка го следи овој тренд, при што уште од 2021 година транспарентноста и отчетот кон јавноста се издвоени како една од целите во Стратегискиот план на Народната банка, за што тимот на централната банка напорно работи градејќи модерна, општествено одговорна и транспарентна институција. Постојаното подобрување на транспарентноста ги зголеми довербата и кредибилитетот на институцијата кај јавноста, што беше заклучено и во Извештајот на ММФ.

-Имајќи ги предвид согледувањата на ММФ, Народната банка во изминатиот период ја зголеми достапноста на податоците за спроведувањето на основните активности, а дополнително ја збогативме и нашата комуникација со јавноста, при што бројот на соопштенијата, преку кои на поедноставен јазик се доставуваат пораките од Народната банка, се зголеми за 25 отсто, а јавните настапи на раководниот тим се зголемија за 40 отсто. Народната банка придонесува и кон подигнувањето на нивото на финансиската писменост преку постојано одржување обуки и други активности, зајакнувајќи ја двонасочната комуникација со граѓаните и институциите, порача гувернерката во своето обраќање.

Притоа таа нагласи дека довербата од јавноста беше клучна за одржувањето стабилни инфлациски очекувања, стабилен курс на денарот и за задржување на макроекономската стабилност во изминатиот период.

-Ова е потврдено и со Анкетата спроведена од Светската банка, според која Народната банка е институција којашто ужива најголема доверба во рамките на домашните институции, посочуваат од Кабинетот на гувернерката.

Групацијата Емирати објави рекордна добивка од 5,1 милијарди долари, што е раст од 71 отсто

Групацијата Емирати, со седиште во Дубаи и сопственик на најголемата истоимена авиокомпанија од Блискиот Исток, денеска објави рекордна годишна нето добивка од 5,1 милијарди долари, што е зголемување за 71 отсто во однос на претходната фискална год.

Групацијата Емирати, со седиште во Дубаи и сопственик на најголемата истоимена авиокомпанија од Блискиот Исток, денеска објави рекордна годишна нето добивка од 5,1 милијарди долари, што е зголемување за 71 отсто во однос на претходната фискална година.

Во фискалната 2023-2024 г. во годината што заврши на крајот на март, групата покажа нови рекордни резултати, наведе извршниот директор Шеик Ахмед бин Саед Ал Махтум во соопштението.

Тој ја нагласи големата побарувачка за авиопревоз и услуги поврзани со патувањето во светот. Групацијата Емирати е во сопственост на владата на Дубаи.

Самата авиокомпанија „Емирати“ имаше профит од 4,7 милијарди долари, што е раст од 63 отсто на годишна основа. Групацијата Емирати ја поседува и Дната, компанија која обезбедува услуги на аеродромот во Дубаи, еден од најпрометните аеродроми во светот, како и компании за храна, пијалоци и забава.

Авиокомпанијата „Емирати“ превезе 51,9 милиони патници во изминатата фискална година во споредба со 43,6 милиони во претходната година.

Почнува 77. Меѓународен филмски фестивал во Кан

Претседател на жирито годинава е Грета Гервиг, американската независна режисерка чијшто филм „Барби“ заработи повеќе од една милијарда долари.

Во Кан, Франција, утре почнува 77. Меѓународен филмски фестивал, којшто ќе го одбележи враќањето на ѕвезди како Мерил Стрип, Френсис Форд Копола и Катрин Денев, а за главната награда - „Златна палма“ ќе се борат 22 остварувања.

Фестивалот ќе трае до 25 мај. Во трката, меѓу другото, е и „Мегалополис“ на Копола, со којшто познатиот режисер се враќа во Кан 45 години по „Златната палма“ за култниот антивоен филм „Апокалипса сега“. На списокот се најде и филм на режисерот Жак Одијар, добитник на „Златната палма“ од 2015 година. Тој годинава ќе се натпреварува со „Емилија Перез“ - жанровски определен како криминалистички мјузикл, со Селена Гомез во главната улога.

Во конкуренција за „Златната палма“ е и филмот на прогонетиот руски режисер Кирил Серебреников - „Лимонов“, како и „Видови љубезност“ на Јоргос Лантимос.

Режисерот Кристоф Оноре ќе се натпреварува со филмот „Марчело мио“ - посветен на Марчело Мастројани, кој почина во 1996 година, а годинава се одбележува 100-годишнината од неговото раѓање. За него ќе зборуваат Катрин Денев и ќерка му Кјара Мастројани.

Мерил Стрип (74) ќе добие почесна „Златна палма“ на свеченото отворање на фестивалот. Оваа година и креаторот на брендот „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас ќе биде почестен со „Златна палма“, како и продукцијата „Студио Гибли“ на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Претседател на жирито годинава е Грета Гервиг, американската независна режисерка чијшто филм „Барби“ заработи повеќе од една милијарда долари.

Минатогодишниот победник беше „Анатомија на падот“ на француската режисерка Жастин Трие, којшто потоа доби и „Оскар“ за најдобро сценарио од Американската академија за филмски уметности и науки.

Престижната „Златна палма“, вообичаено вредна околу 20.000 евра, се чува во добро обезбеден сеф на непознато место - до нејзиното предавање. Жирито во најголема тајност одлучува за победникот. Покрај „Златната палма“, од 2000 година се доделува и „Мини-палма“, макета на „Златната палма“ - за најдобра глумица и глумец.

Саутгејт негира дека разговарал со Манчестер јунајтед

Селекторот на Англија, Герет Саутгејт ги коментираше информациите дека би можел да го замени Ерик тен Хег во Манчестер јунајтед.

- Несоодветно е да се зборува за ова. Немав никакви преговори. Има една работа на која треба да се фокусирам, успехот на Англија на Европското првенство, ги цитира „Телеграф“ зборовите на англискито селектор.

На 7 мај, „Фут Меркато“ објави дека Саутгејт е главен кандидат за позицијата главен тренер на Манчестер јунајтед.

На едно коло пред крајот на сезоната во Премиер лигата, Манчестер јунајтед се наоѓа на 8. место, далеку од очекувањата на раководството и навивачите.

притисни ентер