Ангеловска-Бежоска: Капитализираноста на македонскиот банкарски систем порасна двојно

Капитализираноста на македонскиот банкарски систем порасна двојно повеќе од ЦЈИЕ.

И покрај шоковите од невидени размери, банкарските системи во регионот, вклучително и македонскиот, покажаа високо ниво на отпорност. Македонскиот банкарски систем не само што ја задржа стабилноста, туку и уште повеќе ја зголеми, порача гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на Годишниот форум на „Виенската иницијатива“, што се одржа во Вилнус, Литванија.

-Резултатите од овие напори се видливи. Капитализираноста на нашиот банкарски систем во споредба со претпандемичниот период е зголемена за близу 2 процентни поени, што е двојно повеќе од порастот во регионот на ЦЈИЕ и во моментов е највисока во изминатите 17 години, а квалитетот на капиталот е на историски високо ниво. Овие трендови во голема мера ги одразуваат зајакнувањето на регулативната рамка, на супервизијата и макропрудентните мерки преземени од страна на Народната банка, посочи Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата посветена на банкарските системи во Централна и Југоисточна Европа (ЦЈИЕ).

Притоа, како што кажа, особено е важно што и во овие кризни години имаше солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите со просечен кредитен раст од околу 7 отсто. Во услови на циклус на монетарно затегнување, каматните стапки на кредитирање пораснаа, но растот беше помал од растот на каматните стапки во ЕУ. Со тоа домашните каматни стапки на кредитите значително се приближија до каматните стапки во ЕУ и разликата меѓу нив е историски најниска. Во овој момент, просечната каматна стапка изнесува 5,5 отсто, односно е двојно пониска во споредба со периодот пред Големата финансиска криза, кога изнесуваше околу 11 отсто, во просек.

Гувернерката се осврна и на финансиската писменост и заштитата на корисниците на финансиските услуги, што се значајни за носење соодветни финансиски одлуки, но и за зголемување на конкурентските притисоци и за понуда на поконкурентни финансиски услови.

-Финансиската писменост, едукацијата и заштитата на потрошувачите, кои се стратешки приоритети на Народната банка, се важни за клиентите за да можат подобро да ги разберат и правилно да ги споредат понудите меѓу различните банки. Неодамна формиравме посебна организациска единица за финансиската писменост и заштитата на потрошувачите. Под водство на Народната банка, беше усвоена и првата национална Стратегија за финансиска инклузија и писменост, додека регулативната рамка беше зајакната минатата година, вклучително и преку усвојување на Насоките за банките и штедилниците за добри практики за заштита на потрошувачите, фер и транспарентни односи, врз основа на јасни и лесно разбирливи информации за производите и услугите што ги обезбедуваат, истакна Ангеловска-Бежоска.

Беа преземени и мерки за зголемување на транспарентноста, потенцира, преку споредба на надоместоците за најрепрезентативните банкарски платежни услуги, кои заедно со либерализацијата на пазарот на платежни услуги, ја поттикнуваат конкуренцијата во системот.

„Виенската иницијатива“ е платформа што ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ и секоја година, од 2009 година до денес, организира собири во областа на финансиите на кои сите засегнати чинители зборуваат за идните насоки во политиките поврзани со банкарскиот сектор и за поопшти макроекономски прашања.

Авион со запален мотор принудно слета во Индија- 179 патници и екипажот во шок (ВИДЕО)

Авион на „Ер Индија“ со 179 патници и членови на екипажот принудно слетал откако избувнал пожар во еден од моторите на авионот.

Како што објави „Дејлимејл“, се работи за лет од Бангалор до Кочи, а инцидентот се случил минатиот викенд.

Набрзо по полетувањето избувнал пожар на еден од моторите на авионот. Чудо е што никој не е повреден при овој инцидент. За проблемот била известена контролата на летање, била издадена тревога и пожарот бил изгаснат 20-тина минути по неговото избувнување.

На социјалните мрежи е објавен клип снимен од еден од патниците во авионот, кој седел на десната страна. Во позадина се слушаат гласовите на преплашените патници.

„Ве молам, останете на вашите места. Сè е под контрола“, се слуша преку системот за јавно обраќање откако некои од преплашените патници се обиделе да го напуштат запалениот авион.

Набрзо бил активиран и воден топ, кој брзо го изгаснал пожарот.

"Сите бевме исплашени. Плачевме. Персоналот беше професионален, ни помогна и бевме безбедни за една минута. Многу сме им благодарни", рекол еден неименуван патник.

Во соопштението на „Ер Индија“ се наведува дека пожарот го зафатил десниот мотор на авионот, поради што е извршено итно слетување, при што соодветните служби за итни случаи го изгаснале пожарот и ги евакуирале патниците:

„Жалиме за предизвиканите непријатности и работиме на алтернативни аранжмани за нашите клиенти што поскоро да стигнат до својата дестинација“, се вели во соопштението.

Кевин Костнер позира со синот во Кан, сите забележаа еден детал (ФОТО)

Познатиот актер Кевин Костнер позираше со својот 15-годишен син Хејс на црвениот тепих во Кан за промоцијата на вестернот Horizont: An American Saga.

Таткото и синот се појавија во бели костуми и насмеани им позираа на фотографите, а обожавателите забележаа дека 15-годишникот веќе е висок колку неговиот татко.

Инаку, ова е првпат Хејс да се обиде во улогата на актер, а во филмот, кој е прв дел од планираната квадрилогија, Хејс ја прикажува помладата верзија на ликот на неговиот татко.

Филмот е снимен пред разделбата на Кевин Костнер и Кристин Баумгартнер, кои покрај Хејс имаат уште две деца, 17-годишниот син Кејден и 13-годишната ќерка Грејс.

Да потсетиме, во мај минатата година парот објави дека се разведува по 18 години брак, а неговата сопруга поднесе барање за развод. Актерот ја обвини бившата за одложување на разводот, а таа, пак, побарала поголема алиментација, тврдејќи дека 129.000 долари месечно се премалку за неа, но тие успеале да се договорат.

Мицотакис ја актуелизира ознаката „Macedonia the Great“ против македонските производи

Македонската ознака во моменталните околности станува моќно средство на економската дипломатија. 

Македонската ознака во моменталните околности станува моќно средство на економската дипломатија. Навистина ми е жал кога слушам врвни грчки производители на вино во нашата земја да ни кажуваат дека постојат вина што се појавуваат како македонски и некои клиенти од странство кога говорат за македонски вина да ја имаат на ум Македонија, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

Во говорот на Генералното собрание на Асоцијацијата на грчки извозници (СЕВЕ), Мицотакис се осврна и на трговската ознака „Macedonia the Great“ за грчките производи, промовирана во ноември 2019 година, токму од конкретната Асоцијација, се потсети дека тогаш присуствуваше на презентацијата изразувајќи целосна поддршка, која ја повтори и вечерва.

-Ни требаше време да ја регистрираме (трговската ознака), но на добар пат сме. Тоа е потег што добива и актуелно значење по последните провокативни регресии на нашите северни соседи. Нашата дипломатска реакција треба да биде придружена и со трговски контранапад, во прв план со автентичноста и квалитетот на производите и услуги на нашата Македонија и ова е и во ваши раце да го постигнеме заедно, им порача Мицотакис на присутните на Генералното собрание на СЕВЕ.

Освен за трговската ознака, грчкиот премиер се осврна и на Договорот од Преспа и на последните случувања во билатералните односи, уште еднаш порачувајќи дека ЕУ перспективата на Скопје, поминува низ Атина.

-Гледајќи го веќе подолго време подемот на национализмот во Скопје, останавме претпазливи во прифаќањето на меморандумите што го придружуваат Договорот. За жал, развојот на настаните ја оправдаа оваа наша претпазливост. Позицијата на новата претседателка и на нејзините поддржувачи таму, за жал, и на мандатарот за премиер е и незаконска и провокативна. Затоа Грција ја отфрла и не ја прифаќа. Соседната држава мора да сфати, и ова мислам дека ги сфаќаат повеќето граѓани на Македонија, дека патот кон Европа и напредокот поминува и низ нашата земја. И таму може да застане, истакна грчкиот премиер.

Уште еднаш потсети дека Нова демократија гласаше против Договорот од Преспа, но објаснувајќи дека „не затоа што не сакавме решение на прашањето, туку затоа што конкретниот Договор отстапи националност и јазик, македонска националност и јазик на соседите, поткопувајќи ја на овој начин иднината“.

Истакна дека предупредија, уште пред да дојдат на власт во 2019 година, дека ако овој Договор се ратификува, подоцна не може да се смени.

- Како нова Влада го почитувавме овој грчки потпис на меѓународен договор, кој надвладува над секој закон, посочи Мицотакис.

притисни ентер