Ова е новиот обид на Соединетите Американски Држави да го вратат леталото на Месечината по повеќе од половина век, а нешто повеќе од еден месец по големиот неуспех на сондата „Перегрин“.
„Одисеј“ беше лансирана во вселената со ракетата SpaceX Falcon 9 утрово во 7 часот и 5 минути по локално време, а полета од вселенскиот центар Кенеди на Флорида.
Ова е втор обид на американската агенција НАСА да испрати приватна сонда на Месечината оваа година. Претходниот обид заврши со дебакл – сондата „Перегрин“ имаше голем дефект само неколку часа по полетувањето, па беше вратена на Земјата и изгоре во атмосферата.
Ако сѐ оди според планот, Одисеј треба да слета во областа на лунарниот јужен пол на 22 февруари. Станува збор за област каде што досега успешно слета само индиската сонда Викрам, а тоа беше во август минатата година. Исто така, тоа би можело да биде прво успешно слетување на сонда од приватна компанија на Месечината.
Лансирањето, кое беше закажано за вчера наутро, подоцна беше одложено за 24 часа поради несоодветните температури на течниот метан што се користи во погонскиот систем на лендерот. SpaceX подоцна објави дека проблемот е решен.
- Ова е голем момент за сите нас во Intuitive Machines. Можноста за враќање на САД на Месечината за прв пат од 1972 година бара од нас да бидеме желни за истражување, а тоа е во срцето на нас- рече на конференцијата Трент Мартин, потпретседател за вселенски системи на Intuitive Machines.
Фалкон 9 утрово во 7:05 полета во вселената, а по 7,5 минути дел од ракетата се врати на земјата. Сондата „Одисеј“ е лансирана во орбитата за пренос на Месечината 48,5 минути по лансирањето. Патувањето до орбитата на Месечината би требало да трае околу шест дена, а потоа ќе се направи обид за слетување во кратерот Малаперт А, на околу 300 километри од Јужниот пол.
Сондата „Одисеј“ тежи 675 килограми и е со големина на типична британска телефонска говорница, поради што некои ја споредија со уредот TARDIS од британската научно-фантастична серија „Dr Who“.
Таа носи шест инструменти на НАСА на Месечината, која има договор од 118 милиони долари со приватна компанија, како и шест комерцијални товари.
Русија беше првата земја која успешно спушти вселенско летало на Месечината - сондата Луна-9 на 3 февруари 1966 година, но потоа на 16 јули 1969 година, Америка беше првата и единствена која слета луѓе на површината на Месечината. Ниту една од овие две земји не слетала успешно со вселенско летало на сателитот на Земјата од 1970-тите. Кина успешно го направи тоа во 2013 година, Индија во 2023 година и Јапонија пред помалку од еден месец.