Акустичен концерт на „Ареа“ во Филхармонија на 19 и 20 април

 Акустичен концерт ќе одржи рок-групата „Ареа“ на 19 и 20 април во Филхармонија во Скопје. 

Членовите на групата најавуваат акустична музичка магија, каде што ќе се слушнат сите хитови направени во текот на нивната 30-годишна музичка кариера. Вакви два концерти „Ареа“ одржа и во 2010 година во Универзалната сала.

Ружица Милошеска Брчиоска, пејачка во бендот, на денешната прес-конференција во Скопје по повод најавениот концерт, посочи дека ќе се претстават на начин многу поразличен од оној што и е познат на публиката, со оглед на тоа што поретко настапуваат акустично.

-„Ареа“ најчесто настапува во живо, електрично. Тука сме ексклузивни и ја даваме сета наша енергија на музиката која што ја создаваме, поретко настапуваме и акустично. Во 2010 година имавме концерт во Универзална сала, а сме имале и други помали акустични концерти во помали сали, рече Милошеска Брчиоска.

Таа напомена дека на концертот, со членовите на „Ареа“, акустично ќе настапат уште четири девојки кои се членки на Филхармонија.

-Со нас ќе настапат уште четири девојки кои се членки на Филхармонија - две на виолина и две на виолончело. Така ќе се претставиме со сосема нов аранжман на музика, кој што се разликува од оние кои ги слушала публика на нашите концерти во живо, додаде Милошеска Брчиоска.

Таа најави дека публиката ќе има можност да слушне песни од секаков тип - побрзи и пожестоки, но и посмирени.

-„Ареа“ има седум албуми. Ние егзистираме 31 година. На овој концерт нема да има песни од првиот албум, но вклучени се песните од новиот албум кој го издадовме минатата година, посочи Милошеска Брчиоска.

Говорејќи за концертот во 2010 година во Универзалната сала, Милошеска Брчиоска рече оти се надева дека оваа сала повторно ќе никне како феникс од пепелта.

- За Универзалната сала не поврзуваат многу убави спомени. Навистина ми беше жал кога ги видов сликите од пожарот. Таму сме имале наши самостојни концерти, електрични, акустични.. сме биле гости на разни манифестации, на групни концерти. Сега како да изгоре душата на Скопје. Се надевам дека повторно ќе никне нова Универзална сала, како феникс од пепелта, затоа што на Скопје му е потребна концертна сала која што има добра акустика како што имаше Универзалната сала, рече Милошеска Брчиоска.

Ивица Брчиоски, гитарист на групата „Ареа“ рече дека концертот ќе биде интересен затоа што аранжманите се комплетно изменети и се адаптирани на оркестарот со кој ќе свират.

- Станува збор за акустични аранжмани. Нема да има електрични гитари и ќе звучи сосема различно од она што до сега го слушнала публиката. Ќе биде интересно за слушање, додаде Брчиоски.

Првиот концерт што е закажан за 19 април е веќе распродаден. Билетите може да се набават преку продажната мрежа на „MKTickets“.

Концертот е во организација на „Фреш јунион“.

Белата куќа со осуда за „малиот процент“ студенти за предизвикување немири на универзитетите

 Белата куќа осуди „мал процент студенти, поттикнувачи на немири“ по ноќните судири и апсења во одредени американски кампуси кои протестираат против војната во Газа.

„Студентите имаат право да посетуваат настава и да се чувствуваат безбедно“, рече портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер на прес-конференција, додавајќи: „Ќе продолжиме да нагласуваме дека антисемитизмот мора да биде осуден“.

Според американски медиуми, околу 1.000 луѓе се приведени во судирите на универзитетите ширум САД, и според податоци обезбедени од полицијата и властите во Њујорк, околу 300 луѓе биле приведени на Универзитетот Колумбија, центарот на протестите поради војната во Газа со обвиненија за прекршок, кражба и помали кривични дела.

На Универзитетот во Калифорнија во Лос Анџелес, попознат како UCLA, не се одржуваа часови. Таму во текот на ноќта избувнал конфликт кога, како што пренесуваат американски медиуми, група произраелски демонстранти се обиделе да ги урнат барикадите зад кои во шатори се наоѓале пропалестинските демонстранти.

Неколку часа пред да избијат немирите во UCLA, полицијата упадна во зградата на Универзитетот Колумбија во Њујорк, окупирана од антивоени демонстранти, завршувајќи го протестот кој ја парализираше институцијата.

Протести избија во околу 30 универзитети во САД, со барање САД да престане да го поддржува Израел и со компаниите кои ја поддржуваат војната во Газа. Тоа е убедливо најголемиот студентски протест во САД во 21-от век, а полициската реакција што следеше потсетува на сцени од 1960-тите кога имаше огромно студентско протестно движење против Виетнамската војна, јавија американските медиуми. /МИА

Во Србија продолжува парламентарна расправа, се чека гласање за новата влада

Српскиот парламент претпладнево ќе ја продолжи првата вонредна седница на која единствена точка на дневен ред е избор на Влада и давање заклетва на претседателот и членовите. 

Се очекува дискусијата да продолжи, по што пратениците треба да гласаат, јавија српските медиуми.

Продолжението на првата вонредна седница на Националното собрание во актуелното свикување е закажано за девет часот. На седницата, која почна вчера, излагање поднесе претставникот за состав на новата Влада Милош Вучевиќ.

Во тричасовното обраќање пред пратениците, меѓу другото, тој истакна дека владата што ја предлага ќе биде влада на континуитет во најголема мера, како и дека полноправното членство во ЕУ останува стратешки приоритет на Србија. Тој наведе и дека најголемиот предизвик на новиот кабинет ќе биде одбраната на суверенитетот, ќе се предложи задолжителен воен рок од четири месеци. Вучевиќ порача дека членовите на Владата мора да бидат тим, дека секогаш мора да бидат подготвени да ги штитат националните и виталните интереси на Србија, а неговото прво и единствено барање е несомнената лојалност кон татковината. На Собранието му предложи 31 член на кабинетот, меѓу кои има осум нови личности. /МИА

Земјотрес од четири степени во поширокото подрачје на Лос Анџелес

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер синоќа го погоди поширокото подрачје на Лос Анџелес, соопшти Сеизмолошкиот институт на САД.

Земјотресот се случил во областа Корона, во близина на Лос Анџелес, објави Фокс.

Земјотресот бил почувствуван во пошироката област, западно до Лос Анџелес, Лонг Бич, округот Оринџ и Санта Кларита./МИА

притисни ентер