АХВ: Спроведени 62 вонредни контроли на новогодишни пакетчиња,најдени производи со изминат рок

Сокчиња, чоколади, бисквити со поминат рок биле најдени во новогодишни пакетчиња од страна на инспекторите за Агенцијата за храна и ветеринарство. 

Контролата била извршена кај 62 пакетчиња, утврдени неправилности биле потврдени кај четири оператори, изјави за Канал 5 директорот на Агенција за храна и ветеринарство Миланов. Тој вели дека овие производи можат да предизвикаат проблеми по здравјето на децата.

„Контролите се направени во магацини за пакување на пакетичиња и таму биле најдени чоколади, чоколадни млека, и други произовди со чоклади со поминат рок, но имало и производи неколку дена пред изминување на рок“, вели Оливер Миланов директор на Агенција за храна и ветеринарство.

На операторите кај кои се утврдени неусогласености, наредено им е повлекување на пакетчињата од промет и нивно уништување. За констатираните неправилности, издадени се решенија за отстранување на неусогласеностите, а изречени се и соодветни прекршочни пријави. Од АХВ најави дека ќе продолжат засилените контроли и во наредните денови, а граѓаните да купуваа храна од маркети каде се контролира квалитетот на храната.

Околу 50 луѓе загинаа при нападот на пакистанската армија во Авганистан

Претставник на авганистанската талибанска Влада изјави дека при нападот на пакистанската армија врз источниот дел на Авганистан загинале 46 луѓе, од кои најголемиот број жени и деца, а шест лица се повредени.

Портпаролот на пакистанските талибанци тврди дека загинале 50 луѓе од кои 27 жени и деца.

Официјален Исламабад не го коментираше нападот, но пакистанската армија соопшти дека безбедносните сили убиле 13 бунтовници во операцијата во Јужен Вазиристан, округ долж источната авганистанска провинција Пактика.

Пакистан ги обвинува талибанците дека не се доволно посветени на борбата против акциите на милитантите долж границата, додека талибанската Влада во Авганистан тврди дека на никого не му дозволува да извршува напади врз која било земја.

Пакистански беспилотни летала и борбени авиони нападнаа камповите на исламистичките милитанти во соседен Авганистан. Пакистанската армија тврди дека цел на нападот биле борците, кои наводно стојат зад смртоносните прекугранични напади во изминатите недели. Најмалку четири засолништа што ги користеа пакистанските талибанци за обука на милитанти, вклучително и бомбаши самоубијци, беа цел на нападот.

Тоа е втор напад на пакистанските сили во Авганистан од март минатата година. Тие најверојатно дополнително ќе ги заострат и онака непријателските односи помеѓу соседните земји. /МИА

Ристески: Законот за нефер трговски практики стартува по Нова година

Законот за нефер трговски практики официјално стартува од 1 јануари 2025 година, а овој Закон треба да ги среди односите меѓу производителите, добавувачите и трговците.

Досега во мониторинг периодот утврдени се 26 нефер трговски практики, а спрема тарифникот се внесени 2.546 префрлени земјоделски производи во овој Закон, изјави денеска заменик министерот за економија, Марјан Ристески во Штип.

Тој посочи дека на подолг рок со овој Закон ќе имаме поголемо регулирање на цените на производите како краен ефект, односно во интерес на потрошувачите, купувачите и граѓаните, заштита на животниот стандард.

-Од друга страна оној хаос кој постоел претходно и форсирање на странски производи во однос на домашните производи, тука ќе имаме изедначување во однос и пред се на маркетите. Деновиве се докомплетира КЗК со пет нови членови, коишто беа изгласани во Собранието на Република Македонија. Тие ќе бидат главниот контрол на сите овие договори. Договорите завршија до 28 септември, дадовме еден мониторинг период до 1 јануари, каде што ги пратиме сите случувања, кои се случуваат имаме различни дојави и одредени проблеми околу поврат на роба во маркетите, некаде дури се појавуваат и двојни ценовници имаме како информација, вели Ристески.

Тој истакна дека укажуваат по Нова година казнените мерки се големи и треба да внимаваат трговците и сите оние коишто ги склучуваат овие договори.

-Казните се некаде околу 20.000 евра, што не е малку како да речеме за нефер трговски практики, изјави Ристески.

Прашан за зголемените цени на производите во супер маркетите и новата потрошувачка кошничка, Ристески истакна дека трговците, производителите, супер маркетите, бизнис заедницата ветија пред целата јавност дека ќе ја поддржат акцијата, која произлегува од нив, со што ќе има намалување најмалку 10% на основните прехрамбени производи во Новогодишната кошничка. Заменик министерот за економија, Ристески истакна дека најголем мониторинг за оваа мерка се граѓаните, кои доколку забележат неправилности можат да се јават и реагираат.

-Јас би порачал до трговците, но и до производителите кошничката има 1.100 производи, меѓутоа имаат време и период до крајот на неделата, доколку има неправилности да ги исправат, да ја намалат цената на прехрамбените производи, пред се за граѓаните. Сметаме дека се се уште општествено одговорни фирми, кои го ветија тоа пред народот, посебно во одредени производи, како што се маслото за јадење, шеќерот, млечните производи, како што е кашкавал, сирење, месните производи, месото, како што е јунишкото свинското месо, јајцата и тоа да го направат и имаат време до крајот на неделата, рече Ристески.

Тој додаде дека доколку тоа не го сторат во тој случај Владата во наредниот период ќе донесе уште подрастични мерки, а главната цел им е штитење на стандардот на граѓаните.

Црвениот крст на РСМ ги додели признанијата „Златен поддржувач“ и „Сребрен подрджувач˝

Признанија на Црвениот крст „Златен поддржувач“ и „Сребрен подрджувач˝ во знак на благодарност на партнерите за остварената плодна соработка и поддршка, денеска беа доделени на пригоден настан што се одржа во Црвениот крст на РМ.

На настанот се обратил Саит Саити, генерален секретар на Црвен крст на Република Македонија, кој истакнал дека со поддршка на претпријатијата како општествено одговорни, реализирале бројни активности и општествени иницијативи во интерес на различни целни групи.

- Заедно со партнерите продолжуваме да обезбедуваме релевантна и навремена хуманитарна помош и сме посветени и обврзани да го правиме тоа сега и во иднина. Долгорочна определба на Црвениот крст е остварување на соработка и градење на стратешки партнерства со голем број компании во земјата за заеднички придонес во намалување на ранливоста на населението во заедницата, рекол Саити, соопштија од Црвениот крст на РСМ.

Во знак на благодарност за поддршката која ја обезбедуваат партнери за имплементација на општествено социјални проекти и хуманитарни активности, Црвениот крст доделил признанија „Златен поддржувач“ на НЛБ Банка АД Скопје и Пивара АД Скопје, и „Сребрен поддржувач“ на Везе Шари-Тетово, Пекабеско АД Скопје и LC Waikiki.

притисни ентер