Адвокат: Телото на малата Данка Илиќ нема никогаш да биде пронајдено

Српскиот адвокат Боривоје Боровиќ денеска изјави дека телото на девојчето Данка Илиќ (2) од Бор, кое исчезна на 26 март, никогаш нема да биде пронајдено.

Боровиќ за агенцијата Бета изјави дека полицијата под притисок на политичките власти ја водела истрагата „непрофесионално“.

„Овој случај полицијата го уништи бидејќи јавно ја водеше истрагата, објавувајќи ги дури и изјавите кои обвинетите ги дале на рочиштето. Исто така, погрешно е што на јавноста и на обвинетите им било кажано дека кривичното дело е казниво со доживотен затвор. Еден од обвинетите починал во полициска станица, веројатно под тортура, сега секој обвинет, кој преживеал, може да каже дека бил принуден да даде исказ под полициска тортура“, рече адвокатот.

Според него, доколку се докаже дека Далибор Драгијевиќ починал како последица на полициска тортура, изјавите на останатите обвинети кои го признале делото не можат да бидат доказ.

„Ако нема траги од ДНК од возилото, тоа ќе значи дека сите докази се контаминирани од политичарите, кои набрзина сакаа да објават дека случајот е расчистен. Полицијата беше прилично засрамена што не го најде телото и по речиси два месеци е очигледно дека не презеле криминално-форензички дејствија навреме, туку се потпирале на полиграфот, кој е небитен за истрагата на обвинителството“, рече Боровиќ.

Тој нагласи дека телото на девојчето нема да биде пронајдено.

„Телото на Данка Илиќ нема да биде пронајдено и истрагата ќе мора да се прекине, а оваа трагедија ќе се претвори во фарса“, процени тој.

Тој додаде дека случајот со Данка Илиќ е само еден во низата кој полицијата не го разреши поради притисок и мешање на политичките власти.

„Во истрагата за убиствата на пејачката Јелена Марјановиќ и адвокатот Миша Огњановиќ се вмешаа и политичари кои по неколку дена објавија дека знаат кои се убијците. Во сите овие случаи, наместо тајно да ги достави доказите до обвинителството, полицијата ги достави сите детали од истрагата до поединечни политичари.Не е формиран судски случај без претходно да се консултираат некои од политичарите за да можат да проценат како треба да се води истрагата“, рече Боровиќ.

Да потсетиме, девојчето Данка Илиќ исчезна на 26 март од семејниот двор во населбата Бањско Поље кај Бор. Српскиот претседател Александар Вучиќ ѝ соопшти на јавноста дека девојчето било убиено на 4 април. Срѓан Јанковиќ (50) и Дејан Драгијевиќ (50), вработени во ЈКП „Водовод“ од Бор се уапсени поради сомнение дека најпрвин со службено возило ја удриле малата Данка, а потоа ја внеле во возилото и ја убиле.

Тие се обвинети и дека телото на девојчето го фрлиле на депонија.

Далибор Драгијевиќ и неговиот татко Раде беа уапсени на 6 април, под сомнение дека му помогнале на Дејан Драгијевиќ да го премести телото на девојчето на непозната локација. Дејан Драгијевиќ почина на 7 април во полициската станица во Бор, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија.

Во соопштението навеле дека „вештиот суд констатирал природна смрт“, но подоцна во Институтот за судска медицина во Белград било констатирано дека има повреди по телото и дека смртта била поради насилство. Истрагата за неговата насилна смрт ја води Секторот за внатрешна контрола на МУП.

Во меѓувреме, во Вишото јавно обвинителство во Зајечар пристигнаа првите резултати од ДНК-испитувањето од Националниот криминалистичко-технолошки центар, од кои нема биолошки траги на девојчето.

Телото на Данка Илиќ сѐ уште не е пронајдено.

Морбидно: Со години го чувал мртвиот татко во замрзнувач, имал лудо објаснување (ВИДЕО)

Шокантниот случај ја потресе мирната заедница во Темпи (Аризона) и го привлече вниманието на локалните медиуми.

Сѐ започнало со пријава во полиција за тело скриено во замрзнувач, што бил оставен во двор на семејна куќа и покриен со церада.

На 22 октомври, службениците за спроведување на законот тропнале на вратата на Џозеф Хил Јуниор (51) и побарале да го видат неговиот татко Џозеф Постариот.

Бидејќи не го нашле во куќата, се вратиле во станицата и ја продолжиле истрагата, пренесува Daily Mail.

Така дознале дека синот со години земал пари од социјалното осигурување на татко му, па со налог за претрес се вратиле во Темпи.

Полицајците велат дека на Џозеф му се „променило“ однесување, а тој рекол дека во случај на претрес ќе пронајдат „нешто“ во замрзнувачот.

Замрзнувачот го нашле во дворот, без струја, а внатре пронашле човечки останки.

Тогаш синот признал дека татко му починал пред четири години. Ништо не пријавил за да не ја изгуби куќата.

Тој планирал да го закопа Џозеф Сениор на парцела што ја купил во Стробери, на околу стотина километри од Темпи. На крајот се откажал и го оставил телото во замрзнувачот.

Подоцна се обидел да го закопа во пустината, но секогаш налетувал на луѓе и се откажувал, вели тој.

Синот е приведен и ќе се појави на суд на 4 ноември.

Убил татко на осум деца зашто му го погалил кучето- сега е осуден (ВИДЕО)

Со години откако татко на осум деца од Тексас беше убиен пред очите на неговата сопруга бидејќи го галеше кучето на соседот во Сан Антонио, неговиот убиец конечно ја дозна својата судбина.

Пет дена по Божиќ 2021 година, 28-годишниот Валентин Гонзалес IV и неговата сопруга Бритни Кларк-Гонзалес, го виделе кучето надвор од станбениот комплекс и решиле да го погалат.

Неколку моменти подоцна, Џордан Итон, кој сега има 21 година, се појавил бесен, вооружен со пиштол, извикувајќи вулгарности кон парот пред да се обиде да пука во Кларк-Гонзалес, а потоа фатално да го рани нејзиниот сопруг додека се обидувал да ја заштити.

Вознемирената Кларк-Гонзалес со солзи по пукањето рекла дека Итон извикал: „Не можете да го допирате моето куче! Не се плеткам со вас, никого од вас“, објави KSAT, пренесува Law&Crime.

Иако Итон побегнал од местото на настанот и подоцна тврдел дека тоа било самоодбрана, видеото од телефонот на сведок покажало како тој пука во Кларк-Гонзалес, додека Валентин Гонзалес ја бранел.

На судењето, Итон наводно тврдел дека имал „претходни проблеми“ со жртвите и дека „се обидувал да не ги забележи“, но неговото галење на кучето го исфрлило од такт.

„Само сакав да останам сам“, наводно рекол тој. „Не сакав да пукам во никого.“

Сепак, Итон го застрелал Валентин Гонзалес, а поротата во округот Бексар го прогласи за виновен за убиство. Тој исто така е осуден за тежок напад за пукање во Кларк-Гонзалес.

Членовите на семејството на Итон се изјасниле за намалување на казната за осудениот убиец да има втора шанса и да бидат дел од животот на нивниот син.

На крајот, Итон е осуден на 20 години затвор за убиството на Гонзалес и 10 години за нападот на Кларк-Гонзалес, но 10-годишната затворска казна наводно е „суспендирана“ и ќе биде отслужена условно.

Во некрологот на Гонзалес, тој бил опишан како грижлив и дарежлив човек кој го сакал своето семејство.

„Тој постигна многу неверојатни работи, како што се запишувањето на колеџ на 15-годишна возраст и обезбедувањето за своето сакано семејство. Неговата великодушност не знаеше за граници, тој беше некој што ќе му помогне на секој што има потреба“, се вели во некрологот.

„Тој ги инспирираше луѓето околу него да станат подобри.“

Сѐ повеќе Израелци сакаат германско државјанство, бројот е зголемен по ланскиот масакр

По нападот на терористичката организација Хамас врз Израел во октомври минатата година, зголемен е бројот на барања за добивање германско државјанство во германските конзуларни претставништва во Израел, соопшти денеска германската влада.

„Во првите девет месеци примени се 18.448 барања за регистрација во регистарот на германски државјани“, објави германската влада како одговор на прашање на пратеничката група Алтернатива за Германија (АфД) во Бундестагот. Минатата година евидентирани се 9.178 барања, а во 2022 година 5.705.

Законот од 2021 година обезбедува полесен пристап до германско државјанство за жртвите на националсоцијалистичкиот прогон и нивните потомци.

Германската влада претпоставува дека бројот на барања за германско државјанство поднесени од Израелци е всушност многу поголем, имајќи предвид дека статистиката се однесува само на конзуларните претставништва во Израел, додека барања се поднесуваат и во германските претставништва низ светот.

По бруталниот напад на терористичката организација Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година, довербата на многу Евреи во Израел како последно засолниште беше разнишана.

Во исто време, се зголеми и бројот на антисемитски напади во Германија. Во последната година двојно е зголемен бројот на кривични дела со антисемитско потекло на 3.200 пријавени дела.

притисни ентер