100 години од основање то на Археолошкиот музеј

Свечена академија и доделување на благодарници по повод 100 години од основање то на Археолошкиот музеј.

Вчера се одржа Свечена академија по повод 100 години од основањето на Археолошкиот музеј во Скопје.

На 1 април 1924 година е формиран првиот Археолошки музеј во Македонија како установа со своја управа, зграда и музејски фонд составен од археолошки предмети пронаоѓани на територијата на Македонија. Во текот на овие 100 години музејот бил именуван со различни називи, зависно од историскитe текови и превирања, но грижата за археолошкото наследство се одвива во континуитет од 1924 година до денес. Во збирките на музејот денес се наоѓаат археолошки предмети кои се донесени во Куршумли ан како прво седиште на Музејот уште во 1924 година и до денес се симбол и синоним за македонската археологија – од најголемиот лапидариум на Балканот, кој сè уште е сместен во Куршумли ан, преку Големата Мајка од локалитетот Тумба Маџари во Скопје, праисториските дами од времето на енеолитот, тетовската Менада, наодите од гробот на пајонската свештеничка од некрополата Лисичин Дол во Исар-Марвинци, хидријата од Демир Капија, богатата скулптурална продукција од античкиот град Стибера, уникатните теракотни икони од Виничко Кале и многу други.

Долгогодишните систематски археолошки ископувања на Археолошкиот музеј ги опфаќаат сите предисториски епохи и сите периоди од човековата историја, од кои може да се издвојат: палеолитскиот локалитет Голема Пешт во с. Здуње, Македонски Брод, неолитскиот локалитет Тумба Маџари во Скопје, каде што е отворен првиот музеј под отворено небо во Македонија, енеолитската населба кај с. Спанчево, Кочанско, некрополата Димов Гроб кај с. Уланци, Градско, некрополата Мали Дол кај неготинското село Тремник, комплексните ископувања на градот кај с. Марвинци во Валандово, античките градови Антигонеа во Неготино и Гортинија во Гевгелија, ранохристијанските центри кај с. Коњух, Кратово и на Виничко Кале во Виница, доцноантичката населба на Стакина Чешма во Валандово, Кастелот на реката Пчиња, средновековниот град Моробиздон во Кочанско и многу други. Благодарение на овие истражувања, Археолошкиот музеј создаде 18 музејски збирки со илјадници археолошки предмети: од палеолитот (155.000 години пред н.е.) до времето на Отоманската империја (19 век).

Археолошкиот музеј во Скопје како матична музејска установа од полето на археологијата е носителот на сите најзначајни достигнувања во македонската музеологија и има реализирано огромен број изложби во земјата и странство. Стручниот кадар од Музејот со своите знаења и експертиза учествувал во формирањето на многу музејски збирки и установи низ државата. Во последниве години тоа беше крунисано со покренувањето и одржувањето на изложбата „100 години од откривањето на требенишката некропола“ како пример за успешна меѓународна балканска соработка, која веднаш се препозна како успешен пример за здружување на експертите од три балкански земји кои ги промовираат европските културни вредности.

Низ овие 100 години Археолошкиот музеј, како еден од клучните, не само културни, туку и општествени чинители, стоел исправен пред сите предизвици кои ги носеле различните услови и прилики и опстоил во својата мисија да биде поттикнувач на развојот на археологијата и музеологијата и на откривањето, прибирањето, чувањето и презентирањето на нашето богато минато и археолошко наследство.

Археолошкиот музеј

Словачкиот суд му одреди притвор на атентаторот на премиерот Фицо

Цинтула го погоди премиерот со четири од пет куршуми кога тој им пријде на приврзаниците по владината седница во Хандлова, во централна Словачка, за да се поздрави со нив.

Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување денеска му одреди притвор на 71-годишниот Словак Јурај Цинтула, кој на 15 мај во градот Хандлова со пет истрели го застрела премиерот Роберт Фицо и тешко го рани во стомакот.

Обвинителот побара притвор за осомничениот да не избега или да го повтори делото, а по сослушувањето судот не се согласи со писмените гаранции на Цинтула, ниту со предлогот тој да се брани додека е на слобода под надзор.

Цинтула го погоди премиерот со четири од пет куршуми кога тој им пријде на приврзаниците по владината седница во Хандлова, во централна Словачка, за да се поздрави со нив.

Цинтула веднаш бил уапсен. Од полицијата до медиумите протече видео на кое тој вели дека пукал во премиерот затоа што не му се допаѓаат политиките на неговата влада поради промените во судството, обидот за контрола на јавниот сервис РТВ и прекинот на помошта за Украина.

Но, адвокатите предупредија дека признавањето на вината е спорно бидејќи веднаш по атентатот и апсењето бил сослушан во шок, без присуство на адвокат.

Министерот за внатрешни работи Матуш Шутај Ешток рече дека напаѓачот немал соучесници, дека е очигледно дека нападот врз премиерот е политички мотивиран и дека Цинтула најмалку еднаш присуствувал на демонстрациите против Владата во градот Долна Крупа. /МИА

Едно лице почина, а друго се бори за живот по повреди добиени во лифт во угостителски објект

Едно лице почина, а друго се бори за живот во Клиничката болница- Штип од повреди добиени во несреќа, што според првичните информации се случила во лифт во угостителски објект во Штип.

Надлежните од СВР Штип потврдуваат за трагедијата, која се случила попладнево во угостителски објект во Штип.

Повеќе детали околу несреќата засега нема, но од СВР Штип велат дека во тек е увид од страна на полицијата, јавен обвинител од ОЈО Штип, а на терен се и државни инспектори.

Според првичните информации починатото лице и неговиот колега извршувале работна задача во моментот на несреќата.

Најмалку 68 луѓе го загубија животот во поплавите во западен Авганистан

Најмалку 68 луѓе го загубија животот во поплавите што ги зафатија планинските области во западен Авганистан по невообичаено обилните сезонски дождови, соопштија денеска властите.

Во најтешко погодената провинција Гор на западот од земјата 50 луѓе го загубија животот и имаше голема материјална штета, а уништени се илјадници хектари обработливо земјиште, објави портпаролот на гувернерот на провинцијата.

Во северната провинција Фаријаб беше соопштено дека животот го загубиле 18 лица, двајца се повредени, имало и значителна материјална штета и се удавиле над 300 говеда.

Главниот портпарол на талибанската влада изрази жалење за „загубата на сограѓаните Авганистанци“ и ги повика „одговорните власти... да ја дадат сета потребна поддршка за ублажување на страдањата“, а „добронамерните донатори“ и хуманитарни организации да помогнат.

Светската програма за храна на ОН на социјалната мрежа Икс објави дека провинцијата Гор во која има 2.500 семејства е најтешко погодена. Тимовите на Светската програма за храна на ОН се на терен за да распоредат помош, се додава во соопштението.

Минатата недела организацијата соопшти дека екстремно во обилните дождови во Авганистан животот го загубиле повеќе од 300 луѓе и се уништени илјадници куќи, главно во северната провинција Баглан.

Преживеаните останаа без куќи, земја и извори на егзистенција. Поголемиот дел од Баглан е „недостапен за камиони“, соопшти Светската програма за храна на ОН, додавајќи дека прибегнува кон секоја алтернатива за да им достави храна на преживеаните

Последната катастрофа следи по разорните поројни поплави во април во кои животот го загубија најмалку 70 луѓе. Во поплавите биле уништени и околу 2.000 куќи, три џамии и четири училишта во западните провинции Фарах и Херат и јужните провинции Забул и Кандахар./МИА

притисни ентер