Јужнокорејската опозиција поднесе барање за импичмент за привремениот претседател

Јужнокорејската опозиција поднесе барање за импичмент за привремениот претседател; гласањето утре.

Главната опозициска партија во Јужна Кореја, Демократската партија (ДП), поднесе барање за импичмент на привремениот претседател Хан Дак-су, кој истовремено е и премиер на земјата, јави новинската агенција Јонхап.

На денешната пленарна седница, парламентот беше информиран за иницијативата, а гласањето за импичментот е закажано за утре.

Претходно, собранието го отстрани од функцијата претседателот Јун Сук-јеол, кој на 3 декември прогласи воена состојба во земјата, што доведе до негово разрешување.

Иницијативата за импичмент против Хан доаѓа откако тој одби да именува судии во Уставниот суд сè додека политичките партии не постигнат компромис. Демократската партија предупреди дека ќе поднесе барање за импичмент доколку премиерот не ги одобри предложените кандидати за судии.

Три места во деветчлениот состав на Уставниот суд се празни, а овие судии треба да одлучат за импичментот на претходниот претседател Јун Сук-јеол.

Според законот, потребни се најмалку шест гласа од судиите за да биде потврден импичментот.

- Јасно е дека премиерот и привремен претседател Хан Дак-су нема ни квалификации, ни желба да го брани Уставот, изјави лидерот на пратеничката група на Демократската партија, Пак Чан-дае.

„Кликс“: Во тек е акција за приведување на министерот за безбедност на БиХ, Ненад Нешиќ

Нешиќ е осомничен за корупција во периодот кога ја извршувал функцијата директор на „Патишта РС“. Според информациите, МВР на РС подолго време ја истражувало оваа активност.

Во тек е акција за приведување на министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ. Акцијата ја спроведува Министерството за внатрешни работи на Република Српска (РС) по налог на Државното обвинителство на БиХ, јави сараевскиот портал Кликс.

Нешиќ е осомничен за корупција во периодот кога ја извршувал функцијата директор на „Патишта РС“. Според информациите, МВР на РС подолго време ја истражувало оваа активност.

Во тек се и претреси во јавната компанија „Патишта РС“. Покрај Нешиќ, уапсен е и Младен Лучиќ, брат на поранешниот државен министер за човекови права, Милош Лучиќ.

Од 1 јанаури се зголемуваат надоместоците за експлоатација на природни ресурси

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека од 1 јануари 2025 почнува со наплата на до 100 отсто зголемени надоместоци за експлоатација на природните ресурси.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека од 1 јануари 2025 почнува со наплата на до 100 отсто зголемени надоместоци за експлоатација на природните ресурси, со цел да се воведе ред во користењето на националните богатства и фер наплата.

-Со измените во Тарифник за утврдување на висината на надоместоците за издавање дозволи и концесии за вршење детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини, надоместоците за минерални суровини се зголемуваат до 100 проценти, што ќе значи и значајно зголемување на приходите за државата. Предлогот на министерството за зголемување на надоместоците е усвоен од Владата и објавен во Службен весник, со што новиот Тарифник почнува да се применува на 1 јануари, соопшти Министерството за енергетика.

За користење на просторот за експлоатација, надоместот се зголемува за околу 30 отсто, за експлоатација на мермер надоместот ќе изнесува 5 отсто од приходот од продадената минерална суровина, наместо досегашниот процент од фиктивна цена. За металични минерални суровини, досегашните 2 отсто се зголемуваат на 4 отсто, а за неметалични минерални суровини, зголемувањето е во просек од над 100 порценти.

Министерството посочува дека овие измени „не ги засегаат надоместоците за енергетски минерални суровини, како јаглен, со цел да се спречи дополнителен раст на цената на електричната енергија“.

Според Министерството за енергетика, со оваа мерка значително ќе се зголеми годишниот приход од концесиските надоместоци, кој во моментов е околу 10 милиони евра, а овие средства ќе бидат насочени кон подобрување на јавните услуги и поддршка на економскиот развој.

-Со новите измени обезбедуваме фер наплата за користење на нашите национални богатства, штитиме одржлив развој и гарантираме придобивки за сите – и за државата, и за приватниот сектор, истакнува министерката Сања Божиновска.

Министерството наведува и дека за донесување на оваа одлука се раководело од детална анализа на регионалните и светските практики, како и од препораките од Државниот завод за ревизија.

-Извештајот од април 2024 година потенцира дека концесиските надоместоци во Македонија се најниски во регионот, што ја поттикна потребата за измени. Министерството продолжува со залагањата за фер управување со природните ресурси и зајакнување на економските придобивки од нивната експлоатација, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

притисни ентер