По која ќе стане појасно – дали процесот може наскоро да финишира по целосно спротивставените позиции, со кои праговарачите дојдоа на Ист Ривер. Македонската страна е уверена дека последниот предлог Република Илинденска Македонија сепак ќе најде свое место на маса. За Атина пак, предлогот не е во игра и фокусот го враќа на стариот пакет од 4 имиња на медијаторот Нимиц. И Димитров и Коѕијас последните пораки ги испратија синоќа по одвоените средби со Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш.
Македонскиот министер само кусо посочил дека со визија и лидерство на двете страни постои историска шанса да се затвори повеќедеценискиот историски спор. Коѕијас пак, е воздржан оптимист. Прашан дали преговорите навистина се на крајот од патот, како што тврдела, македонската страна, тој е дециден – не останува ништо друго, освен Скопје тоа да го докаже на преговорите.
-Другата страна треба да покаже прагматизам и реализам за да најде решение. Решенија се решенијата со компромис. Направивме синтеза од сите предлози, но прашањето за името останува отворено. Од Нимиц ја очекуваме неговата мудрост за време на преговорите. Преговорите се поделени на два дела, оние меѓу министрите за надворешни работи кои разговараат за централните политички прашања и оние техничките групи, изјави Никос Коѕијас, министер за надворешни работи на Грција.
Во дел од грчките медиуми проструи информацијата дека Атина веќе инсистира на Нова или на Горна Македонија, кои би биле за севкупна употреба и со уставни измени. Дека за спорот за името во Њујорк, постои голем интерес и меѓу странските новинари, покажа дневниот брифинг, одржан од портпаролот на Гутереш.
Дали сега имаме договор меѓу Македонија и Грција за спорот за името? За името на државата, на нацијата, како ќе ги ословуваме нив и јазикот?
-Овие дискусии се во тек. Како што знаете, Г-н Нимиц е вклучен во ова подолго време. Кога ќе имаме договор, ние секако ќе соопштиме. Но, во овој момент јас немам што да објавам, изјави Стивен Дијариќ, портпарол на Генералниот секретар на ОН.
Преговорите за името денеска и утре, повторно се вратија во Њујорк, таму каде што и почнаа во јануари. На првата средба, со која и формално беше возобновен процесот, тогаш со преговарачите Наумовски и Василакис, Нимиц оптимистички соопшти дека на повидок е решение на спорот. Од тогаш поминаа четири месеци, а епилогот е се уште неизвесен.