Заев: Мицкоски е стечаен управник на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска на својот фејсбук профил напиша дека Христијан Мицкоски е стечаен управник на ВМРО-ДПМНЕ која, како што наведува, е најрасипничката партија со милионски долгови и не може и нема да ја води државата.

– Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски јавно призна дека во моментов ВМРО-ДПМНЕ е најазадолжена политичка партија, со долг од околу 8 милиони евра! ВМРО-ДПМНЕ сами си признаа дека се најнедомаќинска и најрасипничка партија во Македонија! ВМРО-ДПМНЕ призна дека има милионски долгови и дека Христијан Мицкоски е стечаен управник, извршител на Никола Груевски – осуден криминалец и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој ја задолжи земјава со милијарди евра, а неговата партија со милиони евра!, пишува Заев на неговиот официјален фејсбук профил.

Заев прашува што би се случило кога Мицкоски и Груевски повторно би се доближиле до државниот буџет.

– Ако својата партија ја задолжиле со 8 милиони евра, што би се случило со државниот буџет? Колку нови милијарди евра би ја задолжиле државата за нивните криминални проекти, каков што беше „Скопје 2014", за кој тврдеа дека ќе чини 80 милиони евра, а потрошија речиси 700 милиони евра? Ако секој член од нивната партија го задолжиле со стотици евра, со колку илјадници евра би го задолжиле секој граѓанин на нашата држава ако повторно се доберат до државната каса? Со николку, граѓаните нема да им дозволат да допрат до државниот буџет! Политичарите недомаќини со лепливи прсти губат на избори!, пишува Заев.

Тој потсетува дека бруто надворешниот долг на државава од 2006 до 2017 (прв квартал) порасна од околу 2,5 милијарди евра, на околу 7,7 милијарди евра, или за повеќе од 5 милијарди евра!

– Почитувани граѓанки и граѓани, по признанието дека ВМРО-ДПМНЕ должи околу 8 милиони евра, Христијан Мицкоски ѝ должи на јавноста одговори на многу прашања: Кога и кој ги направил тие милионски долгови на ВМРО-ДПМНЕ и дали тие пари се потрошени на луксузните лустери, скап мебел, персиски теписи, дисплејот од речиси 100.000 евра и уметничките слики од неколку стотици илјади евра?

Колку банкарски сметки поседува ВМРО-ДПМНЕ и дали позајмените 8 милиони евра воопшто легнале на сметките на ВМРО-ДПМНЕ? Колкава е вредноста на луксузната палата на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со земјиштето под неа и луксузните предмети во неа и на сиот замрзнат имот ширум државата, кој го стекнаа за време на нивното криминално владеење?, пишува Заев на фејсбук.

Лидерот на СДСМ наведува дека граѓаните на 12 април ќе го казнат стечајниот управник Христијан Мицкоски кој, како што пишува, е извршителот на Груевски и кои ја задолжија земјава со милијарди евра, а нивната партија со милиони евра, потрошени на барок и луксуз. /МИА

Анкета: Поддршката за членството на Полска во ЕУ - најмала во последнава декада

Поддршката за членството на Полска во Европската Унија падна на најниско ниво во повеќе од една деценија, според анкетата објавена денеска.

Според најновата анкета на институтот ЦБОС, и покрај победата на про-ЕУ коалицијата, поддршката за членството на земјата во Унијата падна на 77 отсто, што е најниско ниво од 2013 година.

Поддршката лани беше 85 отсто, а најголема беше во 2022 година, кога изнесуваше 92 проценти.

Про-ЕУ коалицијата дојде на власт во Полска на изборите во октомври по осум години владеење на партијата Право и правда (ПиС), ветувајќи дека ќе ги поништи законите воведени од десницата.

ПиС често беше во судир со западните сојузници на Полска и институциите на ЕУ во Брисел поради нивната загриженост за владеењето на правото во оваа земја. /МИА

Претставник на ОН тврди дека ќе бидат потребни 14 години да се отстранат урнатините во Газа

Претставникот на Обединетите нации, Пјер Лодамар денеска изјави дека ќе бидат потребни 14 години да се расчисти огромното количество урнатини, вклучително и неексплодирани експлозивни направи, што ги остави Израел за време на војната во Појасот Газа.

Лодамар, висок офицер во Службата за мини на ОН (УНМАС), на брифинг во Женева рече дека војната оставила околу 37 милиони тони отпад во широко урбанизирана, густо населена област.

Тој истакна дека иако не е можно да се одреди точниот број на неексплодирани убојни средства се смета дека под одредени услови, би можеле да бидат потребни 14 години да се расчистат остатоците, вклучувајќи ги и урнатините од уништените згради.

„Знаеме дека вообичаено има стапка од 10 проценти за неуспех, односно неактивирање на муницијата. Станува збор за 14 години работа со 100 камиони“, рече Лодамар. /МИА

Руски новинар на „Форбс“ е приведен поради наводно ширење лажни информации за армијата

Новинарот на магазинот „Форбс Русија“, Сергеј Мингазов е приведен под сомнение дека ширел лажни информации за руската армија, објави денеска магазинот.

„Форбс Русија“ додава дека досега не успеале да стапат во контакт со Мингазов. Неговиот адвокат Константин Бубон на Фејсбук објави дека новинарот е во притвор во источниот руски град Хабаровск, каде што живее.

Адвокатот рече дека Мингазов бил приведен поради преобјавување публикации за наводни руски воени злосторства во украинскиот град Буча, каде што убиствата на украинските цивили во првите недели од војната беа пријавени од Ројтерс и други новински организации.

Профилот на Мингазов на платформата Телеграм содржи бројни објави за Буча, а засега не е јасно за која од нив новинарот е приведен. /МИА

притисни ентер