Само што почна, 135. седница се одложи, Џафери побара лидерска средба

За вечерва во 21 часот беше закажана 135-тата седница на која како точки на дневен ред се предлог Законите за јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители.

Седницата почна со  безмалку едночасовно   задоцнување.   Прв за збор се јави координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Мицевски реагирајќи на стартот на седницата во доцните вечерни часови. Џафери одговори дека Собранието е во постојано заседание, а кому му се спие рече може да оди да спие . На почетокот процедурално се обрати и координаторот на СДСМ Митрески  кој нагласи дека се ова што се прави е уште еднаш да се даде шанса и да се донесе одлука како ќе се гласаат овие два закони.

Собранискиот спикер Џафери индиректно изреагира на Фејсбук статусот на генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски,  кој напиша дека доколку во Собранието се продолжи со тактизирање и на кој било начин се оневозможи гласање на важните закони , во тој случај постои реална можност да се направело ново парламентарно мнозинство а потоа и Влада која би ги организирала редовните парламентарни избори.

Џафери рече не е политичар кој користи и уважува статуси на Фејсбук и ги повика лидерите, согласно Пржинскиот договор да се состанат утре и да потврдат дали остануваат на договорот за избори на 12-ти април. Џафери ја затвори седницата а продолжението го закажа за утре во 11 часот.

Во Собранието е Јован Ѓорговски.

Од понеделник почнуваат градежни работи во месноста „Цуцка" на излезот од Велес кон Градско

Од понеделник битолската фирма „Стентон Градба" ќе почне со градежни работи кај свлечиштето од ридот Цуцка на излезот од Велес на регионалниот пат од Велес кон Градско.

Блаже Петров од „Стентон Градба" за МИА информира дека веќе е направен договор во врска со исклучување на струјата додека се изведуваат градежните работи заради безбедност на работниците  и за ситни градежни пропусти на проектантот како што е изградба на канал помеѓу потпорниот ѕид и пругата.

Од Општина Велес попладнево сопштија дека започнувајќи од понеделник, 24 февруари 2020 година, Друштвото за производство, промет и услуги „Стентон Градба" ДОО с. Долно Оризари – Битола, врз основа на склучен договор со Јавно претпријатие за државни патишта, ќе започне со изведба на градежни активности на местото викано „Цуцка" на регионалниот  пат од Велес –Градско  во близина на манастирите Св. Ана и Св Димитрија.

Локалната власт овој вреден проект го доби со финансиска подршка на Владата од 62,441 милиони денари а преку ЈПДП.

Од Општина Велес информираат дека за време на градежните работи за санација на свлечиштето (одронот) на регионалниот пат Велес – Градско (транзитен дел низ Велес), сообраќајот ќе биде времено изменет.

Општина Велес апелира до учесниците во сообраќајот, како и до сите жители кои гравитираат кон овој дел од градот, за внимателно управување со моторните возила и движење на пешаците и почитување на поставената вертикална сигнализација (сообраќајни знаци и дополнителни информативни табли)

Инаку, големи одрони на карпи  од  свлечиштето кај Цуцка на патот Велес – Градско и пругата Велес – Гевгелија се случија  пред скоро две години на 13 март 2018 година. /МИА

„Корковадо": Грејдерите за потребите на Армијата на РМ не се исти со оној продаден во Србија

 „Тие само изгледаат исто, како што сите грејдери на светот изгледаат исто. “

Српска компанија „Корковадо", преку која беа набавени машини-грејдери за потребите на Армијата, денеска ги демантираше тврдењата за злоупотреби и неправилности при реализацијата на набавката, оценувајќи дека станува збор за „лаги и злонамерни манипулации со фактите".

– Разбирам што е политичка борба, но мојата компанија е обвинета во медиумите од страна на целосни незнајковци и луѓе кои не се разбираат во техника и машини, вели во демантот директорот на „Корковадо", Дејан Станојковиќ.

Тој посочува дека грејдерите за потребите на Армијата биле продадени по цена од 197.000 евра за праче без ДДВ, како и дека овие машини и онаа што фирмата ја продала во Србија по пониска цена, воопшто не се исти.

– Тие само изгледаат исто, како што сите грејдери на светот изгледаат исто. Постојат огромни разлики. Вашите грејдери имаат погон и на предните оски што не е случај со грејдерот во Србија. Само тој додаток чини 40.000 евра, се наведува во демантот.

Во соопштението се посочува дека моторите во грејдерите набавени за нашата Армија, производство на еден од најдобрите производители во светото „Каминс", се поголеми и помоќни од оние во машината продадена во Србија, како и дека поради дополнителниот хидрауличен погон со хидромотори на предните тркала, потребен е помоќен мотор, бидејќи тој покренува и дополнителна моќна и голема хидро пумпа, што автоматски го прави поскап.

– Вашите грејдери имаа мотори со моќност од 164 киловати, а грејдерот испорачан во Трговиште (Србија) има 125 киловати. Вашите грејдери имаат ЗФ-троник менувачи од германски производител (најдобри менувачи во светот), што не е случај со грејдерот во Србија. Вашите грејдери имаат „пливачки од" на средниот и на предниот нож, што претставува врвна технологија и ретко кој производител ја има таа опција, се додава во демантот.

Станојковиќ во соопштението посочува дека грејдерите за нашата Армија се и габаритно поголеми, што „злобните луѓе нема да го забележат затоа што не сакаат".

– Секој кој и малку се разбира во техника ќе ги разбере овие наводи и ќе сфати дека машините воопшто не се исти. Напротив постои огромна разлика, но за незнајковците и злобните луѓе тоа не значи ништо. Купувачот поради ограничени средства купил многу поедноставна машина. Морам да напоменам дека кај вас имаше јавна набавка на која можеа да се јават сите продавачи на грејдери. Исто така, имаше и е-аукција на која учествуваа три фирми. Зошто не ги намалиле цените, ако моите грејдери се скапи. Напоменувам дека другите имаа многу повисоки цени и дека цената по која ги купивте грејдерите е исклучително добра, бидејќи доколку мојата компанија не беше на тој тендер, истите машини ќе ги платевте многу поскапо, истакнува Станојковиќ во демантот.

ВМРО-ДПМНЕ вчера обвини дека Министерството за одбрана преку јавна набавка набавило две тешки машини грејдери за потребите на Армијата од „Корковадо" по цена од 232.426 евра по машина, додека, според партијата, истата компанија на српска институција и продала таква машина во вредност од 108.000 евра.

На тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ уште вчера реагираше Министерството за одбрана тврдејќи дека во целата постапка за јавната набавка на грејдерите биле почитувани сите законски одредби. /МИА

Чолош и Ќучук: Македонија ги исполни критериумите за почеток на преговорите со ЕУ

Македонија ги исполни критериумите за да ги почне преговорите со Европската унија. 

Сега следи политичката одлука со новата методологија која ја предложи Европската комисија. Земјата направи добри чекори со законот за јавно обвинителство и ја охрабруваме да продолжи со борбата против организиранито криминал и корупцијата, порачаа Дачиан Чолош, лидер на групата на либералите во Европскиот парламент – „Renew Europe" и известувачот за Македонија во ЕП, Илхан Ќучук.

– Методологијата треба да се усвои од Советот и земјите членките и откако тоа ќе биде завршено мислам дека сите услови ќе бидат завршени да започне тој процес. Ние во Европскиот парламент ќе се залагаме за тоа, рече Чолош, одговарајќи на новинарски прашања пред денешната дебата посветена на младите и Европската унија во организација на Либерално-демократската младина.

Известувачот за земјава Ќучук со порака дека Владата и опозицијата заедно треба да работат на остварување на стратешките цели на државата.

–  Сигурен сум дека големи работи може да се случат во Македонија, но за тоа е потребна  политичка волја. Тоа не се однесува само за Владата, туку и за опозицијата и моја заложба е дека заедно можат да работат на остварување на стратешките цели на земјата и не гледам подобра стратешка цел од тоа да се биде дел од НАТО и земја членка на ЕУ бидејќи тие можат да испорачаат висок демократски и економски стандард кои се многу потребни на регионот и на земјата, изјави Ќучук, порачувајќи дека реформите се прават заради граѓаните и државата.

ЕУ, рече Ќучук, не се однесува на политичките елити на земјата, туку на граѓаните и на младите, бидејќи тие се иднината. – Паметната политика е за следните 15 до 20 години, а не е за утре, порача известувачот на ЕП за земјава. /МИА

притисни ентер