На ГАК донирани три респираторни машини за предвремено родените бебиња

На Универзитетската клиника за гинекологија – ГАК денеска беа донирани три респираторни машини за фреквентна вентилација за потребите на предвремено родените бебиња.

Станува збор за три респираторни машини од најнова генерација за високо фреквентна механичка вентилација за новороденчиња, во вредност од речиси 100 илјади евра, чии средства се обезбедени од две општествено-одговорни државни институции – Агенцијата за катастар на недвижности и АД МЕПСО. Апаратите се наменети за новороденчиња со респираторна инсуфициенција и овозможуваат агресивна и неагресивна механичка вентилација, со вградена опција за високофреквентна вентилација за многу мали и екстремно мали прематурни новороденчиња.

На предавањето на донацијата присуствуваа директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство – Скопје доц. д-р Викторија Јовановска, директорката на МЕПСО Ева Шуклева и директорот на Агенцијата за катастар за недвижности Борис Тунџев.

Директорката посочи дека со ставањето во функција на новите апарати се овозможува подобрување на гасната размена, намалување на работата на дишната мускулатура, како и подобрување на вентилацијата. На овој начин, рече таа, одделот за неонатална нега и терапија се доопремува со дополнителна вентилација и прочистување на воздух, со цел намалување на честотата на инфекции во воздухот.

Владимир Милошев, држвен секретар во Министерството за здравство изразувајќи задоволство дека ресорното Министерство со денешниот настан го продолжуваат континуитетот за зајакнување на капацитетите на јавните здравствени установи со опрема.

Изминатиот период со континуирано унапредување на условите во оваа јавна здравствена установа, постигнато е значително намалување на стапката на доенечка смртност од 24 отсто на 10 проценти.

На директорката на МЕПСО Шуклева и директорот на Агенцијата Тунџев од страна на директорката на ГАК им беа доделени благодарници. /МИА

Роча на чело на шпанскиот фудбал

 Досегашниот потпретседател на Шпанската фудбалска федерација (РФЕФ) Педро Роча е избран денеска за нов челник на организацијата.

Роча изминатиот период беше вршител на должноста претседател, откако поранешниот прв човек на РФЕФ, Луис Рубиалес, беше принуден да се повлече поради скандалот кога ја бакна в уста репрезентативката Џени Ермосо за време на церемонијата на доделувањето на златните медали по финалето на Светското првенство минатата година.

Роча, кој наскоро ќе го прослави својот 70 роденден, беше единствен кандидат за претседателската должност.

Во четвртокот, шпанската Влада го стави РФЕФ под надзор поради можна корупција, поврзана со „многубројни грешки во управувањето“. /МИА

Мали тврди дека државата од 2020 година привлекла 15,9 милијарди евра странски инвестиции

Српскиот министер за финансии Мали тврди дека државата од 2020 година привлекла 15,9 милијарди евра странски инвестиции

Од 2020 година Србија кумулативно привлече 15,9 милијарди евра директни странски инвестиции, изјави денеска српскиот министер за финансии Синиша Мали на средба со инвеститори од САД, јави Бета.

„Не правиме разлика меѓу домашни и странски инвеститори. Се надевам дека во Србија ќе најдете проекти и можности кои ќе ве интересираат да инвестирате“, им порача Мали на инвеститорите кои по посетата на српската делегација на Вашингтон по повод Пролетната сесија на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка пристигнаа во Белград со цел да се запознаат со сите параметри на српската економија.

Мали изјави дека во Србија не се прави разлика меѓу домашни и странски инвеститори, соопшти Министерството.

„Се надевам дека во Србија ќе најдете проекти и можности кои ќе ве интересираат да инвестирате“, рече министерот.

Тој наведе дека ланскиот раст на БДП во Србија бил 2,5 отсто и дека само во последниот квартал бил 3,8 отсто, а во февруари годинава бил 5,9 отсто и дека се базирал на извозот и инвестициите, како и на таа официјална статистичка. Податоците на Србија покажуваат дека секоја економска гранка бележи раст.

Тој посочи и дека Србија има стабилен јавен долг, на ниво од 47,6 отсто од БДП. /МИА

Невладините со барања до партиите за подобрување на еколошката слика во земјава

Ако за време на претходните парламентарни избори, во фокусот на кампањата на политичките партии беше подобрувањето на квалитетот на воздухот, овој пат ниту еден политичар не стави акцент на екологијата.

Ако за време на претходните парламентарни избори, во фокусот на кампањата на политичките партии беше подобрувањето на квалитетот на воздухот, овој пат ниту еден политичар не стави акцент на екологијата, обвинуваат дел од граѓанските иницијативи и еколошки здруженија.

Тие бараат одговор од партиите што ќе преземат за намалување на загадувањето на воздухот, кога ќе го завршат префрлувањето на 700 јавни објекти од мазут и нафта на незагадувачки енергенси за загревање, дали имаат стратегија како да ја прекинат финансиската зависност на општините само од комуналии и издавање нови градежни дозволи.

Дали оваа иницијатива доаѓа со задоцнување, со оглед на тоа што програмата за парламентарните избори партиите веќе почнаа да ја презентираат, ја прашавме Ели Пешева од О2 Иницијатива.

Подносителите на иницијативата бараат конкретни одговори со рокови, буџет и одговорни институции кои ќе го сработат ветеното.

притисни ентер