Почина двегодишна ќерка на фудбалерот Бенико Афобе кој претходно играше во Арсенал , а во моментов игра за Бристол Сити. 26-годишниот фудбалер денеска ја потврди веста за смртта на неговата ќерка.
"Ја однесовме Амора во болница поради сериозна инфекција, но за жал се случија големи компликации. Иако лекарите направија се што е во нивна моќ, Амора почина во мир опкружена со љубовта на нејзиното семејство. Ние сме скршени и уништени и ве молам за почит и приватност во овие тешки моменти “, се вели во неговата изјава за Би-Би-Си.
Сочувство до семејството испрати и неговиот клуб од Бристол, кој преку Твитер објави дека нивните „мисли и молитви се со Бенико и неговата сопруга Лоис“.
„Дури и не можеме да ја замислиме болката што ја чувствуваат и ќе сториме сé што можеме за да ве поддржиме“, додадоа тие.
Амора беше нивното прво дете, а Бенико и Лоис се во брак од 2016 година.
Бенико, кој поради повреда ја пропушти оваа сезона, кариерата ја започнал во 2001 година во Арсенал, каде остана до 2015 година. Играше за репрезентацијата на Англија и во моментов е член на репрезентацијата на неговата матична земја, Конго.