Првиот човек на Тесла на свеченост во Калифорнија го претстави долго најавуваниот електричен камионет Сајбертрак.
Меѓутоа ниту концептот за ова возило од пред неколку години, а ниту бројните тизери и шпекулативни рендери кои кружеа по интернет не можеа да не подготват за ова што доаѓа.
Пред се е воочлив несекојдневниот дизајн со остри линии, но освен со својот изглед, Тесла Сајбертрак од останатите возила ќе се разликува и по специфичниот материјал од кој е направен.
Како што изјави Илон Маск на премиерата, панелите на автомобилот се направени од нерѓосувачки челик и отпорни се на гребаници и физички оштетувања. Панелите се отпорни и на куршуми со пречник до 9мм а Сајбертрак има и непробојно стакло.
Сајбертрак по дизајнот повеќе потсетува на некое воено возило кое со сигурност ќе се издвојува од другите учесници во сообраќајот.
Но презентацијата на новиот модел не одеше по планот. Илон Маск од својот асистент на сцената побара со метална топка да се обиде да го скрши непробојното стакло и успеа во тоа, што изгледа не беше планирано, но Илон Маск ја извади ситуацијата и прокоментира „добро е барем не го проби стаклото“.
Сепак, податоците за перформансите се оние кои повеќе ги интересираат вљубениците во Тесла моделите.
Сајбертрак во својата најсилна верзија со погон на сите 4 тркала ќе може да забрза од 0 до 60 миљи за 2,9 секунди.
Но сепак брзината кај Сајбертрак не игра главна улога, тој е наменет да биде камионет, тој има носивост од 1,6 тони а може да влече и приколка со маса до 6,3 тони.
Почетната цена за Сајбертрак во САД ќе изнесува 39.900 долари. Но доколку купувачите сакаат повисоки перформанси, за тоа задоволство ќе мораат да платат и до 69.000 долари.
Првите испораки се планирани за крајот на 2021 година.