Ангеловска на Фреја форумот: Дигиталните алатки се сè уште занемарени како клуч за подобрување на демократијата

Дигиталните алатки сѐ уште се занемарени како клуч за подобро раководењето со државите и за подобрување на демократијата. 

Дигитализацијата може да помогне во адресирањето на глобални проблеми меѓу кои и најгорливиот - одржливиот развој. Новите технологии се и клуч за премостување на родовиот јаз. Обраќајќи се на отворањето на интернационалниот 13. Фреја форум што оваа година се одржува во Скопје, министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека пред нас е откривање и користење на потенцијалот на технологиите за адресирање крупни општествени проблеми.

-Човештвото се соочува со сиромаштија и глад, раселување како последица на климатските промени и конфликтите, додека, од друга страна има брз развој на вештачка интелигенција. Ова значи дека треба повеќе да работиме нa изнаоѓање одговарачки решенија за проблемите со кои се соочуваме - посочи Ангеловска.

Дигиталните алатки можат да се користат за да се подобрат услугите на Владите. Со едноставни анализи базирани на дигитални алатки можеме да видиме, на пример, кој и каде најмногу користи Интернет, како показател за развојот на одредени региони.

- На пример во Чикаго, вградени дигитални следачи во велосипедите им покажуваат на градските власти кои патишта треба да ги реконструираат. Дигиталните алатки се ресурс на денешницата исто како што во првата индустриска револуција била парната машина, исто како што беше самиот Интернет - рече Ангеловска.

И за Владата едно од важните прашања е користењето на дигиталните технологии за подобрување на квалитетот на јавните услуги. Министерката Ангеловска рече дека со Светска банка, на годишната средба во Вашингтон, е договорена натамошна соработка за дигитализирање на уште поголем број услуги, што ќе има директен импакт врз доброто управување, но и врз економскиот раст. Овој месец, Министерството за информатичко општество и администрација ќе ја објави листата на електронски услуги со кои ќе бидат поедноставени услугите до граѓаните.

-Моите заложби се насочени кон вбризгување на дигиталните технологии во секоја сфера бидејќи верувам дека иднината за Северна Македонија лежи во смарт и дигитално општество. Министерството за финансии ќе се заложи за поголема примена на дигиталните технологии во делот на адресирање на сивата економија и даночните политики, следењето на имплементацијата на капиталните инвестиции и буџетската транспарентност - укажа министерката за финансии Ангеловска.

Фреја форумот од 1995 година работи на градење капацитети, демократија и еднакви можности преку развој на непрофитни организации во Западен Балкан, Турција, Шведска и земјите од ЕУ, соопшти Министерството за финансии.

Поскапе осигурувањето за регистрација на возилата за 15 отсто

Дали граѓаните сепак ќе се спасат од поскапување од 15 отсто на осигурувањето за регистрација на возилата?

Ова прашање се отвори откако Националното биро за осигурување првично донесе ваква одлука, но ја оспори Агенцијата за супервизија на осигурување, која ја смета за неоправдана. По нивно барање, денеска итно се состанала Комисијата за осигурување во Министерството за финансии која го има последниот збор.

Од финансии соопштија дека веќе побарале објаснување од Националното биро, а нивните аргументи ќе ги разгледуваат на седница во понеделник, а во меѓувреме се обратиле и до Комисијата за зашита на конкуренцијата со цел да испита дали се прекршеници правилата за фер и конкуренто однесување.

Новите цените на осигурувањето што ги опфаќат возилатаа со моќност на моторото над 44 киловати, стапија на сила од вчера, а денеска Агенцијата за супервизија на осигурувањето соопти дека по извршените актуарски пресметки, утврдиле дека зголемувањето на цената, со дадените образложенија, не е оправдано.

-Го информиравме и доставивме предлог до Министерството за финансии, во рамки на неговите законски надлежности, да иницира изготвување и донесување нова тарифа на премии за задолжително осигурување од автомобилска одговорност – соопштија од таму.

Граѓаните, што ги анкетиравме велат дека одлуката да поскапи осигурителната полиса е неправедна.

Доколку останат цените што ги одредило Националното биро, сопствениците на возила со моќност на моторот од 44 до 55 киловати наместо 5.453 денари, сега за осигурување ќе треба да платат 839 денари повеќе, односно 6.292 денари.

Од 6.166 на 7.116 денари се зголемува цената за возила со моќност од 55 до 65 киловати, додека пак 1.100 денари повеќе ќе платат оние кои имаат возила со моќ од 66 до 84 киловати.

Најголемо зголемување на цената на осигурителната полиса ќе почувствуваат сопствениците на возила со помоќен мотор. Над 1300 денари повеќе ќе платат возачите чии коли се со моќност од 84 до 110 кв, додека пак над 1500 денари повеќе ќе ги чини осигурувањето тие кои поседуваат автомобил со моќност на моторот од над 110 киловати.

– НОВА ЦЕНА ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ЗА РЕГИСТРАЦИЈА НА ВОЗИЛО

СТАРА ЦЕНА НОВА ЦЕНА

ВОЗИЛА СО МОЌНОСТ ОД 44 ДО 55 КВ 5.453 ДЕН. 6.292 ДЕН.

ВОЗИЛА СО МОЌНОСТ ОД 55 ДО 65 КВ 6.166 ДЕН. 7.116 ДЕН.

ВОЗИЛА СО МОЌНОСТ ОД 66 ДО 84 КВ 7.133 ДЕН. 8.233 ДЕН.

ВОЗИЛА СО МОЌНОСТ ОД 84 ДО 110 КВ 8.510 ДЕН. 9.821 ДЕН.

ВОЗИЛА СО МОЌНОСТ НАД 110 КВ 10.294 ДЕН. 11.879 ДЕН.

Судскиот совет наскоро ќе отпочне со усвојување на препораките на оценската мисија на ЕУ

Судскиот совет наскоро ќе отпочне со промена на деловникот за работа како дел од акцискиот план за усвојување на препораките на оценската мисија на ЕУ.

Дел од промените предвидуваат при именувањето и унапредувањето на судиите во повисоките судови, членовите на советот да го образложат својот став, особено во случај кога прворангираните судии не се избрани.

Ќе претрпи измени и правилникот што е дел од методологијата за оценување на судиите, а ќе се скратат и роковите за дисциплинските постапки.

Ова беше посочено на брифингот со новинарите кој денеска го одржа претседателката на Судскиот совет весна дамева и дел од членовите. Оценската мисија на ЕУ даде 40 препораки од кои 17 се во доменот на судскиот совет од каде велат дека временската рамка за нивно имплементирање е посебно важна за нив а се предвидува до крајот на годинава да се имплементираат сите препораки.

УКИМ донесе Одлука за основање Фондација „Горан Стефановски“

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје донел Одлука за основање Фондација „Горан Стефановски“. 

Одлуката, на предлог на Ректорската управа, денеска, во очи на роденденот на овој великан на македонската драма – 27 април, ја донел Сенатот на УКИМ, по што ќе започне постапката за носење на основачките акти и избор на органите на Фондацијата.

-Фондацијата се основа на иницијатива на Факултетот за драмски уметности – Скопје (ФДУ), каде што Стефановски долги години ги предаваше драмските занаети, пред да го продолжи својот животен пат во Велика Британија. Во органите на Фондацијата, освен претставниците на академската заедница и на семејството на Стефановски, ќе партиципира и Драмскиот театар од Скопје, на чија сцена драмите на овој автор ги доживеаја најголемите успеси, соопшти ФДУ.

Цели на Фондацијата, како што е наведено во соопштението, ќе бидат заштита и негување на оставината на делото на нашиот најголем современ драмски автор Горан Стефановски, како трајна културна вредност, публикување на објавени и необјавени негови трудови, во печатен и електронски формат, подобрување на достапноста на неговото творештво на сите светски јазици, градење на културата – посета на театар и однос кон драмските уметности кај новите генерации, но и проекти за промоција и поттикнување на македонското драмско творештво воопшто.

-Фондацијата ќе обезбеди стипендирање на образованието во сите степени на талентирани ученици и студенти во областа на драмските уметности, поддршка и унапредување на талентираните ученици, студенти и млади кои аматерски се занимаваат со филм и театар. Исто така, таа ќе го поттикнува и поддржува неформалното образование за создавање драми, ќе организира едукативни дебати, работилници и семинари, уметнички и научни конференции, како и хуманитарни проекти од сценскоизведувачка и аудиовизуелна природа за поддршка на ранливи категории, информираат од ФДУ.

Великанот на македонската драмска уметност, Горан Стефановски, почина пред пет години во Кентбери, Англија, на 66-годишна возраст. Автор е на култните драми: „Диво месо“, „Лет во место“, „Јане Задрогаз“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“ и многу други. Беше еден од креаторите на популарната ТВ-серија „Бушава азбука“ и на повеќе филмски сценарија. Завршил Филолошки факултет во Скопје – англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград, каде што и магистрирал на тема: „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“. Работеше во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 1986 година ја основал Катедрата за театарска и филмска драматургија и бил професор по драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Добитник е на наградите: „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Војдан Чернодрински“, „Стериина награда“. Стефановски беше и дописен член на МАНУ.

притисни ентер