Честитка од Пендаровски по повод Денот на Mакедонската револуционерна борба

Дозволете да ви го честитам 23 Октомври ‒ Денот на Македонската револуционерна борба. 

Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври - Денот на Mакедонската револуционерна борба.

  Пред 126 години со формирањето на Македонската револуцонерна организација беа удрени темелите на организираната револуционерна борба за слобода и за создавање независна македонска држава. Беа потребни години на непрекината борба, страдања, хероизам и непокор, беа потребни Илинден 1903 и АСНОМ 1944, Референдумот на 8 септември 1991 за конечно да создадеме држава. Ние, денешните генерации, ги уживаме резултатите  на револуционерната борба ‒ живееме во слобода, во своја самостојна држава.

Секое време носи можности и искушенија. Секоја генерација има свои предизвици и цели. Нашиот предизвик е да ја направиме Република  Македонија просперитетна и почитувана, демократска и модерна. За тоа ни треба толеранција во меѓусебните односи, почит за другите, одговорност кон заедницата, грижа за животната средина и помагањето на ближните. Ни треба сплотеност без разлика на етничка, верска, политичка или каква било припадност. Не смеат да нè обесхрабруваат никакви пречки и премрежија. Го знаеме својот пат и на тој пат продолжуваме заедно.

Нека ни е честит 23 Oктомври!

Дескоска: Мора да има прочистување на судството и обвинителството

 Министерката за правда Рената Дескоска денеска изјави дека се залагаат за ветинг и оти чесните судии и обвинители не треба да се плашат од злоупотреби при спроведување на тој процес.

– Ставот јасно се кристализира дека се залагаме за ветинг. Мислам дека не треба да има стравување ниту кај чесните судии, ниту кај чесните обвинители за некаква злоупотреба при процесот на ветингот, изјави денеска министерката Дескоска по одржувањето на  конференцијата на тема „Улогата на жените во сочувувањето на мирот и безбедноста и Резолуцијата 1325"

Посочи дека има меѓународни примери за спроведувањето на ветингот.

– Ветингот не го спроведува извршната власт, туку на експертско ниво мешовита комисија, во која што во многу земји учествуваат и меѓународни претставници како гарантори на процесот, рече Дескоска.

Додаде дека веќе созрева не само во рамки на Владата, туку и генерално во државата сознанието дека мора да се направат чекори за побрзо прочистување на судството од неквалитетни и непрофесионални судии, а секако тоа се однесува и за обвинителството.

– Останувам на ставот дека е многу побитно да имате чесни и професионални судии и обвинители, отколку да ги има а да не си ја вршат работата како што треба. Тие носат поголема штета, отколку што би било забележано како штета нивното оптсуство во судството, рече Дескоска.

Таа додаде дека поддржува се што може да значи исчистување на политичката сцена, на државната сцена од луѓе кои се корумпирани, кои се непрофесионални, кои имаат врска со мафијашки и други кругови за да се донесе поголем квалитет.

Министерката за правда не сакаше да ја коментира смс пораката на обвинителката Вилма Рускоска дека ќе поведе финансиска истрага против судиите од Апелацискиот суд, кои донесоа одлука поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, обвинета во случајот „Рекет", да излезе од притворот во Шутка и да издржува куќен притвор, ги налути апелациските судии.

– Од позиција на министер за правда не смеам да коментирам ниту судски, ниту обвинителски одлуки, случаи, ниту пак изјави од обвинители. Генерално сите гледате што се случува изминатиов период во судството и обвинителството и мислам дека веќе сите се свесни дека и кај нив треба да се случуваат реформи, истакна Дескоска.

Заев: Односите со ДУИ стабилни, за соработката по изборите ќе одлучат граѓаните

 Имаме стабилни односи со ДУИ, но до изборите е важно да се фокусираме на тоа што ќе понудиме на граѓаните, а тие на изборите со тоа како ќе се определат со гласовите така ќе не насочат во делот на идните соработки.

Ова го истакна премиерот Зоран Заев одговорајќи на новинарско прашање во врска со изјава на потпретседалот на партијата Мухамед Зеќири дека не сака да коалицира со ДУИ, посочувајќи на демократијата во СДСМ и постоењето  на правото на дискусија, слобода и различно мислење внатре.

-Имаме стабилни односи со ДУИ и фала Богу на слободата и кога имаме некои нееднаквости, кога имаме  несосгласувања тие излегуваат на површина и тоа е причина и да ги решиме проблемите. Ние сме демократска партија. Јас се гордеам со демократијата во СДСМ и секако правото на дискусија, слободата, на различно мислење внатре постои. Но дефинитивно СДСМ имаме одлична соработка. Бевме партнери и кога се носеа најтешките одлуки за државата. Се радуваме за економските успеси и таа соработка е за добробит на сите граѓани во оваа наша земја, а секако дебата е отворена. Постои и одредено несогласување и одредени поединци во ДУИ кон СДСМ, па да не зборуваме и за сите други политички партии, и сето тоа покажува дека сме различни, истакна Заев.

Потенцира дека соработувале со сите и дека тоа партнерство е многу повисоко ниво на соработка, но оти има доста дебата до изборите.

-Многу е важно да се фокусираме што тоа ќе им понудиме на граѓаните, без разлика кој со кого соработува, туку дали граѓаните имаат фајде од таа работа, дали има ефект за граѓаните. Граѓаните кажуваат на изборите, на крајот како тие ќе определат со гласовите, така и ќе не насочат во делот на идните соработки, затоа што бројките се неприкосновени. Тие бројки ќе бидат потврдени. Преку таквите бројки ќе ни кажат како да соработуваме, рече премиерот.

Потсети дека имале одлична соработка и со опозициските партии од албанскиот блок за најважните прашања и оти и тие и до денес се на располагање и дека разговараат како за Законот за јавното обвинителство, што, како што рече, не е случај на пример со македонската опозиција.

-Тие беа тука кога требаше да се поддржи државата да ги оствари своите стратешки аспирации НАТО и ЕУ, поддржувајќи го Договорот од Преспа, Договорот со Бугарија, но секако поддржуваји ги уставните промени, изјави Заев по средбата со претставници на ССМ и на Европската конфередерација на синдикати.

Меркел: Земјите од Западен Балкан имаат перспектива за членство во ЕУ

Би сакала да им порачам на земјите од Западен Балкан дека имаат перспектива за членство во Европската Унија, изјави синоќа во Загреб германската канцеларка Ангела Меркел.

– Ние живееме за тоа и ќе направиме тоа да се случи, нагласи Меркел на Конгресот на Европската народна партија, што вчера и денеска се одржува во хрватскиот главен град.

Таа порача дека ќе разговара со Франција за да се најде консензус околу францускиот предлог за реформи на процесот на преговори за членство во ЕУ, со цел да се создадат услови за што побрзо започнување на преговарачкиот процес со Македонија и Албанија.

– Мора да разговараме со Франција и тоа треба да го сториме многу интензивно и да ги утврдиме елементите што треба да се подобрат и да се менуваат во процесот на проширување. Сакаме договор за тоа колку што е можно поскоро со цел да можеме да постигнеме напредок во конкретниот случај, изјави Меркел, нагласувајќи дека реформите во преговарачкиот процес ќе треба да им овозможат вистинска перспектива за членство на земјите од Западен Балкан.

Германската канцеларка потенцира дека ги поддржува плановите на хрватската Влада за одржување Самит ЕУ – Западен Балкан во целосен формат, додавајќи дека Германија смета оти перспективите за преговори за влез во Унијата на Македонија и Албанија „ќе ја зајакнат геополитичката стабилност на историски нестабилниот Балкан".

Европската народна партија (ЕПП) синоќа на својот Конгрес во Загреб усвои Резолуција за зајакнување на европската перспектива на Југоисточна Европа, со која се повикуваат Европскиот совет и земјите членки на ЕУ да се заложат за носење позитивна одлука што е можно поскоро за отворање на пристапни преговори со Македонија и Албанија.

– Поткопувањето на политиката на проширување може да доведе до зголемување на нестабилноста во непосредното соседство на ЕУ и да отвори простор за странски актери, чии активности можеби не се во согласност со вредностите и интересите не ЕУ, да остварат поблиска соработка со Македонија и Албанија, се вели во документот, предложен од Хрватската демократска заедница (ХДЗ).

Во текстот се посочува дека неуспехот на ЕУ да одреди датум за старт на преговорите со Македонија доведе до распишување предвремени избори во земјата и резултирало „со пад на кредибилитетот на оние што прифатија компромиси". – Потребно е да се преземат сите напори за организирање на слободни, фер, демократски и кредибилни избори на 12 април 2020 година, се вели во Резолуцијата.

Документот, исто така, повикува да се охрабрат реформите во Србија, Црна Гора, Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина и Косово, со цел овие земји да ги исполнат критериумите за членство во Унијата што е можно поскоро. 

притисни ентер