Отворена изложбата на дела од годинашнава Меѓународна струмичка ликовна колонија

Во Изложбениот салон на Центарот за култура „Антон Панов" вечерва во Струмица беше отворена традиционалната изложба на дела создадени на 56. Меѓународна струмичка ликовна колонија.

Раководителот на Колонијата Александар Филев истакна дека од 1 до 12 август се создадени нови четириесет дела од 14 ликовни уметници од САД, Полска, Украина, Србија, Црна Гора, Грција, Бугарија и Северна Македонија.

Изложбата ја отвори градоначалникот на Струмица Коста Јаневски, кој им се заблагодари на ликовните творци за збогатувањето на големата ликовна збирка на Струмица.

– Вечерашнава изложба е убав продукт од дванаесетте творечки денови во жешкиот струмички август, во кои учесниците на колонијата, низ дружење и плодотворна атмосфера ги создадоа своите дела, но во кои и пронаоѓаа творечка инспирација при посетата на струмичките културно-историски споменици, осознавајќи го нашето богато и вредно културно наследство, рече градоначалникот Јаневски

Отворањето на изложбата беше во рамки на одбележувањето на Денот на ослободувањето на Струмица – 11 септември./MИА

Бројот на Австријци кои живеат во сиромаштија се зголеми за повеќе од 50 проценти

 Бројот на Австријците во апсолутна сиромаштија е зголемен за повеќе од 50 отсто, од 201.000 во 2022 година на 336.000 минатата година, соопшти Заводот за статистика на земјата.

Според бројките презентирани од Статистика Австрија, погодените луѓе не можеле да си дозволат многу секојдневни работи како кирија, греење или храна.

Децата и младите се релативно почесто погодени од сиромаштија отколку возрасните.

Во опасност од сиромаштија се 41 отсто од самохраните родители и 31 отсто од семејствата со најмалку три деца.

Според податоците, процентот на жители во ризик од сиромаштија би изнесувал дури 42 отсто без државна социјална помош.

Универзитетот Колумбија го одложи рокот што им го даде на демонстрантите против војната во Газа

Американскиот универзитет Колумбија го одложи рокот, кој истекува на полноќ, што им го даде на пропалестинските студенти да го расчистат кампусот, каде што протестираат против војната во Газа.

- Преговорите напредуваа и продолжуваат според планираното, соопшти кабинетот на претседателот на Универзитетот во Њујорк Минуш Шафик, негирајќи дека била побарана полициска интервенција.

- Не нарекуваат терористи, нè нарекуваат насилници. Но единствената алатка што ја имаме е нашиот глас, рече еден од студентите на собирот.

Пропалестинските студентски демонстрации во САД, кои се проширија на неколку универзитети, почнаа на Универзитетот Колумбија во Њујорк.

Некои од најпрестижните универзитети во светот, како Харвард, Јеил и Принстон, се приклучија на студентското движење и демонстрации.

Блинкен за неколку дена во Израел, седми пат од почетокот на војната

 Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во вторник ќе го посети Израел, седми пат по терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел и војната што следеше како одговор на Израел во Појасот Газа.

Јавниот сервис Кан денеска јави дека Блинкен ќе дојде во Израел за да разговара за најавената операција на израелската армија во Рафа, како и за напорите да се обезбеди пауза во борбите и да се ослободат повеќе од 100 заложници кои ги држи Хамас.

Блинкен моментално е во посета на Кина.

притисни ентер