„Одисеј" на Горан Стефановски за затворање на годинешното издание на „Охридско лето"

Со вечерашната изведба на драмата „Одисеј" на Горан Стефановски на Античкиот театар се спушта завесата на годинашното 59-то издание на најголемата музичко-сценска манифестација во земјата – Фестивалот „Охридско лето".

Изминатите 40 фестивалски дена понудија 47 содржини со кои се славеше уметноста. Сцените на Античкиот театар, црквата „Света Софија", предворјето на црквата „Света Софија", Долни Сарај, Центар за култура беа речиси исполнети, за некои од настаните се бараше билет повеќе. За интересот на публиката за фестивалската понуда говори и податокот дека и вечерашната претстава за свеченото затворање на фестивалот веќе е распродадена.

– Изминаа 40 дена исполнети со врвни уметници, задоволна публика и полни гледалишта…„Охридско лето" запиша уште едно успешно издание во богатата фестивалска историја. Пречекавме околу 500 уметници од 23 земји од светот, но и гости од земјава и странство кои допатуваа за да ја следат фестивалската програма. „Охридско лето" следната година слави голем јубилеј, 60 години од неговото постоење. Тоа за нас е голема чест, но и обврска да одбележиме достојно како што заслужува оваа наша најголема музичко – сценска манифестација. Подготовките веќе се започнати и можам само да најавам врвни уметници и беспрекорна организација, истакна на завршната прес-конференција директорката на фестивалот Наташа Поповиќ.

Што се однесува на вечерашниот настан, селекторот на драмската програма на „Охридско лето" Александар Поповски кој е и режисер на претставата „Одисеј", рече дека претставува е мозаик составен од уметници кои патуваат, играат, настапуваат насекаде низ просторите на поранешна Југославија и низ светот.

– Желба ми беше заради Горан оваа претстава да ја играме во Охрид и тука на своевиден начин тој да ја најде својата Итака. Не се надевав дека ќе успеам во тоа, но одговорот на сите уметници на кои им се обратив беше фасцинантен, сите тие откажаа и снимања и патувања да се соберат тука и да ја одиграме оваа претстава. Тоа за мене се работи што кажуваат дека вреди што се занимавам со оваа професија, рече Поповски.

„Одисеј" е копродукциски проект реализиран преку соработка на извонредни, докажани актери од театрите „Гавела" од Загреб, „Улисис" од Бриони, Српскиот народен театар од Нови Сад, „Драма" од Марибор, „Ателје 212" од Белград, Стериин театар и Театар „Навигатор" од Скопје.

Актерот Никола Ристановски, кој ја толкува улогата на пејачот Тиресиј, истакна дека му е мило што после седум години оваа претстава стигна во Македонија, што за него претставува своевидна симболика на затворање на еден циклус, тема која зборува за враќањето на еден човек дома.

– Во таа смисла недвојбено, Горан Стефановски е најважниот дел од цела таа приказна. Физички и метафизички Горан е меѓу нас тука, и сето тоа што би имал да го кажам на оваа тема тоа го кажува самата претстава, а на публиката оставам да ги донесе сите други заклучоци, впечатоци, доживувања, рече тој.

Српскиот актер Светозар Цветковиќ, кој го толкува богот Зевс, од своја страна истакна дека процесот на создавање на претставата врз сите инволвирани во неа оставил трага, како во нивните животи, така и врз нивниот професионален ангажман.

– Од последната изведба на „Одисеј" пред пет години, се случија толку многу настани во нашите животи, во театарот, во овој свет во кој го нема повеќе Горан. Режисерот Поповски не собра повторно во слава на Стефановски, во негова чест да проговориме по она напишаното од негова рака. После временска дистанца од пет години, можам да кажам дека со првото соочување со текстот воопшто не бев свесен колку сме пред времето во кое живеевме тогаш, и оти за жал или за среќа, со таа претстава сме пред времето на се она што се случува во театарскиот живот кој го познаваме на овие простори. Оттаму тоа што го направивме и вечерва ќе го изведеме има причина да постои и во иднина и да претставува театар кој е вистински печат како на Горан Стефановски и на режисерот Поповски, истакна Цветковиќ.

Озрен Грабариќ, актерот од Загреб кој ја игра главната улога на Одисеј со куса, но моќна порака за самата претстава и текстот на Стефановски.

– Во текстот на Горан има една реченицата дека „Итака никогаш не била цел за себе, туку целта било самото патување". Затоа ми се чини логично и убаво и Горан и „Одисеј" и оваа дива „хорда" да продолжи да патува и понатаму. Верувам дека и во иднина ќе има такви излети, рече тој.

Претставата „Одисеј" ќе се игра на прекрасната сцена на Античкиот театар со почеток од 21 часот.

Анкета: Поддршката за членството на Полска во ЕУ - најмала во последнава декада

Поддршката за членството на Полска во Европската Унија падна на најниско ниво во повеќе од една деценија, според анкетата објавена денеска.

Според најновата анкета на институтот ЦБОС, и покрај победата на про-ЕУ коалицијата, поддршката за членството на земјата во Унијата падна на 77 отсто, што е најниско ниво од 2013 година.

Поддршката лани беше 85 отсто, а најголема беше во 2022 година, кога изнесуваше 92 проценти.

Про-ЕУ коалицијата дојде на власт во Полска на изборите во октомври по осум години владеење на партијата Право и правда (ПиС), ветувајќи дека ќе ги поништи законите воведени од десницата.

ПиС често беше во судир со западните сојузници на Полска и институциите на ЕУ во Брисел поради нивната загриженост за владеењето на правото во оваа земја. /МИА

Претставник на ОН тврди дека ќе бидат потребни 14 години да се отстранат урнатините во Газа

Претставникот на Обединетите нации, Пјер Лодамар денеска изјави дека ќе бидат потребни 14 години да се расчисти огромното количество урнатини, вклучително и неексплодирани експлозивни направи, што ги остави Израел за време на војната во Појасот Газа.

Лодамар, висок офицер во Службата за мини на ОН (УНМАС), на брифинг во Женева рече дека војната оставила околу 37 милиони тони отпад во широко урбанизирана, густо населена област.

Тој истакна дека иако не е можно да се одреди точниот број на неексплодирани убојни средства се смета дека под одредени услови, би можеле да бидат потребни 14 години да се расчистат остатоците, вклучувајќи ги и урнатините од уништените згради.

„Знаеме дека вообичаено има стапка од 10 проценти за неуспех, односно неактивирање на муницијата. Станува збор за 14 години работа со 100 камиони“, рече Лодамар. /МИА

Руски новинар на „Форбс“ е приведен поради наводно ширење лажни информации за армијата

Новинарот на магазинот „Форбс Русија“, Сергеј Мингазов е приведен под сомнение дека ширел лажни информации за руската армија, објави денеска магазинот.

„Форбс Русија“ додава дека досега не успеале да стапат во контакт со Мингазов. Неговиот адвокат Константин Бубон на Фејсбук објави дека новинарот е во притвор во источниот руски град Хабаровск, каде што живее.

Адвокатот рече дека Мингазов бил приведен поради преобјавување публикации за наводни руски воени злосторства во украинскиот град Буча, каде што убиствата на украинските цивили во првите недели од војната беа пријавени од Ројтерс и други новински организации.

Профилот на Мингазов на платформата Телеграм содржи бројни објави за Буча, а засега не е јасно за која од нив новинарот е приведен. /МИА

притисни ентер