Драмата „Каде е пиштолот" на Народниот театар од Охрид вечерва на „Охридско лето"

Програмата на годинешното 59-то издание на фестивалот „Охридско лето" продолжува со вечерашната изведба на театарската претстава „Каде е пиштолот" во изведба на Народниот театар од Охрид.

„Каде е пиштолот?" е модерен сатиричен текст со силна егзистенцијалистичка позадина, создаден во седумдесеттите години од минатиот век. Во својата срж текстот се занимава со човековата дуална природа, играјќи помеѓу позициите на опресор и потчинет низ петте ликови кои го носат дејствието.

Зборот „пиштол" предложен уште во насловот не е ништо друго туку театарски знак, систем на апстракции, симбол на моќта на насилство – кого ликовите го користат за да ги тероризираат останатите. Местото на дејство е затворен простор, во кој гледаме четворица луѓе што седат и петтиот како вперува пиштол во нив. Четворица од нив секогаш сакаат да излезат надвор од собата, а петтиот секогаш ќе се чувствува добро внатре. Тоа е оној кој е со пиштолот. Изворот на сите проблеми е токму тој – пиштолот. Пиштолот би можел да има и понаква намена, но не во овој случај. Tажно e, но овде не е можно да живеете без пиштол!

Режисерската поставка на претставата е на Дејана Николовска, втората Македонка која има завршено театарска режија во Москва на ГИТИС, Руската академија за театрска уметност (после Иван Поповски). Освен театарот како основна професија и позив, се занимава и со филм. Најзначаен филмски проект е снимањето на серијалот „Именденот на Татијана" (220 епизоди) за Првиот канал на Руската Националана Телевизија. Исто така има големо искуство во шоу бизнис индустријата како режисер во RosArt Group production company во Москва.

Улогите во претставата ги толкуваат актерите Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Ивица Цонев, Стрезо Стаматовски.

Претставата ќе се игра на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев" со почеток од 21 часот. /МИА

Легендарната бразилска фудбалерка Марта заминува во пензија

 Најдобриот стрелец во историјата на Бразил во машки и женски фудбал, 38-годишната Марта, одлучи да се пензионира оваа година.

Марта, која од 2017 година настапува за американскиот клуб Орландо Прајд, изрази надеж дека пред повлекувањето од фудбалот ќе може да настапи на претстојната Олимпијадата во Париз.

„Ако одам на Олимпијадата, ќе уживам во секој момент, бидејќи, без разлика дали ќе бидам во Париз ова ми е последна година со репрезентацијата, изјави Марта во интервју за Си-Ен-Ен.

„Од 2025 година Марта повеќе ќе ја нема во репрезентацијата. Многу сум смирена поради тоа бидејќи со голем оптимизам гледам на развојот на спортот што го имаме во однос на младите спортисти“, додаде таа.

Марта, позната како „Кралица Марта“, е најдобар стрелец на сите времиња во Бразил со 116 гола на 175 натпревари. Таа е и најдобар стрелец на женските мундијали со 17 голови. /МИА

Франција и Германија потпишаа договор за заеднички проект за вооружување

Проектот МГЦС се очекува да ги замени германските тенкови Леопард два и француските борбени тенкови Леклерк. 

Францускиот министер за одбрана и неговиот германски, Себастијан Лекорну и Борис Писториус на денешната средба во Париз потпишаа договор за заеднички проект за вооружување во вредност од една милијарда евра, кој вклучува развој на главен борбен тенк од следната генерација.

Министрите потпишаа меморандум за развој на Главен копнен борбен систем (МГЦС), кој има за цел да ги замени сегашните борбени тенкови во Франција и во Германија.

Проектот МГЦС се очекува да ги замени германските тенкови Леопард два и француските борбени тенкови Леклерк. /МИА

ЕУ одвои 68 милиони евра дополнителна хуманитарна помош за Палестинците

ЕУ донесе одлука за одвои дополнителни 68 милиони евра помош за Палестинците со цел справување со тешката хуманитарна криза во Газа и со постојаниот пораст на потребите на цивилите на теренот, соопшти Европската комисија. 

Според еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич, во Газа се случува на вистинска хуманитарна катастрофа која претставува екстремна опасност што може да ги доведе Палестинците во критична состојба.

- Драматичниот биланс на жртви и повредени меѓу цивилите, од кои повеќето се жени и деца, уништувањето на виталните инфраструктури и претстојниот глад во Газа мора да бидат аларм за будење за целата меѓународна заедница, истакна Ленарчич.

Според него, цивилите не треба да бидат тие што ја плаќаат цената на конфликтите.

- Палестинците не можат повеќе да чекаат да пристигне значајна помош, Израел мора да стори повеќе за да се избегне понатамошна човечка катастрофа. Почитувањето на меѓународното право е најважно, заклучи еврокомесарот Ленарчич.

Оваа дополнителна хуманитарна помош ќе се дистрибуира преку партнерски организации на ЕУ кои веќе им помагаат на Палестинците во Газа и во целиот регион. Помошта првенствено е наменета за задоволување на потребите за храна и вода, здравствена заштита, санитарии и објекти за сместување.

Со овие 68 милиони евра вкупната хуманитарна помош што ЕУ ја обезбеди за Палестинците во Газа и во целиот регион во 2024 година достигна 193 милиони евра. /МИА

притисни ентер