Денеска е Преподобен Наум Охридски – Чудотворец, исцелител и просветител на македонскиот народ

За животот и дејноста на Свети Наум Охридски малку се знае, иако со Свети. Климент Охридски се најпознатите и најзначајни ученици на Светите браќа Кирил и Методиј.

Ако свети Климент Охридски остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други корисни работи, свети Наум остана запаметен како чудотворец, со моќта да лекува и за време на животот и по смртта, да лекува од најразлични болести и луѓе од разни вероисповести, односно сите што искрено и со верба му се обраќале без разлика на вера и народност. Но свети Наум остана запаметен и по заштитата на манастирот, по наградувањето на оние што со добра мисла доаѓале во кругот на манастирот и казнувањето на оние што иделе со намера да направат некоја штета, да го испоганат објектот или да го навредат светителот. Култот на свети Наум зрачел на поширок простор не само во охридскиот крај, туку и во преспанскиот, па дури до Корча, каде што манастирот имал свои имоти. Но култот кон свети Наум бил раширен и во Унгарија и Романија каде што имало иселеници од овие краишта.

За животот и дејноста на Свети Наум Охридски малку се знае, иако со Свети. Климент Охридски се најпознатите и најзначајни ученици на Светите браќа Кирил и Методиј. Се знае дека учествувал во Моравската мисија, дека во Рим кон крајот на 867 или почетокот на 868 бил посветен во духовен сан и дека по смртта на Методиј во 885 година преку Бугарија дошол во Македонија. На брегот на Охридското езеро изградил манастир што го носи неговото име. Умрел во 910 година и наскоро по смртта бил прогласен за светец. Неговите ученици за него напишале житија и служба.

Свети Наум освен по црковната дејност е познат и како македонски средовековен писател и културен деец. Од неговите творби, за кои се претпоставува дека се повеќе, откриено е химнографското дело „Канон за аспотолот Андреј", а се знае за уште други два канона напишани од него: „Канон на Архангел Михаил", и „Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст".

Во житието на Свети Наум се вели дека тој е брат на Свети Климента. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на брат во духовна смисла – собрат, но повеќемина се убедени дека Климент и Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православието епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.

Иако податоци за чудотворната моќ на светителот среќаваме и во житијата за него, што без сомнение биле извор и на народните умотворби, сепак култот на св. Наум најповеќе е одразен во преданијата раскажувани на овој простор од најстари времиња, значи уште од времето кога светителот бил жив. Сепак тие се бележени од средината на деветнаесеттиот век па се до денес. Најрано ги среќаваме во зборниците на браќата Миладиновци, и Кузман Шапкарев, а подоцна и кај други собирачи на македонски народни умотворби, патеписци, или едноставно кај луѓе што престојувале или пишувале за Охрид и Охридско и посебно за манастирот кој со својата местоположба и со култот на светителот го привлекувал вниманието.

Марко Цепенков, во своите записи за еснафските празници направил и список на празниците што ги служеле разните еснафи во Прилеп. Притоа вели дека чоаџо-абаџискиот еснаф го празнувал 20 јуни, Свети Наум Охридски. Тој и на друго место истакнува дека „Чоаџискиот еснаф го служеше св. Наум од Охрид…"

Во старо време еден месец пред празникот Свети Наум, праќале од манастирот Свети Наум риби летници подарок на чоаџискиот еснаф и на секој мајстор му се подарувале по една како за покана, за да отидат на поклонение на манастирот. Бидејќи во тоа време еснафот бил во расцвет, на поклонение оделе фамилијарно мајсторите со калфите. Ако пак се случело да не одат, му испраќале парична помош на манастирот. „Јас само 2-3 години го достигнав тоа и после лека-полека паричната помош се прекина, пак и манастирот престана да праќа риби подарок за нашиот еснаф."

Цепенков, уште во поглавјето за светците истакнувајќи ги нивните функции вели: „Светците се наредиле на служба: и покрај другите свети Наума го споменува заедно со свети Андонија и свети Спиродона. Свети Наум, свети Андонија и свети Спиродон – да лекуат улаите". Значи во народното верување овие тројца светители се лекари што лекуваат душевни болести. Инаку познато е дека меѓу христијанските светители има поголем број лекари, свети врачи, бесребреници (што значи лекувале бесплатно, кои што, лекувале со силата Божја. Такви се светите врачи Кузман и Дамјан, свети Пантелејмон, лекувал и свети Трифун и др. Не случајно со некои од овие свети врачи свети Наум е насликан на фреска во црквата „Света Софија" во Охрид.

Како што споменавме според Цепенков, односно според народното паметење свети Наум бил „да лекуат улаите". Оттука и охридската пословица „Кој за ум, која за Свети Наум", или пословицата запишана во Прилеп: „Ја ум, ја на сфети Наум" Лекувањето душевно болни од страна на свети Наум е честа тема и во народните преданија и легенди поврзани со неговото име. Вакви сцени се гледаат и на фреските од црквата во неговиот манастир.

Во споменот на народот св. Наум останал како чудотворец. И во „Пастирската посланица на охридскиот патријарх г.г. Јоасаф за префрлувањето на празникот на свети Наум од 23 декември на 20 јуни (с.с.)" се истакнува: „во светите прочуениот и во чудата безмерниот, божествениот и свет отец Наум". На друго место во истата Посланица се вели: „Затоа секој, што поседува срдечна и добронамерна побожност кон светителот нека дојде на изворите на чудесата на светиот гроб, каде што лежат светите мошти, во неговиот свет храм, на источникот што блика исцелувања – да прими благодет и светост на телото и душата, зашто чудата и благодетите на светиот и богоносен отец наш Наум – чудотворец, толку се многубројни та ги надминуваат и множеството ѕвезди…" И во „Охридскиот митрополитски кодекс" во делот „Историски спомени за св. Климент и препод. Наум" се споменуваат „свети и пречесни мошти, нетлено богатство и извор на исцелувања на сите кои со вера и благочестивост одат на неговиот чудотворен гроб".

Познато е дека на гробот на свети Наум доаѓале и луѓе од други вери, особено муслиманите од Македонија и Албанија. И во писмото што попот Сотир од Љубаништа го носел во областите Подунавје и Романија каде што собирал помош за манастирот се вели: "Притоа знајте господо дека овој свет и на народот корисен манастир, спрема кој Вие го негувате Вашето почитување и верност, па дури и самите неверници достојно го почитуваат и сакаат, како што на сите Ви е познато, уверени во благонаклоноста на оваа надеж…" Кога се вели неверници се мисли на припаднците на други вери, пред се, на муслиманите.

Дека припадници на други вери го почитувале светителот и манастирот се зборува и во Летописот на манастирот каде што се вели: „Оваа света институција стекна голем углед и чест и кај друговерци, а особено кај Отоманите Бекташи, кои не се знае од какви причини, ова светилиште го викаат „Сари Салтик баба" што преведено од турски значело жолтобрадиот татко. Според едно предание еднаш кога дошле на гробот на свети Наум неколку Турци замолиле некој од поупатените да им ги објасни ликовите од фреските. Кога тој што им ги објаснувал рекол: „Овој е свети Наум", тие радосно извикале: „А тој е нашиот татко".

Интересен бил и начинот на кој се молеле Бекташите (муслиманска секта). Тие кога ќе дојделе во манастирот чевлите ги оставале пред манастирската капија и до црквата се доближувале со метании. На враќање излегувале наназад секогаш свртени со лицето кон црквата и пак со метании.

Кога некој на св. Наум ќе му ветел јагне, велел: „Ќе вртам јагне". Тоа не значело вртење на ражен, како што може да се очекува, зашто така се вели за печење јагне, туку се однесувало на одреден ритуал на предавање на ветеното јагне (или друга жива стока) на манастирот. Имено оној што носел ваков подарок, ако било јагне или јаре го носел во раце, ако била покрупна стока ја воделе за јаже. Тоа го правел оној што дарува за здравје или некој што претходно видел некоја добрина. Ако тој поради здравствената состојба не бил во можност тоа да го направи тоа го правел некој роднина, но пак во негово присуство. Животното три пати се вртело околу манастирот, а потоа му се предавало на лицето задолжено да го прими. При вртењето во ритуалот учествувале и роднини и пријатели, а за таа прилика изнајмувале и свирки. Интересно било вртењето на стоката од страна на Еѓупците (Египјаните), кои за оваа прилика редовно имале музика, придружбата била масовна и почитта кон св. Наум, исто така, впечатлива. Интересен бил и начинот на кој се молеле Еѓупците. Тие уште од вратата се поклонувале, застанувале до гробот на светителот и му се обраќале со одбрани зборови, како: „Свети Науме, докторе златен, спасителу наш". Тие и кога излегувале од црквата излегувале наназад се до излезот.

Манастирот најповеќе се афирмирал како лечилиште со исцелување болни од многу болести, посебно од душевни болести. За тоа придонесло верувањето во исцелителната моќ на светите мошти на светителот. Има поголем број преданија што раскажуваат за лечење душевно болни од страна на светителот. Познато е и тоа дека во манастирот долго време постоела и душевна болница.

Во Летописот на манастирот Свети Наум се вели дека водата од изворот „Свети Атанасија", служела за лекување на болни. „Со миење на водата од овој извор се лекувале луѓето што пателе од очни болести. Летописецот забележува дека многумина нашле спас од овој извор". За исцелителните својства на манастирот, секако придонесле и повеќето извори со свети води, околу манастирот што исто така се под влијание на светителот. Покрај споменатиот извор „Свети Атанасиј" такви се уште и изворот од карпата непосредно до брегот на езерото, потоа изворот Најазмо, од другата страна на границата со Албанија, изворот посветен на Света Петка, итн.

Во житијата, Службата како и во Молитва кон св. Наум се среќаваат податоци за чудата на св. Наум коишто се среќаваат и во народните преданија. На пр, во Првото словенско житие, кое што според некои показатели е пишувано од лице што лично го познавало светителот, зашто на едно место вели „оти јас знам дека повеќе од ова сториле отците и сториле многу чуда, но ова е се што ни раскажале, а другото го сокрија од своја скромност". Значи, нивни современик зборува за чуда случени уште додека светителите биле живи. Оттука можеме да заклучиме дека уште живи тие се прославиле со мног чуда. И во Второто словенско житие се споменува овој аспект од животот на светителот. „Бог, пак, го прослави него со големи чуда, и секакви болести и рани исцелува и бесови изгонува". Во „Молитвата кон свети Наум Охридски исцелител на болни" молејќи се за здравје на болниот верниците му ја напомнуваат на светителот неговата Божја дарба да лекува болни: „Сега уште ти се молиме и за слугата божји (се кажува името), кој страда од слабост и тешка болест. Ако е врзан поради свој грев, или грев на неговите родители, или грев на роднините свои, и ако поради грев го снајде оваа болест, Ти посредувај, о ангелоподобен светителе, пред престолот на Господа Кој Те прославил да му го прости гревот и од болеста да го исцели". И во Службата за св. Наум се нагласуваат исцелувањата од моштите на светителот: „Купот на твоите мошти, прочуен Науме, извира исцеленија", се вели на едно место, а на друго: „Му пееме на Бога, што ни даде лечилиште на душите и на телата, Наума последниот дар од Бога Седржител". Но споменот на свети Наум најповеќе останал во народните преданија и легенди. Во овие прозни народни умотворби народот раскажувал за сето она што го привлекувало неговото внимание, а што било во некаква врска со светителот. Така „ликот на св. Наум е еден од најзастапените ликови во македонските народни преданија и легенди".

Собирачите и истражувачите на народните преданија и легенди за св. Наум овие народни умотворби ги групираат во неколку поглавја според нивната содржина (лекување болни, скротување ѕверови, изградба на манастирот, негова заштита итн.) иако тоа е тешко прецизно да се направи поради тоа што во некои преданија се преплетуваат по повеќе мотиви.

Во преданијата и легендите се раскажува за изборот на местото, за лекувањето на лица од страна на светителот и подарување имот на манастирот, за подарување на камбани и други дарови на манастирот, итн. Се раскажува за изборот на местото за изградба на манастирот: „Кога починал свети Наум, излегол пред Господа. Поради големото добротворство што го правел свети Наум на Земјата, Господ го одредил да биде во вечен рај. Бидејќи во небесниот рај немало толку убаво место што да одговара за свети Наум, Господ со рака покажал кон неговиот манастир, велејќи му: ‘Она е твојот рај. Ти таму ќе бидеш засекогаш’. Ете зошто свети Наум и сега е во неговиот манастир покрај Охридското Езеро", заклучува народниот раскажувач.

Меѓу преданијата и легендите се раскажува и за канењата за панаѓурот, за лебот што се давал пред манастирската порта, а што бил и гаранција за патниците да не бидат ограбувани од разбојниците, за тоа дека св. Наум ги благословил плуговите од Трпејца, воловите од Тушемишта, се раскажува за Охридското Езеро, за лековитиот извор, зошто во Љубаништа не паѓа град, за почитувањето на манастирот од Бекташите, од Еѓупците, за лекување на болни од страна на св. Наум и тоа од најразлични болести, (неми, слепи, луѓе што не можат да одат, душевно болни, итн.). Среќаваме и преданија со верувањето дека свети Наум е жив, односно такви во кои се раскажува за облогот дека чашата или грнето или бокалот со вино пуштен од прозорецот нема да се скрши, или да се истури. Тоа навистина се случило, но светецот му се јавил на сон на оној што се обложувал и го прекорил да не се обложува повеќе зашто тогаш бил близу и дошол, а ако бил подалеку можело да се случи манастирот да биде претворен во џамија или да бил одземен од страна на бегот.

Се раскажува и за повеќе диви животни што откако направиле штета светецот ги донесол на манастирскиот имот да ја одработуваат штетата. Мечката што го изела волот самата се прегнала да ора додека не се исплати изедениот вол. Кон преданието „Св. Наум и мечката" Кузман Шапкарев додал: „Слични приказнички и преданија за св. Наумовите чудеса изобилуваат во Охрид и околината, кои јасно ги покажуваат чувствата на населението без разлика на вера и народност кои ги манифестира кон св. Наума". Во некои преданија се работи за волк што ора на местото на волот, а во едно предание волкот што ги изел кучињата самиот дошол да го чува манастирот. А кога манастирските момци го отепале, игуменот ги прекорил зашто тој бил доведен од светецот „за да биде жив сведок за силата на свети Наум". За преданието за свети Наумовата мечка, но и за интернационалната димензија на мотивот споредбена студија објави словенечки фолклорист Милко Матичетов. Итн.

Во овие народни умотворби се раскажува и за оживување на дете што е во безсознание, за спасен човек во авионска несреќа. за излекување на повреден Германец, за добивање рожба по десет, дванаесет или тринаесет години и по молитви пред светителот, за казнувањето на арамиите што убиле припитомена срна, за казнувањето на крадците, на тие што се мајтапеле со св. Наума, на тие што сечеле во вакафски имот, на тие што сакале нешто да земат од манастирот (бакарно табаче, манастирски маски, манастирска мачка, иконче, прибор за јадење, шише ракија, сребрена виљушка, две гуски, патка, саан итн.).

Значи, култот кон свети Наум, раширен не само околу манастирот, туку и на многу поширок простор, резултирал со бројни народни преданија и легенди. Тие се создавале во текот на вековите и се уште се создаваат што од една страна зборува за се уште живиот култ на светителот, а од друга страна за се уште живата фолклорна традиција во Македонија./МИА

ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија

Корча, април 2024 – Преземајќи значаен чекор за целите за пристапување кон Европската унија, Македонија и Албанија денеска заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.

Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.

Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.

„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).

Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.

Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.

„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.

Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Македонија - Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“

Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.

Можни ли се црни сценарија и пресврт на изборите на 8 мај?

Лидерот на СДСМ Ковачевски имал разговори со другите политички партии после претседателските избори, но демантира дека неговата коалиција крои план за бојкот на вториот круг како што тврди претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. 

За евентуална политичка одговорност и оставка од лидерската позиција во СДСМ вели дека одлуки се носат во партиските органи, во меѓувреме вели дека пораката од граѓаните за лошиот исход е примена, а за 8 мај се надева на подобар резултат.

-Тоа не е точно, јас вчера имав многу јасна порака на митинзите во Сарај и Чучер Сандево. Ги повикувам сите гласачи масовно да излезат на 8 мај и да ги поддржат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и коалицијата За европска иднина на парламентарните избори. Имаме разговори со политичките партии на различни нивоа и ги повикувам сите да имаме масовна излезност на 8 мај,- Димитар Ковачевски – претседател на СДСМ.

Мицкоски на синоќешниот митинг во Кичево кажа дека во противничките штабови се подготвувале две можни сценарија за двојните избори на 8 мај, од кои едното е бојкотирање на претседателските избори, за да не се достигне неопходниот цензус од 40 отсто. Според него, ниту еден план на СДСМ и ДУИ немало да успее, бидејќи очекува масовна излезност на гласачите со зголемување на предноста на ВМРО-ДПМНЕ.

-И двете се губитнички сценарија. Првото е бојкот на изборите каде што најисправниот одговор треба да биде излезноста и масовноста на овие избори. Второто сценарио е играњето со белезите на Македонија и великодушните понуди што овој пат ги добива ДУИ за сметка на Македонија од СДСМ за еден партнерски настап и взаемна поддршка на изборите. Сокриени коваат сценарија за бојкот, на врата се пред Мала речица да ги молат за гласови, како што ги молеа за тендери. Но, народот е посилен и од тие стотина луѓе од ДУИ кои управуваат со државата и од тој артаноиден режим…- Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ (Кичево, 25,04,2024).

За евентуален бојкот на вториот круг досега нема официјален одговор од партиите од албанскиот блок. Единствено Скендер Реџепи од Европскиот фронт кажа дека за ова прашање ќе се дискутира на нивните идни средби, а дека лично тој не би гласал за ниту еден од двајцата кандидати, бијдеќи досега се покажало дека Македонците не научиле да гласаат за Албанец.

Инаку, за да се постигне цензусот на овие претседателски избори потребно е на гласачките места да излезат повеќе од 725 илјади гласачи. Сиљановска и Пендаровски во првиот круг заедно освоија нешто над 540.000 гласови.

Пожар изби во куќа зад Универзална сала, интервенираа противпожарните екипи

Избегната трагедија во скопски центар, со херојска реакција на соседите во последен момент спасени се 80 годишен маж и неговата сопруга, по пожарот кој избил во нивниот дом позади Универзална сала.

Нивниот сосед Александар Петковски, сопственик на кафеаната од спротива вели само што го виделе чадот, со неговиот вработен без размислување притрчале во помош соочувајќи се со огнот, свесни дека таму живеат повозрасни и изнемоштени лица и дека ќе им треба помош да се евакуираат.

-Тука сме комшии со луѓето, наеднаш искочи некој пожар, почна да се крева некоја паника, ние како комшии, како добри соседи, пријатели, излеговме во пресрет, влеговме во да видиме што се случува таму, наеднаш настана некоја фама, некоја галама, дадовме се од себе им рековме на луѓето да излезат, да им помогнеме, тоа е што видовме, страшно, жално , -Александар Петковски – Сосед.

Куќата чија внатрешност се претвори во пепел, е изградена во 1936 година, а според она што ни го кажаа на терен, сопствениците се сомневаат дека до пожарот дошло поради палење на инсталацијата.

Сопствениците се сомневаат дека пожарот настанал од полнач приклучен во спалната соба, а пламенот се проширил за неколку секунди низ целата куќа.

По само кратко време од пријавувањето пожарникарите, брзата помош и полицијата се појавиле на самото место. Сопствениците биле веднаш прегледани од медицинските екипи, кои констатирале дека се во добра состојба. Пожарникарите пак кои го локализираа огнот, неколку часа се бореа целосно да го изгаснат истиот, а најмногу главоболки им создадоа даските на таванот..

Увид во состојбата направиле и инспектори на О. Центар. Од таму за Канал 5 ТВ велат дека во вакви случаи следува еднократна парична помош, но дури откако МВР и ОЈО ќе ја утврдат причината и ќе направат записник за материјалната штета. По собирањето на комплетната документација, велат, сопствениците можат да поднесат барање до локалната самоуправа.

притисни ентер