Пендаровски-Лајчак: ЕУ го препозна напредокот на Северна Македонија и ќе го исполни ветеното

Двајцата соговорници, се посочува, разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу  Македонија и Словачката Република.

Македонија високо ја цени силната заложба и конкретната поддршка од Словачка за добивање датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ, истакна претседателот на државата Стево Пендаровски на денешната средба со Мирослав Лајчак, министер за надворешни и европски работи на Словачката Република и актуелен претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, Пендаровски нагласи дека интегрираниот и безбеден регион е еден од суштинските предуслови за стабилна и просперитетна Европа, а во тој контекст го поздрави и ратификувањето на Протоколот, во Словачкиот парламент, за членство на  Македонија во НАТО.

Двајцата соговорници, се посочува, разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу  Македонија и Словачката Република,  при што изразија задоволство од развојот на соработката која бележи континуиран позитивен тренд во повеќе области од заемен интерес, што пак се заснова на искреното пријателство, меѓусебната почит и доверба.

На средбата, претседателот Пендаровски подвлече дека  Македонија во изминатиов период  вложи огромен труд и напори во исполнувањето на европските критериуми. Во таа насока тој изрази благодарност за поддршката и помошта што ОБСЕ ја дава на нашата држава во клучните општествено политички области, особено во судството, законодавството, изборниот процес, унапредувањето на меѓуетничките односи и владеење на правото.

Министерот Лајчак му го честиташе стапувањето на функцијата на претседателот Пендаровски, посакувајќи му успех во работата, и ја изрази подготвеноста за натамошно продлабочување на традиционално пријателските односи меѓу двете држави, стои во соопштението. 

Штафетна трка на бизнис секторот во Скопје

Во Скопје денеска ќе се одржи штафетна трка за тимови од македонскиот бизнис сектор во организација на здружението за спорт и рекреација „Прв до врв".

Стартот е закажан во 11 часот на рекреативната патека на кејот на Вардар кај хотелот „парк", а целта е заедничко спортско, рекреативно и деловно дружење меѓу компаниите и јакнење на тимскиот дух меѓу вработените.

Трката ќе биде штафета со четири измени, а тимовите треба да бидат во мешан машко-женски состав. Патеката е долга осум километри, односно секој учесник ќе треба да истрча по 2.000 метри.

Најбрзите три тимови ќе бидат наградени со златна, сребрена и бронзена штафета, а ќе бидат наградени и двајцата најбрзи поединци во машка и женска конкуренција.

Минатата година најбрз беше тимот на Министерството за финансии, втор беше тимот на НЛБ Банка, а третото место го освои екипата на Телеком./МИА

Продолжува периодот на сончево и топло време

Сончевото и топло време продолжува и во следните денови. За денеска синоптичарите најавуваат топло време со мала до умерена локална облачност и слаб ветер од јужен правец.

Минималната температура, според најавите, ќе се движи во интервал од 4 и 13 степени, а максималната ќе достигне до 28-тиот степен.

Во Скопје слично време со утринска температура од 10 степени и максимална до 27 степени. /МИА

Џуканович: Одлуката на Европскиот совет е големо разочарување за сите нас во регионот

„Тоа може да има многу негативни последици и за западен Балкан и за ЕУ“

Неможноста за постигнување договор на Европскиот совет за отворање преговори со Македонија и Албанија е големо разочарување за сите нас во регионот, соопшти претседателот на Црна Гора Мило Џуканович.

-Тоа може да има многу негативни последици и за западен Балкан и за Европаска унија, порача претседателот на Црна Гора на Твитер.

притисни ентер