Македонија и официјално поканета во НАТО, фокусот сега на референдумот

Македонија и официјално ја доби поканата за почетокот на преговорите за влез во Северноатлантската алијанса, со што се отвора патот да стане 30. земја-членка.

Македонија и официјално ја доби поканата за почетокот на преговорите за влез во Северноатлантската алијанса, со што се отвора патот да стане 30. земја-членка, а прогнозите се дека постои можност официјално да бидеме дел од Алијансата кон средината на следната година.

Во меѓувреме треба да се исполнат обврските од Договорот со Грција, за Македонија - успешно спроведен референдум и уставни измени, како и да завршат процедурите за усогласување со НАТО и процесот на потпишување на протоколот за прием на Македонија од сите земји-членки.

Генералниот секретар на НАТО вчера на свечената церемонија во Брисел, на вториот ден од Самитот официјално му ја врачи на премиерот Зоран Заев поканата за почеток на преговори со Алијансата, по одлуката на северноатлантските сојузници во Брисел.

- Ова е клучен пробив кој го отвори патот за полноправно членство, деталните пристапни преговори сега ќе започнат. Откако сите ваши национални процедури ќе завршат и откако ќе биде ратификувано од земјите-членки ќе станете 30-та членка на НАТО со еднакво место на маса, еднаков глас во дискусиите и еднакво право на гласање во најуспешниот воен сојуз, рече генералниот секретар по потпишувањето.

Премиерот Заев ја изрази својата благодарност до генералниот секретар, но и до премиерите на соседните Грција и Бугарија, за постигнувањето на договорите за добрососедство.

- Ова е историска одлука за земјата и за граѓаните, признание за нашата посветена работа две децении, и за сите македонски политичари од независноста до денеска, рече Заев.

Бидете уверени, додаде, дека нашето членство ќе ја консолидира демократијата во регионот и ќе служи како позитивен пример во Западниот Балкан

- Како идна 30. земја на Алијансата подготвени сме да дадеме позитивен пример и да придонесуваме за обликување на Западниот Балкан во мирен, просперитетен и демократски регион, додаде Заев.

Во состав на македонската делегација во Брисел предводена од Заев, беа и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, шефот на дипломатијата Никола Димитров и националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски.

Откако земјава ја доби поканата Владата во 15 градови низ државата в сабота организира голема граѓанска прослава.

- Македонија доби покана да стане членка на НАТО и има датум за преговори со Европската унија. Се изборивме за сигурна иднина. Доаѓа време на надеж, на победи, на гордост. Време на сигурност и безбедност, се вели во објавената програма на веб страницата на Владата.

Според прогнозите на Димитров Македонија кон средината на следната година може и формално да стане 30. земја-членка на НАТО, доколку сите други процеси се одвиваат како што треба и додаде дека станува збор за технички процес за кој се потребни неколку месеци.

- Но, тој исто така е поврзан со исполнување на нашите обврски од Договорот со Грција. Ни претстои референдум и процес на измена на Уставот. И откако ова биде финализирано, ќе може да ги потпишеме протоколите за пристапување, кои потоа ќе бидат ратификувани во Парламентот на Атина и во другите земји-членки. Ако работите одат добро во прашање се месеци. Можеби кон средината на следната година ќе бидеме формално 30 земја-членка на НАТО, порача шефот на дипломатијата во интервју за Еуро Вестерн Балканс,

Во врска со неговите очекувања од референдумот истакна дека смета дека граѓаните ќе го подрржат договорот, бидејќи, како што рече со него е покриен најсензитивниот дел, идентитетот и јазикот.

А референдумот, како што претходно неколку пати најави Заев ќе се одржи кон крајот на септември или почетокот на октомври.

Прашање, според Димитров е одѕивот. Вели, поради тоа што Избирачкиот список не е ажуриран. - Формално имаме 1,8 милиони гласачи, но најверојатно имаме помалку граѓани кои живеат моментално во земјата, додаде тој.

Референдумот ќе биде голем предизвик, нагласува Димитров и додава дека во голема мера ќе зависи од опозицијата и начинот на кој таа ќе постапи.

- Ако ја препознаат историската шанса и историскиот момент, ако сите повеќе мислиме на земјата, а помалку на нашата политичка иднина, тогаш ова ќе биде мошне успешен референдум. Следните денови ќе мора да донесеме одлуки, како да го сториме ова. Влогот е многу голем и сметам дека нема поголема патриотска должност за секоја влада во Македонија, од креирање на ваква можност, нагласи шефот на дипломатијата.

Сега откако Македонија ја доби поканата следната недела треба да добие план на НАТО, по кој прецизно треба да се водиме во завршувањето на воено-техничките реформи и тој план е идентичен за секоја земја-аспирант.

Националниот кооринадор за НАТО, Стево Пендаровски, појасни дека ќе има практично две сесии за политички и за технички прашања како што е со секоја друга земја-аспирант во минатото.

Она што е специфично за Македонија и што наша конкретно домашна задача е да го имплементираме докрај договорот со Грција и НАТО ќе не цени низ таа призма.

Воено-техничките и политички услови ќе треба да ги исполниме во наредните четири до шест месеци, вели Пендаровски, а во меѓувреме ќе биде неопходно да ја завршиме и процедурата за ратификацијата за референдум во однос на договорот и да спроведеме уставни промени.

Според негова проценка, некаде околу средината на јануари 2019 година би требало, ако се биде успешно, да ги завршиме и овие преговори и потоа следува ратификација во сите парламенти на земјите-членки, што може да трае околу една година. /МИА

Лекорну: Европските „сили за брза реакција“ треба да бидат формирани следната година

-Ова е клучно прашање за кое се надевам дека ќе успееме да донесеме заклучок веќе следната година, со тоа што ќе бидеме многу одговорни и многу брзи, рече Лекорну во интервју за телевизијата Франс 2.

Европските „сили за брза реакција“, кои вчера ги спомна францускиот претседател Емануел Макрон и кои ќе бидат наменети за операции како што е евакуација на граѓани од земји во криза, може да ја здогледаат светлината на денот веќе следната година, изјави францускиот министер за вооружени сили Себастиен Лекорну, цитиран од француските медиуми.

-Ова е клучно прашање за кое се надевам дека ќе успееме да донесеме заклучок веќе следната година, со тоа што ќе бидеме многу одговорни и многу брзи, рече Лекорну во интервју за телевизијата Франс 2.

Министерот го оправда проектот со фактот дека има „многу кризи во кои НАТО не е надлежен и во кои Франција често спроведува операции сама“, давајќи го примерот со евакуацијата на граѓаните од Судан минатата година.

За време на операцијата во Картум беа евакуирани 1.000 лица, од кои 200-250 беа Французи. Во исто време, „создадовме голем воздушен мост со (авионите на Ербас) А400М, со бродови. Така се случи Франција да биде практично сама“, нагласи Лекорну.

-Сосема е природно овој товар, што „има своја цена, вредност“, да се подели, рече францускиот министер.

Овие сили за брза реакција „кои ќе ја осигураат безбедноста на европските граѓани, португалските, италијанските, германските и француските граѓани, мора да можат да се создадат многу брзо“, кажа министерот, истакнувајќи дека нивното создавање е прашање на прагматизам.

МФ:Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност одржа седница за зголемување на цената

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност одржа седница за зголемување на премијата.

Министерството за финансии (МФ) во врска со донесените одлуки од страна на осигурителните компании за зголемување на висината на бруто-премијата за осигурување од автомобилска одговорност, денеска ја свика Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност која одржа седница со цел да ги разгледа сите аспекти од носењето на овие одлуки. Притоа, како што информира, заклучи, в понеделник на нова седница да разгледа Извештај од Националното биро за осигурување за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на осигурителните компании и да преземе соодветни чекори во насока на заштита на крајните потрошувачи.

Истовремено, врз основа на добиеното известување од страна на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), која е регулатор на осигурителниот сектор, Министерството денеска се обрати и до Комисијата за заштита на конкуренцијата, со цел да се испита дали се прекршени правилата на фер и конкурентно однесување согласно oдредбите од Законот за заштита на конкуренцијата.

-Комисијата за автомобилска одговорност која е именувана од страна на Владата на Република Македонија согласно Законот за задолжително осигурување во сообраќајот (Службен Весник на Република Македонија бр. 88/05, 70/06, 81/08, 47/11, 135/11, 112/14 и 145/15) ја сочинуваат членови од Министерството за финансии, Националното биро за осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, е надлежна за утврдување на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица. Односно утврдување на премијата за осигурување која ја плаќа договорувачот на осигурувањето-осигуреникот, a која се состои од техничка премија, која ја утврдува Владата на предлог на Комисијата и дел на премија за вршење на дејноста на осигурување (режиски трошоци) што гг утврдуваат осигурителните друштва самостојно со посебна одлука на Друштвото за осигурување, наведува МФ.

При тоа посочуваме дека техничката премија којашто е дел од премијата за осигурување која ја плаќа договорувачот на осигурувањето-осигуреникот, a која ја утврдува Владата на предлог на Комисијата, останува непроменета. Со донесените одлуки од страна на осигурителните друштва, кои се доставени до Агенцијата за супервизија на осигурувањето на 23 април 2024 година, а со примена од 25 април 2024 година, е извршена корекција на цената во делот на премија за вршење на дејноста на осигурување (режиски трошоци).

Министерството вчера беше информирано од АСО, како регулатор на осигурителниот пазар во земјата, дека мнозинството друштва за осигурување донеле одлуки и доставиле известување до Агенцијата за зголемување на висината на бруто-премијата за осигурување од автомобилска одговорност на 23 април 2024 година со примена од 25 април 2024 година, а со интервенција во делот на премијата за вршење на дејноста осигурување (режиските трошоци) кои осигурителните друштва самостојно ја утврдуваат.

Зеленски: Светот мора да изврши притисок врз Русија за да избегне катастрофа во Запорожје

 Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека светот треба да изврши притисок врз Русија да ја врати нуклеарната централа Запорожје под целосна украинска контрола за да се избегне катастрофа со радијација во централата.

Зеленски овој апел го упати на социјалните мрежи по повод 38-годишнината од катастрофата во нуклеарната централа Чернобил.

- Радијацијата не познава граници или национални знамиња. Катастрофата во Чернобил покажа колку брзо може да се појават смртоносни закани. Десетици илјади луѓе ја ублажија катастрофата во Чернобил по цена на сопственото здравје и животи, елиминирајќи ги нејзините ужасни последици во 1986 година и годините потоа, истакна тој.

Во исто време, Зеленски потсети дека пред две години нуклеарната централа Чернобил беше под руска окупација 35 дена. „Руските војници ги ограбуваа лабораториите, ги заробија чуварите и го малтретираа персоналот, го искористија за да започнат понатамошни воени операции“, рече Зеленски.

- Веќе 785 дена руските терористи ја држат во заложништво нуклеарната централа Запорожје. Одговорност на целиот свет е да изврши притисок врз Русија за да се осигура дека ЗНПП ќе биде ослободена и вратена под целосна украинска контрола, како и дека сите украински нуклеарни постројки се заштитени од руски напади, нагласи украинскиот претседател.

Според него, тоа е единствениот начин да се спречат нови катастрофи со радијација, кои се закануваат да се случат се додека „руските окупатори се присутни во Запорожје“.

- Се сеќаваме на посветеноста на луѓето кои спасија животи во 1986 година. Ги цениме сите што помагаат да се спасат животи во моментов, рече Зеленски.

притисни ентер