На 28 април ќе се избира нов претседател на Друштвото на писателите на Македонија

Кандидатите за претседател на Друштвото на писателите на Македонија и за претседател на Собранието на ДПМ своите програми треба да ги достават во канцеларијата на Друштвото од утре до 27 март, најдоцна до 12 часот.
Македонската писателска асоцијација соопшти дека редовното изборно собрание ќе се одржи на 28 април. Одлуката ја донесе Претседателството на ДПМ според неговиот статут со кој е утврден мандат од четири години.

Покрај претседател на Друштвото, членови на Претседателството и претседател на Собранието на ДПМ, ќе се избираат и статутарна комисија, комисија за финансиско работење и суд на честа. На овој највисок собир на македонските писатели ќе се избира и Собраниски одбор во кој ќе влезат по еден писател од секоја општина во која живеат и создаваат автори кои се членови на ДПМ.

Најавувајќи го редовното изборно собрание, актуелниот претседател на ДПМ Веле Смилевски минатиот месец на одбележувањето на 71-виот роденден на Друштвото, истакна дека треба да им се даде можност на, како што рече, оние колеги и колешки кои имаат мотив, желба, енергија и знаење да ја трасираат патеката на асоцијацијата во осмата деценија на нејзиното постоење.

- Со задоволство можеме да констатираме дека Друштвото на писателите на Македонија има такви потенцијали, а на членовите на оваа асоцијација им останува да ги изберат најдобрите..., рече Смилевски, нагласувајќи и дека по четири години раководење на ДПМ на новото Претседателство ќе му остават во наследство стабилна финансиска состојба, а до април нема да трошат од буџетот за 2018 година.

Друштвото на писателите на Македонија е асоцијација на уметници со најдолга традиција на дејствување во земјава, кое во изминатите седум децении обедини 540 писатели со различни естетски определби кои творат во различни книжевни жанрови. /МИА

Дезинсекција на подрачјето на општина Демир Хисар

 Екипи на ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола денес и утре на подрачјето на општина Демир Хисар ќе вршат превентивна систематска дезинсекција.

Од ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола информираат дека акцијата се врши согласно Законот за заштита на населението од заразни болести и препораките на Министерството за здравство, а врз основа на одлуката на Советот на општина Демир Хисар за спроведување на превентивна систематска дезинсекција на територијата на тамошната локална самоуправа.

Запрашувањето со цел уништување на комарците ќе се врши во периодот од 19 до 2 часот по полноќ, со апаратура за УЛВ ладно запрашување поставена на пикап-возило. Со оглед на тоа дека активностите ќе се изведуваат во вечерните часови, на возилото со апаратурата за дезинсекција ќе му предходи  друго возило означено со ротационо светло.

Со дезинсекцијата ќе бидат опфатени зелените површини во општината, подрачјата по течението на реките и водотоците, застојни води и подрачјата околу каналниот систем на територијата на општина Демир Хисар, урбани населби и локалитети предвидени во планот и програмата.

Пред Собранието изутринава мирно, сообрачајот нормализирана

Пред Собранието на Македонија изутринава е мирно по синоќешните насилни протести во кои се повредени седум полицајци и приведени 25 демонстранти. 

Барикадите се остранети, а сообраќајот по улиците околу собраниската зграда се одвива нормално. Забележливо е помало полициско присуство.  

МВР по синоќешните настани соопшти дека дел од демонстрантите на вчерашниот јавен протест во Скопје, употребија распрскувачки средства и насилно ја турнаа заштитната ограда, истовремено обидувајќи се насилно да влезат во Собранието. Со цел да се спречи ескалирање на ситуацијата и насилен упад во Собранието, а постапувајќи согласно процедурите, полицијата уопотреби солзавец, информира МВР.

Министерството за внатрешни работи потенцира дека го почитува правото на мирен протест, но нема да дозволи употреба на сила и насилен упад, како и нарушување на јавниот ред и мир. Министерството апелира на демократски начин на изразување на јавното мислење.

Повеќе информации од МВР за вчерашните случувањата пред законодавниот дом во центарот на Скопје ќе бидат соопштени во текот на денов.  

Протестите беа против Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство потпишан вчера во Псарадес.

Нова демократија: Тажен и срамен ден за Грција

Тажен и срамен ден за Грција, бил вчерашниот според Нова демократија и поради инцидентите во близина на Преспа и поради потпишаниот договор.

Од грчката опозициска партија коментираат дека Ципрас и Каменос вчера ја отстапија можноста „граѓаните на ПЈРМ да се нарекуваат Македонци и да говорат македонски јазик“, јави дописничката на МИА од Атина.

- Во исто време додека Ципрас и Коѕијас славеа во Преспа за еден договор што им штети на националните интереси, на полицијата и беше дадена наредба да покаже, до сега невидена, бруталност, испраќајќи ги дури и во болница граѓаните кои ја покажаа нивната патриотска чувствителност. Не е само тажен ден за Грција, туку е и ден на срам за Ципрас и Каменос, бидејќи заедно, на граѓаните на ПЈРМ им ја отстапија можноста да се самонарекуваат „Македонци“ и да поддржуваат дека говорат наводен македонски јазик, соопштуваат од опозициската партија и додаваат дека „македонски јазик и македонска националност не прифатила ниту една претходна грчка влада“.

Од Нова демократија коментираат дека грчкиот народ со право бил бесен, бидејќи сфатил дека коалиционата грчка влада за да се задржи на власт „веќе не води сметка за националните интереси“. Паралелно ги повикаа граѓаните да покажат смиреност и воздржаност. 

притисни ентер