Отворен Музејот на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје од НОВ

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска го отвори Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ (1941-1944). Лоциран е на левиот брег на реката Вардар, на кејот „Димитар Влахов“, зад Археолошкиот музеј на Македонија.

Музејот ќе биде отворен секој работен ден со дежурен кустос и ќе биде дел од туристичката мапа на главниот град. Посетителите ќе можат да ја погледнат постојаната поставка „Хероите на градот на Вардар“ на авторката Зоја Богдановска, виш кустос историчар. Посетителите ќе можат на таблети да ја видат целата поставка, а секој експонат е опишан на современ, дигитален начин.

- На 13 ноември минатата година, на Денот на ослободувањето на нашиот град најавив дека многу скоро, повторно ќе го отвориме овој Музеј, кој неправедно беше затворен долги години поради реновирање, рече Шилегов.

Според него, поранешната власт намерно ја фрлила на маргините антифашистичката и современата историја на Скопје, а спомениците, бистите и спомен-плочите поветени на НОВ биле намерно запуштени и неодржувани.

- Со отворање на овој Меморијален музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ го почнуваме токму спротивниот процес. Историјата на антифашистичко Скопје, на партизаните, на диверзантските групи, на Првиот скопски партизански одред повторно ќе биде дел од градските културни политики, одбележувања и останати содржини. Некогаш позната, а сега заборавена, оваа илегална партизанска оружарница од денес е повторно достапна за граѓаните на Скопје и за другите посетители како вредно културно-историско наследство од современата македонска историја, потенцира Шилегов.

Тој истакна дека повторното отворање на Музејот симболично се случува денеска, кога пред 75 години по долго физичко измачување во огласната полициска управа во Скопје и без судски процес свиреп биле убиени нашите народни херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев. Во овие простории била сместена работилницата на Серафим Видовски и била опремена со најнеопходниот електромеханичарски рачен и статичен алат.

На отворањето на Музејот присуствуваа министерот за култура Роберт Алаѓозовски, претседателот на Градскиот одбор на Сојузот на борци од НОАВМ Трајко Стаматовски, учесници во НОВ и членови на нивните семејства и претставници од семејството на Серафим Видовски.

Новата изменета и надополнета поставка е сместена во целосно санираниот простор на тајната работилница, зачувана во својот автентичен изглед, која во 1981 година била пренаменета во музеј. Со поставувањето на деведесетина зачувани музејски експонати се будат сеќавањата за илегалната работилница што се користела за изработка на оружје за партизанските одреди, но и други експонати коишто се поврзани со времето на Втората светска војна.

Со повторното отворање на Меморијалниот музеј на илегалните работилници, Музејот на град Скопје го добива својот втор депанданс во стариот дел на градот, кој е единствен од ваков вид во Република Македонија и ја збогатува со уште една значајна содржина културната понуда на Скопје. 

Американската „Dura Automotive Systems“ ќе отвори фабрика во Македонија

Американската компанија од автомобилска индустрија „ДУРА Аутомотив Системс“ ќе отвора фабрика во Бунарџик, соопштија од Дирекцијата за Технолошко индустриски развојни зони.

Владата потпиша договор за долготраен закуп на градежно земјиште во ТИРЗ зоната.

Фабриката ќе се простира на површина од околу 16 илјади метри квадратни. Според најавите следното лето се очекува да започне со работа.

Иницијалното производство во Македонија ќе вклучува екстериерни алуминиумски лајсни и кровни носачи за европските производители на автомобили. Потенцијалното проширување би вклучило прототипско производство, дизајнирање и производство на алати и екструзија на алуминиум.

Се очекува да вработи околу 500 луѓе.

Компанијата е глобален снабдувач на оргинални компоненти за најреномираните производители на автомобили ширум светот.

Ова ќе биде нивна 37-ма локација во светот и 16-та во Европа.

Освен оваа за која вчера бил потпишан договорот - Владата неодамна се пофали дека е во разговори со 200 компании, од кои 30тина во завршна фаза на разговор.

Инаку во првиот квартал годинава влезени се 235 милиони евра директни странски инвестиици, што претставуваа најуспешен квартал од било кое тромесечие од последниве 10 години.

Вечерва „Млади за Македонија“ ќе протестираат против договорот со Грција

Вечерва е закажан протестен собир против договорот Грција, во организација на иницијативата „Млади за Македонија“.

Погледнете го целосниот извештај на нашата колешка Тамара Стојкова која е пред Собранието на Р:М. :

„Ербас“ ќе ја напушти Британија доколку не се постигне договор со ЕУ

Европскиот производител на авиони „Ербас“ предупреди дека ќе ги повлече инвестициите од Велика Британија, бидејќи стравува дека британската Влада може да ја напушти ЕУ, без да постигне договор за преодниот период по Брегзит.

Компанијата соопшти дека ги проценила ризиците поврзани со Брегзит.

Доколку земјата ги напушти „истовремено заедничкиот пазар и царинската унија, без преоден договор“, тоа ќе предизвика големи проблеми во нејзиното производство во Велика Британија и загуби од милијарди долари.

– Таквите сценарија ќе го принудат „Ербас“ да ги преразгледа инвестициите во Британија и својата долгорочна позиција во земјата, предупреди „Ербас“.

Компанијата има 25 објекти во Британија, каде произведува авионски крила. Во неа се вработени 14.000 лица на островот и уште 100.000 во нејзините филијали.

Велика Британија треба официјално да излезе од ЕУ на 28 март 2019 година.

притисни ентер