Џафери во Вашингтон на средби со когресмените Питинџер, Адерхолд и Трот

Претседателот на Собранието Талат Џафери во рамки на работната посета на САД имаше одвоени средби со конгресмените Роберт Питинџер, Роберт Адерхолд и Дејв Трот.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот на Собранието, конгресменот Питинџер, кој е домаќин на Парламентарно безбедносниот Форум, истакна дека е почестен што Џафери ја прифатил поканата за учество на овој значаен собир што е продолжение на форумот од јуни 2017 година во Рига. Во тој контекст, помеѓу другото, Џафери го информирал конгресменот Питинџер за законските измени со кои што се санкционира учеството на наши граѓани во странски воени формации.

Соговорниците, како што стои, констатираа дека САД и Република Македонија се наоѓаат на иста страна во борбата против тероризмот во светот. Владеењето на правото, слободата на говорот и независноста на институциите се основен фундамент за градење на здраво демократско општество интегрирано во НАТО и ЕУ, се наведува во соопштението.

За време на средбата со претседателот на македонското Собрание, конгресменот Адерхолд, кој е член на американската конгресна група пријатели на Македонија, се интересирал за општиот политички дискурс по трансферот на власта. Џафери, се посочува во соопштението, детално му ја претстави севкупната ситуација и приоритетите на Република Македонија во однос на исполнувањето на неопходните реформски процеси. Притоа, претседателот на Собранието истакнал дека евроатланските вредности мора да се вградат во ткивото на општествениот живот во Република Македонија, бидејќи тоа е за доброто и благосостојбата на граѓаните.

Џафери во американскиот Конгрес имаше средба и со копретседавачот со конгресната група пријатели на Македонија, Дејв Трот, кој неодамна ја посети Република Македонија во рамките на неговата европска турнеја.

Во однос на полноправното членство на Македонија во НАТО, конгресменот Трот истакна дека конгресната група на пријатели на Македонија ќе продолжи да дава поддршка со сите средства и начини кои ги има на располагање. 

СДСМ :Криминалното и расипничко 11 годишно владеење на ВМРО-ДПМНЕ ги турна граѓаните и државата во сиромаштија и долгови

Денеска кога ВМРО-ДПМНЕ се обидува да глуми загриженост и да шири неточни, лажни вести треба да и биде јасно дека е прочитана од граѓаните а демантирана од фактите, реагираат од СДСМ на прес конференцијата на ВМРО- ДПМНЕ. .

Само последните три месеци од криминалното владеење на ВМРО ДПМНЕ донесоа пад на економијата од -1.3% во првиот квартал од 2017 година. За само неколку месеци, успешните економски политики на владата на СДСМ придонесоа во последното тримесечие од 2017 година да има раст од +1.3%.

Минималната плата порасна на 12.000 денари, се изедначи за сите индустрии и денес околу 90.000 семејства имаат повисоки плати. Тоа влијае и врз растот на просечната плата којашто според официјални податоци, во март 2018 година бележи раст од 5,6 отсто во однос на истиот месец од 2017 година.

Јавниот долг за првпат е намален по неколку години постојано зголемување, а намалена е и фреквенцијата на задолжување.

Фактите покажуваат дека промените носат економски напредок, раст, поголеми плати и подобар животен стандард за граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ останува заробеник на едно минато време и погрешни политики коишто граѓаните ги поразија. Опозициската партија се уште не може да собере сили да се реформира и да се профилира во сериозен, демократски политички субјект, со јасен политички профил и начин на дејствување, се наведува во реакцијата на СДСМ.

ВМРО- ДПМНЕ : Каде отидоа половина милијарда евра само изминатава година?

Откако само една година е на власт криминалниот картел на СДСМ народот пати од беда, а Република Македонија е во економска стагнација, рече на прес конференција портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ , Димче Арсовски.

Економијата тоне, нема инвестиции, а за нови работни места не ни станува збор, нема ниту едно ново работно место отворено.

                    Зоран Заев пред изборите ветуваше дека економијата ќе била приоритет на неговата  влада, ветуваше 500 евра просечна плата, пари назад во џебовите на  граѓаните и дека ќе ја спречел тенденцијата на иселување на младите луѓе од државата, и сето тоа како што велеше со зачувување на 400 милиони евра годишно кои се  краделе од државата.

          Доколку ја земеме предизборната логика на  Зоран Заев како појдовна основа, тогаш се поставува логичното прашање каде завршуваат над 530 милиони евра годишно?

          Каде отидоа половина милијарда евра само изминатава година?  

          Заев и картелот на власт да кажат каде отидоа над 530 милиони  евра од Буџетот на државата, за да нема пари да се остварат проектите кои што ги ветија пред изборите?, прашуваат од ВМРО- ДПМНЕ.

         

Се воведува државна награда за Денот на албанската азбука

Собранието на Република Македонија во рамки на 46. седница попладнево ги донесе измените и дополнувањата на Законот за државните награди, по скратена постапка, предложени од владејачкото мнозинство.

Претходно беа донесени и измените на Изборниот законик, кој предвидува привремено решение за нов состав на Државната изборна комисија и други законски решенија. 

Со измените на Законот за државните награди се предвидува воведување уште државна награда за Денот на албанската азбука 22 ноември. Опозицијата беше против предлогот нагласувајќи дека има и други заедници кои имаат свои значајни денови, како Ромите, Турците... и оти не гледаат зошто измените се носат по скратена постапка. 

Законот за поддршка на млади при купување на музички инструменти беше поддржан од сите пратенички групи, но главната дебата меѓу пратениците се водеше за тоа кој го предложил овој закон. Опозицската ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека тоа била Владата на поранешниот премиер и поранешен нивни партиски претседател Никола Груевски во март 2016 година, додека пратениците од СДСМ тврдеа дека ова е комплетно нов закон и оти е предложен од актуелната Влада на премиерот Зоран Заев. 

Претходно беа донесени измените на Законот за животната средина, додека за Законот за заштита на природата и за Дополнетиот предлог закон за измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински средства по расправата не се гласаше поради немање кворум. Пратениците ги изгласаа и измените и дополнувањата на Законот за вработување на инвалидни лица, а во прво читање помина и предлог на закон за изменување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност. 

Донесени беа и измените и дополнувањата на Изборниот законик со којшто се предвидува избор на привремен шестмесечен состав на Државната изборна комисија.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, кој ја води седницата во отсуство на претседателот Талат Џафери, кој е во посета на Србија, продолжението на 46. седница ја закажа за утре напладне. 

притисни ентер