Нови 10.000 работни места со Оперативниот план за вработување за 2017

Нови 10 илјади вработувања е планирано да се реализираат со мерките и програмите од Оперативниот план за вработување за 2017 година, за што се предвидени 14 милиони и 200 илјади евра, или 2,6 милиони евра повеќе од лани.
Од вкупниот број планирани нови работни места најголем дел или околу 5.000 се очекува да бидат креирани преку проектот „Македонија вработува 2“.

- Со реализација на овој Оперативен план очекуваме отворање на околу 10.000 нови работни места, заедно со „Македонија вработува 2“ со што значително ќе се придонесе за намалување на невработеноста која наредната година планираме да изнесува под 22 проценти, а до 2020 да се намали на 17 до 18 проценти“, истакна на денешната прес-конференција вицепремиерот здолжен за економски прашања Владимир Пешевски.

Во рамки на Оперативниот план, усвоен на последната владина седница, е предвидена имплементација на 22 програми и мерки за вработување и 11 услуги на пазарот на трудот, а вкупниот број учесници во предвидените активности се очекува да надмине 41 илјада лица. 

Со Планот ќе продолжи реализацијата на Програмата за самовработување во чии рамки ќе се издвојат средства за формирање нови 1.000 микрокомпании, а грантот од неповратни средства за поддршка за отворање компанија наместо како досега 3.000 илјади ќе биде зголемен на 4.000 илјади евра.

Пешевски информира дека продолжува и поддршката за лицата со попреченост кои ќе можат да добијат грант од 4,5 илјади евра за отворање 50 нови микрокомпании, но и субвенционирањето на компаниите за отворање работни места за овие лица. Се очекува овие мерки да генерираат нови 500 работни места.  Продолжуваат и проектите за поддршка за отворање приватни детски градинки и старски домови со грантови од 10 односно 12.500 евра кои ќе треба да создадат осумдесетина нови работни места.

Планот вклучува и организација на обуки за над 7.200 невработени лица за да се стекнат со нови знаења и вештини со што ќе им зголемат шансите за вработување. Дополнително преку 11 вида услуги од АВРМ се очекува да бидат опфатени 27.200 лица.

- Владата на Република Македонија како врвен приоритет ја постави борбата со невработеноста. Таа борба продолжува и ќе трае се додека не се оствари нашата цел секој граѓанин да добие можност да работи, да придонесе за себе, своето семејство и развој на државата, рече вицепремиерот Пешевски.

Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими истакна дека со Планот се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе се спроведат за, како што рече, да се подобри функционирањето на пазарот на трудот, да се поддржи создавање нови работни места и да се зголеми вработливоста на невработените лица.

- Сите невработени лица кои се евидентирани во Агенцијата за вработување на РМ како активни баратели на работа имаат пристап до услугите и програмите, односно мерките за вработување утврдени со Планот. Правото на учество се определува врз основа на условите и критериумите дефинирани за секоја поодделна услуга и програма, односно мерка за вработување, а како општо правило се настојува да се постигне еднаква застапеност на мажи и жени, како и учество на младите лица до 29 години од најмалку 30 проценти, истакна Ибрахими.

Директорот на АВРМ Влатко Поповски истакна дека огласите за определените мерки и активности ќе почнат да се објавуваат веќе од понеделник, со што, како што рече, сите граѓани на Република Македонија ќе бидат запознаени поодделно со правилата на огласот за таа мерка, со условите за апликација.

- Се надевам дека до крајот на оваа година ќе ги постигнеме сите предвидени таргети и не само што ќе ја оствариме бројката од минимум планирани 10 илјади, туку ќе оствариме најмалку 5.000 повеќе вработувања, истакна Поповски.

Директорката на Центарот за вработување од Скопје Слободанка Алексовска истакна дека и во овој Оперативен план се става фокус на зголемување на вработувањето на жените. Информира дека во периодот од 2007 до 2017 трендот да се оствари вработување на најмалку 30 проценти жени е надминат, и како што рече, од вкупно вработените 45 проценти се жени. Информира и дека и со Програмата за самовработување со грантови 37 проценти од отворените бизниси ги отвориле жени претприемачи.

Досегашната реализација на оперативните планови во изминатите 10 години опфатила повеќе од 102.000 невработени лица, а од нив моментално со статус на вработени се над 43.000 лица или околу 43 проценти од вкупниот број. Изминатите години за реализација на оперативните планови издвоени се над 50 милиони евра. Во 2016 година 32.141 лице учествувало во некоја од предвидените активности, а 9.481 лице се нововработени.

Преку овие но и другите комплементарни економски политики, програми и мерки, Владата досега создаде услови и поттикна отворање на над 168.000 нови работни места во стопанството, а невработеноста од 38 проценти во 2005 година ја намали на 23,4 проценти во третиот квартал во 2016. /МИА

Телефонски разговор Меркел-Заев - поддршка да се најде заемно прифатливо решение за името

Премиерот Зоран Заев телефонски разговараше со германската канцеларка Ангела Меркел, која дала поддршка за изнаоѓање заемно прифатливо решение за спорот со Грција околу името, потврдија за МИА од Владата.

Меркел имаше одвоени средби со Заев и со грчкиот премиер Алексис Ципрас на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржа минатата седмица во Софија, а за важноста која таа му го придава на спорот покажува и тоа што прес-конференцијата во Софија ја почна токму со поздравување на напорите кои ги вложуваат двете земји во обидите да најдат решение за името.

Со Меркел денеска телефонски разговарал и грчкиот премиер Ципрас, јави радио Дојче веле. 

Кабинетот на Меркел потврди дека таа разговарала со двајцата премиери, но не изнесе повеќе детали.

Заев и Ципрас преговараа за името на маргините на Самитот во Софија, по што македонскиот премиер изјави дека пронашле опција која е прифатлива за двете страни. По лидерската средба викедов Заев ја соопшти опцијата - Република Илинденска Македонија, а Кабинетот на Ципрас кусо потоа излезе со соопштение во кое бара во името да биде содржана временска или географска одредница. 

Македонската Влада останува на ставот дека предлогот Република Илинденска Македонија е решение прифатливо за двете страни, додека официјална Атина инсистира името да се одбере од пакетот предлози на Метју Нимиц.

Двете страни ги изнесуваат позициите пред новата рунда преговори за името. Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас в четврток и петок ќе имаат нова средба со медијаторот на Обединетите нации, Нимиц. /МИА

Нови субвенции за купување велосипеди и замена на водомери во општина Карпош

На денешната десетта седница на Советот на општина Карпош, советниците ја одобрија одлуката за добивање на финансиски средства, за замена на стари куќни водомери на со нови ултразвучни.

Водомерите ќе се интегрираат во системот на далечинско одчитување на системот на Јавното претпријатие „Водовод и Канализација“.

Градоначалникот на Карпош Стефан Богоев, нагласи дека ова е грант од ЕБРД преку Министерството за транспорт и врски кој ќе изнесува околу 200.000 евра.

Со овој проект би се опфатиле 500 куќни домаќинства.

На седницата исто така беше одобрена предлог-одлуката за субвенционирање на купување нови велосипеди. По масовниот интерес за првата ваква акција, во која беа предвидени 300.000 денари, локалната самоуправа продолжува со уште една ваква акција, во која се предвидени дополнителни 360.000 денари финансиски средства, со кои ќе се помагаат карпошани да купат нови велосипеди.

Советниците ги усвоија и Извештаите за работата во областа на детската, здравствената и социјалната заштита, културата и образованието. Исто така, се усвоија и Извештаите за работата во областа на заштитата и спасувањето, екологијата и енергетската ефикасност и работата на организација на Советот за периодот од 01.01 до 15.05 .2018 година.

На оваа седница, советниците го усвоија и предлогот за времено давање на недвижни ствари (простории на локалната самоуправа на надвозникот „ Влајко“) на Министерството за земјоделие на Република Македонија.

СДСМ :Криминалното и расипничко 11 годишно владеење на ВМРО-ДПМНЕ ги турна граѓаните и државата во сиромаштија и долгови

Денеска кога ВМРО-ДПМНЕ се обидува да глуми загриженост и да шири неточни, лажни вести треба да и биде јасно дека е прочитана од граѓаните а демантирана од фактите, реагираат од СДСМ на прес конференцијата на ВМРО- ДПМНЕ. .

Само последните три месеци од криминалното владеење на ВМРО ДПМНЕ донесоа пад на економијата од -1.3% во првиот квартал од 2017 година. За само неколку месеци, успешните економски политики на владата на СДСМ придонесоа во последното тримесечие од 2017 година да има раст од +1.3%.

Минималната плата порасна на 12.000 денари, се изедначи за сите индустрии и денес околу 90.000 семејства имаат повисоки плати. Тоа влијае и врз растот на просечната плата којашто според официјални податоци, во март 2018 година бележи раст од 5,6 отсто во однос на истиот месец од 2017 година.

Јавниот долг за првпат е намален по неколку години постојано зголемување, а намалена е и фреквенцијата на задолжување.

Фактите покажуваат дека промените носат економски напредок, раст, поголеми плати и подобар животен стандард за граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ останува заробеник на едно минато време и погрешни политики коишто граѓаните ги поразија. Опозициската партија се уште не може да собере сили да се реформира и да се профилира во сериозен, демократски политички субјект, со јасен политички профил и начин на дејствување, се наведува во реакцијата на СДСМ.

притисни ентер