Поднесе оставка министерот за надворешни на Латвија- се возел во скапи приватни авиони

Министерот за надворешни работи на Латвија Крисјанис Каринс објави дека се повлекува поради обвинувањата за трошење народни пари во врска со скандалот со чартер летови.

Каринс денеска по средбата со премиерката Евика Силина објави дека на 10 април ќе поднесе оставка од функцијата. Парламентот веќе следниот ден може да одлучи за неговиот наследник.

Каринс беше критикуван за чартер летовите за време на мандатот на премиерот. Тој ја водеше латвиската влада од 2019 до 2023 година, а во тој период леташе околу триесет пати со приватни авиони наместо со поевтини, редовни линии.

Латвиското државно обвинителство минатата недела започна истрага за можното трошење јавни средства.

Каринс ги негира обвинувањата, тврдејќи дека летовите биле неопходни за да се заштеди време или за да може да се врати во земјата што е можно поскоро за работа поврзана со владата.

Силина рече дека Каринс ја презел политичката одговорност и дека се уште не знае кого ќе назначи за негов наследник.

Ковачевски: Никогаш повторно режим, не се откажавме на 27 април, нема да се откажеме ниту на 8

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски денеска на својот профил на Фејсбук напиша дека 27 април е најцрниот датум во историјата на нашата демократија потенцирајќи дека како што тие не се откажале од овој ден, така нема да се откажат и од 8 мај.

- Никогаш да не ги заборавиме сликите од крвавиот четврток, сликите на насилниците поттикнати од ВМРО-ДПМНЕ кои извршија упад во Собранието, се обидоа да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во собраниските служби, кои сакаа да да го урнат уставниот поредок. На 27 април пред седум години, се виде до каде може да одат поделбите и омразата, желбата за пресметка со сите оние кои мислат поинаку. Овој датум е потсетник колку лесно опасна, десничарска власт може да ја уништи стабилноста и демократијата, да ја уназади државата. Тогаш не се откажавме од борбата за подобра иднина на граѓаните, за слободна и демократска држава. Нема да се откажеме ниту сега. СДСМ е партија направена од цврст материјал и секогаш на вистинската страна од историјата. Како што не се откажавме на 27 април, нема да се откажеме ниту на 8 мај. Никогаш повторно режим, напиша претседателот на СДСМ Ковачевски на Фејсбук.

Бајден и Трамп прифаќаат дебата пред претседателските избори

Американскиот претседател Џозеф Бајден и неговиот противкандидат на претседателските избори во ноември, Доналд Трамп, соопштија дека прифаќаат јавна дебата пред изборите.

81-годишниот Бајден, кој се кандидираше за втор мандат, во радио интервју, прашан дали би учествувал во јавна дебата со неговиот 77-годишен претходник од републиканците рече дека „со нетрпение би го очекувал“.

Ова е прв пат Бајден јасно да стави до знаење дека е подготвен за дебата со својот републикански ривал.

Трамп, кој одби да учествува во дебати дури и со ривалите од сопствената партија, пак изјави дека е подготвен за дебата со Бајден „во секое време, каде било“.

Блинкен се очекува во Саудиска Арабија на самит за глобална економија и за Газа

Највисокиот дипломат на Вашингтон е меѓу лидерите кои се очекуваат на економскиот самит организиран од Саудиска Арабија, што треба да почне в недела, со силен фокус на тешката војна во Газа, рекоа организаторите.

„Американскиот државен секретар Антони Блинкен „ќе дојде директно од неговите посети во Кина и на пат за Израел“, рече Борге Бренде, претседател на Светскиот економски форум на прес-конференција денеска во Ријад.

Други учесници на дводневниот специјален состанок се палестинскиот претседател Махмуд Абас и министрите за надворешни работи и премиерите од целиот Блиски Исток и од Европа.

Тие вклучуваат министри за надворешни работи од Франција, Германија, Обединетото Кралство и ЕУ и премиери од Катар, Јордан, Египет и Ирак, се вели во соопштението на СЕФ.

„Вкупно 12 шефови на држави и влади се појавуваат меѓу повеќе од 1.000 учесници“, рече Бренде.

притисни ентер