Судење на Трамп: Издавач на таблоид призна дека ја „закопал“ приказната за аферата со моделот

Издавач на таблоид призна дека ја „закопал“ приказната за аферата со моделот на Плејбој.

Дејвид Пекер, издавач на таблоидот National Enquirer, сведочеше на судењето против поранешниот претседател Доналд Трамп дека го спречил објавувањето на приказната за наводна афера за да и помогне на претседателската кампања на Трамп во 2016 година, иако написот би ја зголемил продажбата на неговиот таблоид, пренесува Гласот на Америка.

Пекер (72), на вчерашното судење се согласи со обвинителот кој го праша дали би било многу профитабилно за National Enquirer да објави приказна за тврдењата на поранешниот модел на Плејбој, Карен Мекдугал дека имала афера со Трамп во 2006 и 2007 година.

Сепак, Пекер рече дека решил да не ја објавува приказната откако и платил бидејќи тоа ќе му наштетело на републиканецот Трамп и ќе ги намалело неговите шанси да ја победи демократката Хилари Клинтон.

„Не ја објавивте приказната затоа што тоа беше од помош на кандидатот Доналд Трамп“, праша обвинителот Џошуа Стејнглас. Да – одговори Пекер“.

Издавачот претходно сведочеше дека соработувал со кампањата на Трамп и во обидот да се спротивстави на наводите за измама во време кога тогашниот претседателски кандидат се соочувал со бројни обвинувања за сексуално недолично однесување.

Пекер беше првиот сведок во случајот во кој Трамп е обвинет за фалсификување деловни документи за да ги прикрие исплатите на порно актерката Сторми Даниелс за таа да молчи за аферата. Трамп тврди дека не е виновен.

Пекер сведочеше дека неговиот таблоид платил за правата за две такви стории кои никогаш не ги објавил, а исто така го предупредил Трамп дека Даниелс се обидува да ја „продаде“ нејзината приказна за сексуална средба со него.

Одбраната тврди дека парите биле исплатени за да се заштити семејството на Трамп од срам, а не да се заштити неговата кампања. Трамп негира дека некогаш имал секс со Сторми Даниелс.

Адвокатите на Трамп се обидоа да го дискредитираат сведочењето во кое Дејвид Пекер објасни како шемата за елиминирање на негативните приказни функционирала за да се спречат наративите кои биле штетни на претседателската кампања на Трамп во 2016 година.

За време на сведочењето, Пекер ги оквалификува како вообичаени напорите на познатите луѓе да бидат проследени со добар публицитет, како и дека неутрализирал негативно конотирани приказни за други познати личности, како филмската суперѕвезда Арнолд Шварценегер и голферот Тајгер Вудс. Тој вели дека во случајот со познатиот актер, Enquirer платил стотици илјади долари на жени кои тврделе дека имале афера со него - за време на кандидатурата на Шварценегер за гувернер на Калифорнија во 2003 година.

Пекер прецизираше дека првпат го предупредил Трамп за негативно конотираната приказна уште во 1998 година, кога поранешниот американски претседател беше во брак со Марла Мејплс. Тој рече дека го смета Трамп за пријател, иако тие не разговарале од 2019 година.

Обвинителите тврдат дека аранжманот на Пекер со Трамп негативно влијаел на изборниот процес во 2016 година. Поранешниот издавач на таблоид се согласи да соработува со правосудството за да избегне кривична пријава.

Против Доналд Трамп се водат вкупно четири судски постапки.

Покрај овој случај, тој е обвинет и за незаконско ракување со доверливи документи и обид да ги сврти резултатите од изборите во 2020 година во своја полза. Во Џорџија се води постапка против него за обид да влијае на резултатите во таа сојузна американска држава.

Четири европски земји наскори би можеле да ја признаат Палестина

Ирска, Шпанија, Словенија и Малта размислуваат да признаат палестинска држава на 21 мај, објави ирската државна телевизија.

RTE News синоќа објави дека се интензивираат разговорите меѓу Даблин, Мадрид, Љубљана и Ла Валета за потенцијалното заедничко признавање на палестинската државност.

Ирската телевизија тврди дека тие земји чекаат гласање на Генералното собрание на Обединетите нации на 10 мај, што може да резултира со отворање на патот на Палестина за членство во организацијата.

Четирите земји во заедничката изјава на 22 март соопштија дека се договориле за првиот чекор кон признавањето на Палестина.

Шпанија и Ирска долго време се застапници на палестинските права. Оваа иницијатива доаѓа во време кога меѓународната заедница повикува на прекин на огнот и долгорочно решение за мир во регионот поради големиот број цивили убиени во израелската офанзива на Газа.

Од 1988 година, палестинската држава е призната од 139 од 193 членки на Обединетите нации.

Израел тврди дека планот на четирите европски земји е „награда за тероризмот“ што ќе ги намали шансите за мировни преговори во Газа.

Нетанјаху по најавата на Бајден дека нема да испраќа оружје за Израел: Ќе се бориме со нокти

Бенјамин Нетанјаху рече дека Израел ќе „застане сам“ ако мора, откако САД се заканија дека ќе престанат да испраќаат оружје до својот сојузник.

„Ќе се бориме со нокти ако треба, но имаме многу повеќе од клинци“, рече Нетанјаху, а потоа додаде:

„И со таа сила на духот, со Божја помош, заедно ќе победиме“,пишува SkyNews.

Да потсетиме, американскиот претседател Џо Бајден изјави дека ќе ја прекине испораката на оружје за Израел доколку го нападне Рафа на југот на Газа.

Ројтерс ги пренесе изјавите на палестинските сведоци кои рекоа дека израелски тенкови и воени авиони го бомбардирале Рафа. Хамас исто така потврди дека неговите борци истрелале противтенковски ракети и минофрлачи врз израелските тенкови.

Инаку, Израел тврди дека борците на Хамас се кријат во Рафа, град во кој стотици илјади луѓе побарале засолниште од бомбардирањето што се случува на палестинска територија.

Мицкоски: Најавувам инвестициски бум што ќе ја засили економијата

Можам да кажам дека во првите 100 дена имаме многу амбициозна агенда за која што веќе се подготвувавме, но не сакавме да ја експлоатираме во кампањата. 

Денеска веќе кога се е завршено можам да кажам дека веќе е завршена една озбилна странска инвестиција која што е отпочната во делот на енергетиката, без посебни закони, без загарантирана цена на откуп, без повластици, која би се движела од меѓу 400 и 500 милиони евра и која што ќе произведува некаде од прилика околу 1 терават часови електрична енергија годишно, која што ќе се случи во Македонија. И тоа ќе биде објавено во првите 100 дена, вели Христијан Мицкоски претседател на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во емисијата Само интервју на Канал 5 телевизија.

Мицкоски потенцираше дека ќе донесат и други две странски инвестиции, за кои што рече услов е да си замине сегашниот директор на ТИРЗ и претседател во најава на СДСМ, Јован Деспотовски, бидејќи како што рече имаат навистина лошо искуство од него да дојдат да инвестираат во Македонија кои што се исто така прилично атрактивни како инвестиции.

Можам да најавам еден финансиски пакет во соработка влада со влада во вредност од 1 милијарда евра, со исклучително поволни услови. Со добар грејс период со исклучително атрактивна каматна стапка. Со две други странски инвестиции кои што би биле во зоните, но услов е овој директор кој што е таму и претседател на СДСМ во најава да замине, бидејќи се навистина со лошо искуство од него да дојдат да инвестираат во Македонија кои што се исто така прилично атрактивни и ценам дека еден ваков финансиски бран ќе биде само дел од оној процес за кој што зборувам цело време, а тоа е како да донесеме надеж, рече тој.

Мицкоски додаде дека во втора половина на јули месец да го направиме ребалансот, таму некаде прва половина на септември месец да го почнеме оној проект на децентрализација на финансиски средства и инвестиции во општините 250 милиони евра.

Очекувам втора половина на јули месец да го направиме ребалансот, таму некаде прва половина на септември месец да го почнеме оној проект на децентрализација на финансиски средства и инвестиции во општините 250 милиони евра, сега дека сме на половина година овој буџет во 2024 ќе опфати 125 милиони евра, инвестиции во општините.

притисни ентер