Реал се откажа од трансферот на Дејвис

Лидерот во шпанското првенство Реал Мадрид ги прекина преговорите за потписот на дефанзивецот на Баерн Минхен, Алфонсо Дејвис во претстојниот летен преоден рок, објавија денеска шпанските медиуми.

Според „Релево“, Реал ги променил приоритетите во плановите за засилување на одбранбената линија пред почетокот на следната сезона.

Реал постигна вербален договор со левиот бек Дејвис, но приоритетна трансфер цел на Кралскиот клуб во дефанзивата сега е централниот бек на францускиот Лил, Лени Јоро.

Според медиуми, Дејвис би можел да му се приклучи на Реал, но по крајот на следната сезона, кога му истекува договорот со Баерн.

Четири земји од ЕУ наскоро може да ја признаат Палестина

Ирска, Шпанија, Словенија и Малта размислуваат да ја признаат палестинската држава на 21 мај, објави ирската државна телевизија.

РТА Њуз синоќа објави дека се интензивираат разговорите меѓу Даблин, Мадрид, Љубљана и Ла Валета за потенцијалното заедничко признавање на палестинската државност.

Ирската телевизија тврди дека тие земји чекаат гласање на Генералното собрание на Обединетите нации на 10 мај, што може да резултира со отворање на патот на Палестина за членство во организацијата.

Четирите земји во заедничко соопштение на 22 март наведуваат дека се договориле за првиот чекор кон признавањето на Палестина.

Шпанија и Ирска долго време се застапници на палестинските права. Оваа иницијатива доаѓа во време кога меѓународната заедница, поради големиот број убиени цивили во израелската офанзива на Газа, повикува на прекин на огнот и долгорочно решение за мир во регионот.

Од 1988 година, палестинската држава е призната од 139 од вкупно 193 членки на Обединетите нации.

Израел тврди дека планот на четирите европски земји претставува „награда за тероризмот“ што ќе ги намали шансите за мировни преговори во Газа.

Нов паркинг на улица "Козјак" во Кисела Вода

Нов паркинг простор е во завршна фаза во населбата Кисела Вода. Градоначалникот Ѓорѓиевски денес изврши увид на улицата “Козјак”, каде на 400 квадратни метри се обезбедуваат нови 25 паркинг места. 

Со ова, бројот на новоизградени паркинг места за овие две и пол години се искачува на околу 1400.

-Продолжуваме да работиме со силно темпо грижејќи се нашите жители да имаат што подобри услови во секој сегмент од нивните животи. Решавањето на проблемот со недостиг од паркинг места со кои се соочувавме со години наназад е поставен високо во моите приоритети, а дека е така говори тоа што, иако во мојата програма имав ветено 1000 нови паркинг места, веќе ја достигнавме бројката од 1400 и тоа само за две и пол години. Новиот паркинг на улицата "Козјак" во населбата Кисела Вода нуди можност за уште 25 паркинг места. Просторот се протега на околу 400 квадратни метри, поплочен е со павер елементи и секако ќе придонесе во безбедноста и удобноста на сообраќајот во мирување. Секако, вакви градежни активности во периодот што следи ќе имаме и во сите останати месни и урбани заедници, на што веќе интензивно работиме-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.

Тренчевска се повлекува од функцијата претседателка на форумот на жени на СДСМ

 Дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска на својот фејсбук профил објави дека се повлекува од функцијата претседателка на форумот на жени на СДСМ. 

Таа потенцираше дека од партиските структури се повлекува целосно одговорно и самосвесно, со сигурност дека не ја изневерила довербата која и беше дадена.

-Со вчерашниот изборен ден покажавме дека живееме во демократска држава каде моќта е на народот! Онака како што и треба да биде. Благодарам на сите граѓани кои вчера излеговте и го дадовте својот глас за промени по ваша мерка! Во нашиот мандат како Социјалдемократски сојуз на Македонија, никој не оставивме сам, носевме мерки и закони кои помагаат на сите граѓани, посочи Тренчевска.

Таа додаде дека се донесени највисоките плати и пензии, се грижеле за најмладите и за лицата со попреченост.

-Затоа денес се повлекувам од мојата функција како претседателка на форумот на жени на СДСМ, функција која ја извршував чесно, достоинствено и во служба на граѓаните. Но, од моето делување сфатив дека на граѓаните не им се потребни само добри закони, туку и силни реформи! Продолжувам цврсто напред, појасни Тренчевска.

Потенцираше дека нема да дозволи уназадувањe на социјалната работа и укинување на мерки кои се од полза на граѓаните. Како што појасни, се води од вредности во кои секој заслужува поддршка, можности и напредок, и така ќе делува од позиција на пратеник.

-Од партиските структури се повлекувам целосно одговорно и самосвесно, со сигурност дека не сум ја изневерила довербата која ми е дадена, а од денес во СДСМ нека настапат оние со квалитети, вистински знаења, лицата блиски до народот на кои им се верува. Нови лица, неизвалкани од бремето на претходните функционери. Јас верувам во моите социјалдемократи и знам дека промените ќе бидат на подобро, појасни Тренчевска.

притисни ентер