Њујоршката полиција ќе утврдува дали од 2004 – та наваму продуцентот сексуално злоупотребил актерки , додека Лондонската Метрополитан полиција ќе ги истражува наводите од 80 – тите .

Продуцентот Вајнштајн категорично ги отфрли ваквите наводи . ,,Сите правиме грешки – се надевам на втора шанса “ , изјави тој за телевизијата ТМЗ. Според истиот извор , продуцентот денеска е на пат кон Аризона во специјализирана установа .

Пред тргнувањето ги замоли новинарите да бидат фер кон него , зашто ,,секогаш бев добро момче” .

Од друга страна , Британската актерка Кејт Бекинсејл е последна во низата која го обвини продуцентот дека ја злоставувал сексуално кога имала само 17 години во хотелот ,,Савој “ во Лондон . Ѕвездата на филмот ,,Underworld” на социјалните мрежи напиша дека Вајнштајн ја повикал во неговата соба и и ја отворил вратата во наметка . И понудил пијалок , но откако му рекла дека треба утредента да оди на училиште, некако ја пуштил да си замине.
По неколку години , на случајна средба ја прашал дали имало нешто повеќе меѓу нив на оваа средба , признавајќи дека не се сеќава дали ја нападнал .

Британската актерка и модел Кара Делавињ едвај успеала да избега од хотелската соба на продуцентот , кој сакал да ја бакне .

Претходно и Анџелина Џоли и Гвинет Палтроу потврдија дека биле сексуално нападнати од Вајнштајн .

Поради веквиот развој на настаните , домаќините на наградата Оскар се на итен состанок за да се договорат како ќе се постават кон славниот продуцент.

Досега Академијата за филм му доделила 81 Оскар на компанијата на Вајнштајн и на неговото студио  Мирамакс .

В недела ќе ја донесат конечната одлука , а во меѓувреме тој е исклучен од членството  во Британската Академија за филм и телевизија , БАФТА .

Со соопштение се огласи и Канскиот филмски фестивал , од каде го осудуваат таквото однесување на продуцентот .

Откако Холивуд се згрози од Вајнштајн , неговата сопруга го напушти заедно со двете деца.

Датум на објава: четврток, 12 октомври 2017 во 19:12
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар