Лукашенко: Потребно ни е нуклеарно оружје, опозицијата и НАТО планираат напад на Белорусија

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко изјави денеска дека неговата земја се соочува со сериозни внатрешни и надворешни закани поради кои треба да го промени својот безбедносен став.

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко изјави денеска дека неговата земја се соочува со сериозни внатрешни и надворешни закани поради кои треба да го промени својот безбедносен став и да и дозволи на Русија да распореди тактичко нуклеарно оружје на нејзина територија.

Лукашенко, без да обезбеди докази, рече дека белоруската опозиција планира да окупира дел од западот на земјата и да побара поддршка од трупите на НАТО, тврдење што опозицијата го отфрли, нарекувајќи го апсурдно.

На истиот состанок, Иван Тертел, шеф на белоруската безбедносна служба КГБ, рече дека неговите оперативци спречиле напади врз главниот град Минск со беспилотни летала лансирани од членката на НАТО, Литванија, но таа земја негира дека организирала каков било напад.

Тертел, исто така, тврдел дека белоруските безбедносни сили секојдневно се обидуваат да спречат постојани обиди за шверц на оружје од Украина во Белорусија „со цел таму да извршат саботажа и терористички напади“.

Лукашенко, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, често ги истакнува опасностите од нападите на НАТО или Украина, а со тоа ја оправдува блиската воена интеграција со Русија и постојаното одржување на одбранбениот и безбедносниот апарат во состојба на висока готовност.

Лукашенко говореше на состанокот на Белорускиот народен конгрес, уставното тело со 1.200 членови. На состанокот требало да се одобри ажурираниот концепт за национална безбедност и воената доктрина на Белорусија.

Државната новинска агенција Белта ја објави изјавата на Лукашенко дека „актуелната реалност бара промени во безбедносната положба на земјата“.

„Новата тема на Лукашенко е - нуклеарно одвраќање. Оние кои нè туркаат кон тоа треба да можат рационално да ги согледаат директните последици од нивните, благо кажано, непромислени одлуки“, пишува Белта.

Руски Тас ја пренесува изјавата на Лукашенко дека во Белорусија се распоредени „десетици“ руски тактичко нуклеарни оружја во согласност со договорот што тој и Путин го објавија минатата година. Тоа е првпат Русија да распореди нуклеарни ракети во странска земја од советската ера.

Белоруската опозиција, од кои повеќето лидери се во затвор, а останатите побегнаа во странство, ја исмеа изјавата на Лукашенко дека планираат да заземат дел од западот на земјата.

„Мислам дека Лукашенка треба да биде коментиран од психотерапевт бидејќи тој живее во свој свет и се чини дека губи допир со реалноста“, рече Франак Виацорка, главен соработник на прогонетиот опозициски лидер Светлана Тихановскаја.

„Овој конгрес е негов очајнички обид некако да ја врати сопствената доверба, но и да му покаже на надворешниот свет дека сè уште има поддржувачи. Се разбира, најлесниот начин да ги консолидира своите поддржувачи е да создаде чувство дека има надворешни непријатели“, изјави Виакорка за Ројтерс.

Лукашенко им рече на учесниците на конгресот дека опасноста од воени инциденти долж границата на неговата земја со Украина е доста висока. Тој исто така рече дека Полска, уште еден западен сосед на Белорусија и членка на НАТО, не треба да очекува агресивни дејствија од Минск, но дека Белорусија сепак пресели неколку борбени баталјони од истокот на земјата на запад.

На прашањето за тврдењето на Тертел дека Белорусија спречила напади со беспилотни летала лансирани од Литванија, заменик-полскиот министер за одбрана Цезари Томчик одговори дека не треба да се наседнува на нешто што всушност е белоруска и руска пропаганда.

„Овие луѓе прават сѐ за да ја дестабилизираат Европската унија и НАТО... сите пораки што доаѓаат од Руската Федерација или Белорусија треба да се третираат како пропаганда, а не како факт. Тоа не се доверливи партнери, тие не се луѓе на кои треба да им веруваме и ние мора да направиме сѐ за да се заштитиме од нив“, рече Виачорка на прес-конференција во Варшава.

Митрополит Агатангел: Македонското име, идентитет, Црква не смеат да бидат предмет на тргување

Македонското име, идентитет, историја и традиција не смеат да бидат предмет на тргување, тоа важи и за Црквата.

Митрополитот на Повардарската епархија Агатангел во своето Велигденско послание порача до верниците дека е потребна одговорност кон себе, кон општеството, да се потпраме на вредностите на православието оти важно е какво општество и каква држава ќе изградиме.

-Мораме да бидеме одговорни како за себе, така и за општеството и околината што нè опкружува. Не смееме да потонеме во самодоволност и сув индивидуализам. Човекот не е створен да биде сам и осамен во светот. Не смееме да бидеме небрежни за својот ближен, за страдањето на братот, за животната средина во која ги раснеме нашите деца...Важно е за човекот да живее во мир и благосостојба, важно е какво општество и каква држава ќе изградиме. Тоа не се прашања што не треба да нè засегаат. Добро е да знаеме кои сме, што сме и од каде сме. Од Христа сме откупени, скапо сме платени преку Неговата сечесна крв. Он, преку Своето славно Воскресение, преку Својата неизмерна љубов, ни го подари највисокото достоинство. Не смееме на Неговата татковска грижа да одговориме со незаинтересираност и самодоволно повлекување. На Бога со камен не треба да фрламе, раката што дава не треба да ја сечиме - така нè учеле и воспитувале нашите предци, вели владиката Агатангел во посланието објавено на веб страницата на Повардарската епархија.

Според него, иако човекот денес живее во изобилство, понесреќен е и попотиштен од кога и да е во неговата долга историја

-Македонскиот народ илјадници години непрестајно на Бога благодарност и пофални песни Му вознесувал. Знаел нашиот мудар народ дека секоја тиранија е привремена, дека секое зло е краткотрајно. Денес, пак, злото, покрај тоа што си го зачувало својот вообичаен облик, има и некакво друго, поинакво лице. За жал, во тешка состојба сме доведени. Денес, иако човекот живее во изобилство, сепак е понесреќен и попотиштен од кога и да е во неговата долга историја. Денешниот човек е збунет и дезориентиран. Тој како да не ја препознава вредноста, како да не знае што е нормално, а што застрането, потенцира митрополитот Повардарски Агатангел.

Сега, како генерација, додава тој, мораме да застанеме на патот на оваа демонска наезда, оти ако тоа час поскоро не го сториме, духовно ќе се разориме себе си одвнатре и дури тогаш ќе станеме морално плитки и исушени.

-Затоа, македонскиот народ нема друг избор освен да се ослони на Бога, да се потпре на Неговиот спасоносен столб, кој го држи и покрепува секое човечко здание. Само така и на тој начин ќе опстоиме. Македонското име, идентитет, историја и традиција не смеат да бидат претворени во роба за трговија. Тоа е срамно и неправедно, а уште помалку морално. Ова важи како за македонскиот народ и држава, така и за Црквата, порача митрополитот Повардарски Агатангел.

Потенцира дека мнозина подло ќе се обидат да ни го омаловажат и искривоколчат секој наш успех и достигнување. Но, вели, имајте секогаш предвид дека со Христос победуваме, он ги штити и запазува праведните, оти Самиот Тој е правда и вистина. Христос е живата радост која го исполнува секое осамено и повредено срце.

-Од изворот на Воскресението Христово постојано и непрестајно да се напиваме. И ние еден ден ќе Воскреснеме во новиот живот исполнет со вечното. Нека ја штити и закрилува Господ нашата татковина Македонија и нашата Света Македонска православна црква - Охридска архиепископија. Македонскиот православен народ нека создава дела за вечно паметење. Блажен е овој народ што го срамат и прогонат, и што говорат против него секакви лоши зборови и лаги - заради Христа! Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата, порача Митрполитот Повардарски Агатангел.

Утрово на прв ден Воскресение Христово – Велигден, се служеше Златоустова литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, а со литургијата во храмот „Св. Кирил и Методиј“ чиноначалствува митрополитот Повардарски Агатангел.

Најрадосната вест за Христовото Воскресние синоќа на полноќ беше објавена низ сите православни храмови на Повардарската Епархија. Во Соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес со литургијата чиноначелствуваше митрополитот Повардарски Агатангел, а литургии посветени на воскресението на Хириста се одржаа и во трите градски цркви - „Св. Кирил и Методиј“, „Вознесение Христово“ (Св. Спас) и „Св. Јован Крстител“.

Нетанјаху: Израел ќе продолжи да се бори во Газа до победа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека земјата ќе ја продолжи војната во Појасот Газа додека не се постигнат сите цели и ја обвини палестинската милитантна група Хамас за застојот во преговорите за привремен прекин на огнот.

- Капитулирањето пред барањата на Хамас би било ужасен пораз за државата Израел, рече Нетанјаху во видео порака објавена денеска. „Тоа би била голема победа за Хамас, Иран и целата оска на злото. Тоа би покажало страшна слабост за нашите пријатели и за нашите непријатели“, ја пренесува ДПА изјавата на Нетанјаху.

- Ако Израел покаже слабост на овој начин, тоа само ќе ја доближи следната војна и ќе го отфрли следниот мировен договор, „бидејќи сојузи не се прават со слабите и поразените. Сојузи се прават со силните и победниците, предупреди тој.

Во моментов во Каиро се водат разговори со посредство во кои учествуваат претставници на Хамас, со надеж дека ќе се обезбеди ослободување на преостанатите заложници во Газа во замена за палестинските затвореници кои се држат во израелските затвори. Се разговара и за можен прекин на огнот.

Нетанјаху рече дека Израел покажа флексибилност за време на преговорите во Каиро, додека Хамас се држи до своите „екстремни позиции, пред сè повлекувањето на нашите сили од Појасот, ставање крај на војната и Хамас да се остави недопрен“.

Скопјанец измамен во менувачница од двајца странски државјани

Скопјанец пријавил дека во менувачница во Старата скопска чаршија бил измамен од страна на двајца странски државјани за сума од 25.000 евра, информираат попладнево од Министерството за внатрешни работи.

Синоќа во 19.15 часот во СВР - Скопје, Х.М., на возраст од 34 години од главниот град на државава, пријавил дека околу 15 часот во менувачница во Старата скопска чаршија бил измамен од двајца странски државјани.

Според пријавеното, откако се договориле во менувачницата да сменат пари за 25.000 евра, лицата дошле со чанта со договорената сума на пари во денари, при што еден од нив ја заменил чантата со денари со друга иста чанта, која во долниот дел била полна со хартиени ливчиња.

Како што пријавил Х.М., тој им ги дал еврата без да ја провери чантата, а откако заминале, сфатил дека е измамен, појаснуваат од МВР.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

притисни ентер