Поранешна „Плејбој“ зајачица ќе сведочи против Трамп- ќе го испрати ли во затвор? (ВИДЕО)

Поранешната „зајачица“ на Плејбој, Карен Мекдугал (53) ќе може да сведочи на судењето на Доналд Трамп, поранешниот претседател на САД, кој е обвинет дека платил пари за кампањата на Сторми Даниелс, поранешна порно ѕвезда, за да молчи за нивната афера.

За време на изборот на поротата за судењето во судот во Менхетен, судијата Хуан Мерџан одлучи дека Карен може да сведочи против Трамп.

Како што пренесува Dailymail, поранешната манекенка на Плејбој тврди дека имала афера со Трамп која траела десет месеци и дека пет месеци пред претседателските избори во ноември 2016 година, компанијата „American Media Inc“, која го издава познатиот таблоид „National Enquirer “, ѝ платил 150.000 долари за признание, но дека нејзината приказна никогаш не била објавена. Оваа афера стана позната на пошироката јавност подоцна во 2016 година кога Карен даде интервју за „Волстрит џурнал“. Трамп постојано ги негираше нејзините наводи. Исплатата на Карен Мекдугал не е предмет на кривична истрага, но обвинителите веруваат дека нејзиното сведочење ќе го утврди моделот на однесување на Трамп. Тод Бланч, адвокатот на поранешниот претседател, се обидува да ги оспори овие наводи под изговор дека се работи за приватен семеен живот.

Судијата Мерџан изјави дека поротата нема потреба да биде информирана за периодот кога се случила оваа наводна афера. Карен Мекдугал тврди дека таа и Трамп имале афера во период од десет месеци додека неговата трета сопруга Меланија била во друга држава. Во едно интервју од минатата година, таа истакнала дека ова не била случајна афера:

- Јас бев заљубена во него и тој во мене. Го знам ова затоа што постојано ми кажуваше колку ме сака. Ќе ми речеше „Ти си моја и те сакам“. Не се криевме од неговите пријатели. Во јавноста ме прикажуваат како незадоволна жена, но јас не сум тоа – изјавила Карен и открила како завршила аферата:

-Размислував како да излезам од таа врска. Еден роднина дојде во градот и излеговме во еден бар и таму запознав еден прекрасен човек по име Брус.

Тоа е холивудската ѕвезда Брус Вилис, со кого Карен била фотографирана неколку месеци подоцна на одмор во Италија. Двајцата биле во врска шест месеци.

- Не го изневерив Трамп. Зошто би останала со оженет, кога Брус беше фин и слободен – додала поранешната „зајачица“.

Компанијата „American Media Inc“ призна дека нејзините исплати на Карен Мекдугал биле направени за да му помогне на Трамп во изборната кампања. Ова е добро позната практика на „фати и убиј“, која спречува несаканите приказни да излезат во јавноста. Мајкл Коен, поранешен адвокат на Трамп, кој бил вклучен во плаќањето на Сторми Даниелс, снимил разговор со клиент кој разговарал за исплата на Карен Мекдугал. Во еден момент од видеото Трамп прашува - Колку треба да платиме за ова, 150? , мислејќи за 150.000 долари. Доколку биде осуден, Трамп се соочува со четири години затвор.

Карен пораснала во Мичиген. Таа била едно од петте деца во семејството. Работела како воспитувачка во предучилишна установа кога, по операцијата за зголемување на градите, се пријавила на шоу за костими за капење. Таа модна ревија ѝ го отворила патот до Плејбој, каде што била избрана за „зајачица“ во декември 1997 година, а набрзо освоила и награди за најдобар модел во 1998 и 2001 година. Ѝ ги отстраниле имплантите на градите во 2016 година поради здравствени проблеми . Трамп и таа, наводно, се сретнале на забава организирана од Хју Хефнер во неговата палата во Лос Анџелес.

- Цела вечер ме следеше како кученце на таа забава - изјавила Карен во претходно интервју.


Лишени од слобода двајца неготинци за напад врз малолетна ќерка и сестра

Двајца неготинци синоќа биле лишени од слобода поради напад врз малолетната ќерка и сестра, информираат денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.

- Во 23.10 часот, полициски службеници од ОВР Неготино ги лишиле од слобода Г.З., на возраст од 50 години и В.З., на 24-годишна возраст, двајцата од овој град, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом физички ја нападнале нивната малолетна ќерка и сестра. Г.З. и В.З. биле задржани во полициска станица, известени биле јавен обвинител, Центарот за социјални работи. По документирање на настанот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава, појаснуваат од СВР Велес.

Претходно, во 09.30 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода кавадарчанецот М.Т., на возраст од 30 години, постапувајќи по претходна пријава од неговата 30-годишна сопруга, дека во семејниот дом физички ја нападнал.

М.Т. бил приведен во полициска станица. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

ДИК интензивно се подготвува за двојните избори на осми мај

Со зајакнати човечки и технички капацитети Државната изборна комисија интензивно се подготвува за вториот круг од претседателските и парламентарните избори, уверува првиот човек на комисијата Александар Даштевски.

За да се забрза изборниот процес на избирачките места наместо пет ќе има по седум лица, вели Даштевски во интервју за МИА, со што откако ќе заврши гласањето на 8 мај, според него, резултатите од изборите би можеле да се знаат до полноќ.

-Ние презедовме мерки на овие избори и тие мерки се состојат во зајакнување на хардверот за да може во исто време да прима повеќе информации, понатаму во обучување на повеќе луѓе на терен. Значи, сега беа обучени некаде околу 1.700 луѓе да внесуваат, обезбедивме за сите тие 1.700 лаптопи во соработка со Државниот завод за статистика, обезбедивме таблоиди наместо компјутери некаде за да одат побрзо податоците и сега тоа е втората работа. Морам да кажам дека со оглед дека се двојни избори не може да биде толку ефикасно, меѓутоа секако дека ќе биде прилично ефикасно и во вториот круг,- изјави – Александар Даштевски – Претседател на ДИК.

На денот на двојните избори граѓаните ќе можат на гласачкото место да дојдат само еднаш. Имаат право да гласаат за двата вида избори или само за парламентарни или само за претседателски избори. Упатството за ваквиот начин на гласање кое беше донесено е со цел потранспарентна работа на ИО, ќе се има и јасен увид за излезноста на двата паралелни процеса.

-Кога ќе дојде постапката прво ја дава личната карта да се види дека е тој, потоа оди на биометриска идентификација, потоа го бараат во списокот да го заокружат и му даваат ливчиња. И после оди гласа. Е сега кога ќе дојде и кога ќе го праша овој што е на уредот ќе го праша дали сакате да гласате за едни, односно за првите за претседателските или за парламентарните или сакате да гласате за двата и за претседателските и за парламентарните, бидејќи тоа после нема да можете да го направите,- изјави – Александар Даштевски – Претседател на ДИК.

Инаку вечерва на полноќ истекува рокот за пријавување болни или изнемоштени гласачи да ги посетат своите домови на 7 мај и да гласаат на парламентарните избори. Пријавувањето се врши во општинските изборни комисии и важи само за парламентарните избори, а прифатените барања на болни и изнемоштени лица да гласаат на претседателските избори на 24 април важат и за вториот круг од претседателските избори.

Кој со кого и како во новата влада?

Македонија не е ниту федерација, ниту бинационална држава, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски по пораките од ДУИ дека тие се вистинските претставници на Албанците и другите заедници во земјава.

Тој вели дека влада ќе формира партијата која има мнозинство во Собранието, ја исклучува можноста за соработка со Ахмети, а правилото за коалицирање „победник со победник“ рече дека е прекршено уште во 2017та и веќе го смета за минато. На прашањето дали има преговари со лидерите од албанскиот опозициски блок, Мицкоски вели дека сега се фокусирани за победа на изборите, а потоа најавува дека ќе бара политички консензус против актуелните владини партнери.

-Македонија е држава на сите граѓани, не е федерација, ниту бионационална држава. Според демократијата, оној што има 61 пратеник и парламентарно мнозинство ја формира идната Влада. Јас не знам како тие пресметале дека се претставници на мнозинското немакедонско население во Македонија. Сите ние сме граѓани на Македонија и ценам дека политиката не треба да се гледа како шведска маса па ДУИ сега ќе земе малку од СДСМ, па од ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ очекувам да биде опозиција за неколку недели од денеска. Не знам за кој Мајски договор зборува ДУИ,- Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Од „Европскиот фронт“ пак и денеска порачаа дека без нив немало да има нова Влада. За изјавите на Мицкоски дека ќе формира коалиција со албанската опозиција „Вреди“, оценуваат дека се работи за политичка авантура која немало да успее.

-Бидете сигурни дека никоја политичка гарнитура – владејачка гарнитура нема да се формира без пратениците на Европскиот фронт, затоа што пратениците на Европскиот фронт се вистинските претставници на албанскиот народ, на турскиот народ, на бошњачкиот народ, на ромскиот народ и на сите народности кои се претставени во оваа платформа, во оваа изборна програма Европа 2023-2030 година. Бидете сигурни дека политичките авантури неславно ќе завршат, а народот на крај ќе победи,- Наим Бајрами – „Европски фронт“ .

Инаку од опозициската коалиција „Вреди“ велат дека партиите од Европскиот фронт се плашеле од изборен пораз и затоа во континуитет провоцирале за да исценираат инциденти. Во однос на уставните измени тврдат дека досега со ВМРО-ДПМНЕ не разговарале, но потенцираат дека нивната цел е да станат фактор во европски ориентирана влада. Ставот на албанската опозиција е дека за ова прашање не условуваат, туку бараат наскоро да се постигне што е можно поширок консензус.

притисни ентер