Традиционално и годинава Литијата со моштите на Свети Георгиј Победоносец ќе ја осветат Струга

Традиционално и оваа година на 7 мај, во градот на поезијата, во Струга ќе се одржи сенародната Струшка Еордија (Литија), со моштите на „Свети Георгиј Победоносец", неговата чудотворна икона, како и Крнинската чудотворна икона на Богородица.

На раскошно украсени епитафи, со локалното свештенство и братството и сестринството од Бигорски, манастирите во Рајчица и Пречиста, со традиционалните торжества, со моштите на „Свети Георгиј Победоносец“, чудотворната икона на светецот и Крнинската икона на Богородица, ќе тргнат од храмот посветен на светителот ќе поминат низ струшките улици, покрај кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршијата и ќе го осветат градот.

Сестра Ефимија од женскиот манастир во Рајчица за МИА информира дека годинава се планирани многу новини на Литијата, за кои дополнително јавноста ќе биде известена.

Според традицијата и годинава поворката ќе ја води церемонијално полициско возило, кое на симболичен начин ќе го одбележи чествувањето на свети великомаченик Георгиј, како покровител на полициските и безбедносни сили. Меѓу возилото и литијата ќе дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, изработена од автентични материјали, којашто е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време. Дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска империја. Коњаникот, кој во раката ќе држи палмова гранка како симбол на мирот, ќе има улога на посебен редар и најавувач на процесијата.

- На чело на Еордијата ќе биде член од Бигорското братство со клепало, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалти и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на Град Скопје, чудотворните икони на Свети Георгиј Победоносец и Пресвета Богородица - Крнинска, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и епископот Антаниски г. Партениј, и најпосле, најголемата светиња - моштите на светецот во раскошно украсен епитаф, појасни сестра Ефимија за МИА.

Моштите, додаде, и овој пат ќе бидат носени од четворица видни граѓани, а ќе бидат придружувани и чувани од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот манастир, облечени во традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на којшто е претставен ликот на Свети Јован Крстител. Зад сердарите ќе оди сејменската гарда, чии членови ќе бидат, исто така, облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Свети Георгиј Победоносец.

- Традиционално, моштите на светецот ќе пристигнат од нашиот манастир во Рајчица, а чудотворната икона на Пресвета Богородица од манастирот Пречиста во Кичево. Овие големи светињи ќе бидат поставени за поклонение во храмот „Свети Георгиј“ во Струга. Во 16 часот ќе биде отслужена ктиторската вечерна богослужба, после што ќе следи Еордијата, која ќе започне веднаш по богослужбата во 17 часот. Литијата ќе тргне од храмот на светителот, ќе поминува низ централните градски улици, од другата страна на кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршијата и повторно ќе се врати во црквата, истакна сестра Ефимија.

Верниците и сите добронамерници ќе се движат после гардата, а оние што не можат да се вклучат во Литијата поради многубројниот народ, ќе останат на двете страни од улиците и заедно со дечињата облечени во народна носија ќе ги поздравуваат моштите со зборовите „Христос воскресна! Навистина воскресна!".

Астон Мартин сака да произведе Рамбо Ламбо

Lamborghini LM 002 можеби не беше комерцијален успех, но е запаметен како еден од најоригиналните теренци во историјата.

Секоја чест за Urus, но LM 002 беше и останува вистинска работа. Цврстиот SUV со изглед на Hummer и V12 Countach мотор е една од најлудите креации што светот ги видел. Во меѓувреме, луксузните теренци станаа реалност, но ниту еден не беше блиску до она што го претставуваше овој модел.

LM 002 одамна е заборавен, но не и идејата. Aston Martin наводно размислува за уште посериозен теренец. Би ја имал основата на теренецот DBX, но би бил незапирлив на земја. Развојот се одвива под кодното име Project Rambo, што јасно дава врска до претходно споменатиот Lambo.

Според достапните информации, овој модел ќе биде привремено достапен, во ограничена серија од 2500 примероци. Погонот би можел да се задржи во форма на 4.0 V8 твин турбо мотор, кој се нуди и во Г-класата, но кај DBX произведува над 700 КС. Има и шпекулации за plug-in хибридна опција, како GT63 S E Performance, која би го направила новиот Aston најмоќниот SUV во светот. И еден од најскапите.

Османи со бројни билатерални средби во Стразбур

Министерот за надворешни работи во техничката влада, Бујар Османи денеска, на маргини на 133 сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа во Стразбур, оствари бројни билатерални средби.

Министерот за надворешни работи во техничката влада, Бујар Османи денеска, на маргини на 133 сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа во Стразбур, оствари бројни билатерални средби со хомолози од различни земји, имено со министрите за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Република Австрија, Република Унгарија, Швајцарска Конфедерација, Република Малта, Република Словенија, Република Албанија, Република Молдавија, како и заменик министерот за надворешни работи на Република Турција.

Во фокус на одвоените средби на Османи со министрите на Германија, Австрија и Унгарија, Аналена Бербок, Александар Шаленберг и Петер Сијарто беше европското досие на земјата, при што Османи ги информираше соговорниците за активностите во однос на исполнувањето на реформската агенда и за успешно завршениот скрининг процес, притоа изразувајќи благодарност за конзистентната поддршка на процесот на интеграцијата на нашата земја во Европската унија.

Османи и министерот на Швајцарија, Игнацио Касис разговараа за билатералните односи на двете земји, заблагодарувајќи му се за континуираната поддршка за реформскиот процес на земјата.

На средбата со министерот на Малта, Иан Борг се направи осврт на билатералните односи, ставајќи го притоа акцентот на соработката во рамки на мултилатералните организации. Османи подвлече дека Македонија како дел од ОБСЕ Тројката очекува зајакнување на улогата и ефикасноста на ОБСЕ, како уникатна безбедносна организација и платформа за дијалог.

Теми на разговорите на Османи со колегите од Словенија, Албанија и Молдавија, Тања Фајон, Игли Хасани и Михај Попсоји како и заменик министерот за надворешни работи на Турција, Мехмет Кемал Бозај беа повеќе аспекти од билатералните односи и можностите за продлабочување на соработката. Се дискутираа и активностите на Македонија како земја претседавач со Процесот за соработка на Југоисточна Европа во врска со претстојниот министерски состанок како и начините за интензивирање регионалната соработка.

Министерство за надворешни работи

Северот на Италија зафатен со големи поплави- превртен воз, колапс на сообраќајот (ВИДЕО)

Невремето и обилните дождови предизвикаа поплави во многу делови на северна Италија, а особено се погодени градовите Падова и Виченца, пишува Би-Би-Си.

Службите за итни случаи користат гумени чамци за да ги спасат луѓето од нивните домови, а на снимката се гледаат автомобили како пливаат по улиците.

Гувернерот на провинцијата Венето го опиша времето во текот на ноќта како „водена бомба“.

Југот на Италија се соочува со топлотен бран невообичаен за овој период од годината, а на Сицилија се забележани температури до 35 Целзиусови степени.

Професорот Марко Марани, експерт за ефектите од климатските промени од Универзитетот во Падова, за весникот „Кориере дел Венето“ изјави дека „екстремните настани стануваат сѐ почести и ќе се интензивираат со зголемувањето на глобалното затоплување“.

Бреговите на реката Мусон деи Саси во областа Падова попуштија поради силниот дожд во раните утрински часови, што предизвика поплави.

Товарен воз во градот Борго Мантовано во провинцијата Ломбардија бил превртен од налетите на ветерот со брзина меѓу 150 и 200 километри на час.

Локалниот лидер Алберто Борсари на социјалните мрежи напиша дека „многу улици и подруми се поплавени“ и дека ситуацијата е „навистина тешка“.

„За среќа, никој не е повреден“, додаде тој.

Дожд до 130 милиметри падна во еден ден во Милано, што предизвика поројни поплави. Очевидци велат дека таков интензитет на дожд не бил забележан во мај повеќе од 170 години.

Властите за цивилна заштита прогласија црвена тревога во Венето до 14 часот, особено меѓу Виченца и Верона, каде што реките надојдоа по 70 милиметри дожд за 30 минути.

Едно лице е исчезнато во реонот на градот Комо по уривањето на мал мост.

Во исто време, многу суви услови се забележани на островот Сардинија, кој веќе се соочува со уште една лоша сезона за локалните земјоделци, кои очекуваат половина од нивниот нормален род на пченица поради недостиг на вода, пишува локалниот весник L'Unione Sarda.

Ограничувања за користење на водата се очекуваат и во областа подоцна во текот на летото.

Професорот Марани рече дека „има силни научни докази“ дека екстремните временски услови стануваат сѐ почести, додавајќи дека пресметките за одбрана од поплави „треба да се ревидираат за да се разбере реалниот ризик со кој се соочуваме“.

„Климатските промени мора да бидат ставени под контрола“, додаде тој.

Во април, Европската климатска агенција Коперник и Светската метеоролошка организација ја истакнаа потребата од заштита од поплави, како и итна акција за борба против ефектите од климатските промени.

притисни ентер