Кој со кого и како во новата влада?

Македонија не е ниту федерација, ниту бинационална држава, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски по пораките од ДУИ дека тие се вистинските претставници на Албанците и другите заедници во земјава.

Тој вели дека влада ќе формира партијата која има мнозинство во Собранието, ја исклучува можноста за соработка со Ахмети, а правилото за коалицирање „победник со победник“ рече дека е прекршено уште во 2017та и веќе го смета за минато. На прашањето дали има преговари со лидерите од албанскиот опозициски блок, Мицкоски вели дека сега се фокусирани за победа на изборите, а потоа најавува дека ќе бара политички консензус против актуелните владини партнери.

-Македонија е држава на сите граѓани, не е федерација, ниту бионационална држава. Според демократијата, оној што има 61 пратеник и парламентарно мнозинство ја формира идната Влада. Јас не знам како тие пресметале дека се претставници на мнозинското немакедонско население во Македонија. Сите ние сме граѓани на Македонија и ценам дека политиката не треба да се гледа како шведска маса па ДУИ сега ќе земе малку од СДСМ, па од ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ очекувам да биде опозиција за неколку недели од денеска. Не знам за кој Мајски договор зборува ДУИ,- Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Од „Европскиот фронт“ пак и денеска порачаа дека без нив немало да има нова Влада. За изјавите на Мицкоски дека ќе формира коалиција со албанската опозиција „Вреди“, оценуваат дека се работи за политичка авантура која немало да успее.

-Бидете сигурни дека никоја политичка гарнитура – владејачка гарнитура нема да се формира без пратениците на Европскиот фронт, затоа што пратениците на Европскиот фронт се вистинските претставници на албанскиот народ, на турскиот народ, на бошњачкиот народ, на ромскиот народ и на сите народности кои се претставени во оваа платформа, во оваа изборна програма Европа 2023-2030 година. Бидете сигурни дека политичките авантури неславно ќе завршат, а народот на крај ќе победи,- Наим Бајрами – „Европски фронт“ .

Инаку од опозициската коалиција „Вреди“ велат дека партиите од Европскиот фронт се плашеле од изборен пораз и затоа во континуитет провоцирале за да исценираат инциденти. Во однос на уставните измени тврдат дека досега со ВМРО-ДПМНЕ не разговарале, но потенцираат дека нивната цел е да станат фактор во европски ориентирана влада. Ставот на албанската опозиција е дека за ова прашање не условуваат, туку бараат наскоро да се постигне што е можно поширок консензус.

Сообраќајна несреќа кај Росоман

Сообраќајна несреќа се случила утрово кај Росоман, помеѓу патничко и товарно моторно возило, информираа од СВР Велес.

- Во 07.40 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека кај клучка Росоман се случила сообраќајна незгода, помеѓу патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Р.(45) од Скопје и товарно возило „ивеко“ со бугарски национални ознаки, управувано од А.З.(59) од Прилеп. Во незгодата, возачот на патничкото возило се здобил со телесни повреди констатирани во болницата во Кавадарци, појаснија од СВР Велес.

Оттаму рекоа дека увидот е во тек, а сообраќајот се одвива нормално и без застој.

СБ на ОН не изгласа предлог-резолуција поднесена од Русија

СБ на ОН не ја изгласа предлог-резолуцијата поднесена од Русија за преземање акција за спречување на распоредувањето оружје во вселената.

Советот за безбедност на Обединетите нации вчера не ја изгласа предлог-резолуцијата поднесена од Русија со која се повикуваат сите земји да преземат итна акција за да го спречат распоредувањето оружје во вселената.

Предлог-резолуцијата доби седум гласа „за“, додека седум земји, вклучително и САД, гласаа против, а Швајцарија беше воздржана. За усвојување на резолуцијата беа потребни девет гласови во советот од 15 нации.

Со оглед на американската резолуција против нуклеарното оружје во вселената која не беше изгласана минатиот месец поради руското вето, американскиот претставник Роберт Вуд ја обвини Москва за манипулативна тактика.

Дебатата во Обединетите нации следи по американските извештаи во февруари за нуклеарните амбиции на Русија во вселената.

Мајката на Мбапе: Веќе знаете кој е следниот клуб на Килијан

Мајката на фудбалерот на Пари Сен-Жермен, Килијан Мбапе одби да каже каде нејзиниот син ќе ја продолжи кариерата следната сезона. 

На прашањето за следниот клуб на нејзиниот син, нејзиниот одговор беше: „Веќе го знаете одговорот“.

На 10 мај, Мбапе објави дека ќе го напушти ПСЖ како слободен играч на крајот од сезоната 2023/24.

Најверојатно Французинот кариерата ќе ја продолжи во Реал Мадрид. На 16 мај беше објавено дека мадридскиот клуб очекува официјално да објави договор со играчот пред почетокот на Евро 2024 година.

Дваесет и петгодишниот Мбапе настапува за ПСЖ од 2017 година. На 307 настапи во сите натпреварувања, тој постигна 256 гола и 108 асистенции.

притисни ентер