Костадиновска-Стојчевска во Пустец: Преку соработка во културата ја зајакнуваме врската

Преку соработка во културата ја зајакнуваме врската со нашинците во Преспа.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска заедно со директорката на Заводот и музеј – Битола, Мери Стојанова, го посети Музејот посветен на ликот и делото на албанскиот писател со македонско потекло, Стерјо Спасе, во селото Глобочани, каде што оствари средба со градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски.

Како што соопшти Министерството за култура, посетата е по повод продолжувањето на прекуграничната соработка со Албанија во рамките на програмата ИПА со проектот „Смарт4Ју2“, чија цел е да ги афирмира културните вредности што ги поседува регионот и да ги развие туристичките потенцијали на општините Битола, Пустец и Корча.

-Преку соработка во културата, ја зајакнуваме врската со нашинците во Преспа. Успешната реализација на заедничките проекти носи придобивки за граѓаните од двете страни на границата. Културата и културното наследство даваат идентитетско значење на луѓето од овој регион, а од економски аспект, претставуваат значаен туристички потенцијал, рече на средбата министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.

На средбата со градоначалникот на Општина Пустец, Колефски, се наведува во соопштението, беше потврдена заемната заложба за зачувување на нашето културно наследство бидејќи, како што кажа Костадиновска-Стојчевска, тоа значи зачувување и на нашиот културен и национален идентитет.

- Kолефски ги најави новите планови и активности во Глобочани, а беа разменети идеи за нови проекти за унапредување на соработката преку културната размена и промоција на туристичкиот потенцијал на овој регион, со цел подобрување на економскиот развој и животниот стандард на граѓаните што живеат во Преспа. Од страна на министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска беше посочено дека Министерството за култура, преку традиционалната поддршка на манифестацијата „Македонско културно лето во Пустец и во Корча“, останува партнер во заедничките заложби за негување на македонската култура, идентитет и традиција во овој прекуграничен регион, соопшти Министерството за култура.

Директорката на Заводот и музеј од Битола, Мери Стојанова, информираше дека продолжуваат активностите што се планирани за наредниот период, за искористување на ЕУ-можностите за развој на културата и заштитата на културното наследство, и укажа на нови можности за соработка со општините Пустец и Корча.

-Проектот „SMART4YOU2“, кој е поддржан од Програмата за прекугранична соработка на Европската Унија, има буџет во вкупен износ од милион и двесте илјади евра европски неповратни средства за развивање на културните и туристичките потенцијали на прекуграничниот регион, се наведува во соопштението.

Во рамките на еднодневната посета, министерката за култура Костадиновска-Стојчевска ќе оствари средба со префектот на округот Корча, Нерти Јоли.

Бах: Повеќе од десет држави кандидати за организација на ОИ 2036

Шефот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах (ИОК) е убеден дека иднината на олимпиското движење никогаш не била посветла, бидејќи кандидатура за организација на Олимписките игри во 2036 година поднеле двоцифрен број држави.

Наспроти заканите предизвикани од климатските промени, допингот со помош на вештачка интелигенција или е-спорт натпреварувањата, шефот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах (ИОК) е убеден дека иднината на олимпиското движење никогаш не била посветла, бидејќи кандидатура за организација на Олимписките игри во 2036 година поднеле двоцифрен број држави.

Бах, 70-годишен поранешен германски олимписки мечувалец, го предводи МОК од 2013 година, кога интересот за организација на Олимписките игри беше на историски најниско ниво поради честите скандали околу трошоците и корупцијата.

Намалената привлечност на Игрите беше очигледна за време на кандидатурите за Летните игри 2024 и 2028 година, кога имаше само двајца кандидати, Париз и Лос Анџелес.

Игрите во 2032 година оттогаш се доделени на австралискиот град Бризбејн, а Бах во изјава за француските медиуми обелодени дека двоцифрен број земји се натпреваруваат за Игрите во 2036 година.

Според медиумите, меѓу земјите кандидати се и Саудиска Арабија и Катар, но Бах не сакаше да ги коментира амбициите на двете спортски сили од Персискиот залив.

„До овие игри има само 12 години, па рано е да се коментираат какви било интереси“, рече Бах.

Лукаревска: Вредностите секогаш не обединувале, и кога било најтешко и кога е најважно

Вредностите секогаш не обединувале, и кога било најтешко и кога е најважно, да не го потцениме моментот, сега е најважно.

“Прогресивните граѓани знаат дека со СДСМ има слобода, има демократија и сигурна иднина, и токму тие граѓани се и наши најдобронамерни критичари, затоа што се демократи и затоа што имаат изградено граѓанска свест, за да биде подобро. Но во суштина тоа сме НИЕ, истите тие, што ја сакаме државата слободна, демократска, отворена, модерна, развиена. Исти вредности споделуваме, тие вредности секогаш не обединувале, и кога било најтешко и кога е најважно. Да не го потцениме моментот, сега е најважно. Важно е на 8 мај да покажеме дека сме обединети и дека заедно и подобро ќе продолжиме да работиме”, рече Сања Лукаревска, носителка во третата изборна единица.

СДСМ е одговорна партија. Ние не манипулираме, не продаваме бесперспективни илузии кои ја разградуваат државата од внатре, и и ја ослабуваат позицијата надвор. Тоа нема да го дозволиме и затоа ја бараме вашата поддршка на 8 мај, рече Лукаревска.

“Да не дозволиме она што го изградивме заедно, да се урне за само еден ден, да се вратиме назад - на поделбите на наши и ваши, на привилегирани и на казнети, на поттикнати внатрешни конфликти, а всушност сите изманипулирани, зашто тој концепт не нуди иднина. Се е јасно, се е веќе видено и чуено и тоа ни дава уште поголема верба дека сме на исправниот пат. И затоа не се откажуваме, веруваме во социјалдемократските вредности, веруваме во погресивните граѓани и веруваме дека на 8 мај можеме да продолжиме заедно”.

Ристовски до ВМРО-ДПМНЕ: Погубен е граѓанскиот Устав

Погубен е граѓанскиот Устав зошто македонскиот народ така ја губи државотворноста во Македонија

Погубна е реториката „народот на Македонија“ наместо „македонски народ“ и „Македонија на сите луѓе“, наместо „Македонија на Македонците“

„Денеска сакаме да упатиме една сериозна порака до предлогот на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот кандидат за претседател Гордана Сиљановска Давкова за граѓански устав на Македонија. Ќе морам да говорам како професор на политички науки, граѓанскиот устав е еден од најпогубните концепти кои што воопшто можат да се појават на политичката сцена. Зошто го говорам ова? Бугарија и Грција одамна имаат развиено концепт на нација. Нацијата е политичка категорија. Македонија никогаш не успеала да го изгради концептот на нација како политичка категорија. Зошто? Затоа што македонскиот народ како етнос се поистоветува со поимот македонската нација и со името на државата Македонија. Тоа албанската етничка заедничка никогаш ниту го прифатила и ниту ќе го прифати. Оттука, ако во Македонија не можете да изградите концепт на нација како политичка категорија, тогаш единствено што ви останува е да го сочувате уставот на Македонија како држава на македонскиот народ. Македонскиот народ е државотворен народ во Македонија. Ако се изместиме од оската и влеземе во зоната на концептот на граѓанска држава, тогаш исчезнува државотворноста на македонскиот народ од татковината Македонија и да ви биде на сите јасно-во тој момент македонскиот народ ќе исчезне, стануваме едни од сите, и заедно со Власите и со Ромите нема да имаме сопствена држава, затоа што Македонија ќе стане Македонија на сите, тоа е и слоганот на ВМРО-ДПМНЕ, „Македонија на сите луѓе“, рече Љупчо Ристовски, претседател на ИНТЕГРА и носител на листата во ИЕ2 на Коалицијата Храбро за Македонија во општина Гази Баба.

„Оној момент кога ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучи да ја смени нивната категорија „Македонија на сите луѓе“, и оној момент кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја смени категоријата или експресијата, изразот „народот на Македонија“ во „македонски народ“ тогаш стануваме партнери во процесите“, рече тој.

„Затоа се обраќаме до македонската јавност, до македонското гласачко тело, дајте ни доверба на 8 мај, дајте ни глас да имаме пратеници во македонскиот парламент, да бидеме коректив, да бидеме балансер на црвените линии на македонското национално единство, на македонскиот национален, стратегиски интерес во македонскиот парламент, дајте ни ја таа доверба да можеме да вршиме притисок врз ВМРО-ДПМНЕ, но и да ги охрабруваме да опстојат на ставот дека не смее да се менува Уставот под ниту една закана, диктат, уцени и притисоци од било кои екстремизми, дали од Софија, Атина, или од албанскиот екстремизам дома“.

ВМРО-ДПМНЕ во моментов според нашите сознанија е изложен на сериозен притисок и од меѓународната заедница, но и од ДУИ и од албанските екстремизми во албанската опозиција. Апетите растат сериозно, албанскиот екстремизам не мирува, тие се координираат меѓу себе,. ВМРО-ДПМНЕ ќе нема сила да опстои на македонскиот национален стратегиски интерес доколку ИНТЕРГА- македонска конзервативна партија како додадена вредност во Коалицијата „Храбро за Македонија“ не е застапена во парламентот. Ако ни ја дадете довербата и влеземе во македонскиот парламент, храбро ќе се бориме до крај - за зачувување на македонскиот национален стратегиски интерес во татковината Македонија, за неменување на Уставот се додека не го решиме комплетниот идентитетски корпус, ова се македонскио црвени линии за коишто ние постојано говориме. Затоа ја бараме вашата поддршка, не само да вршиме притисок врз македонската политичка елита, но и да ги охрабруваме во од, да бидеме партнери во процесот, ако и тие стојат на македонските црвени линии, да ја сочуваме македонска Македонија, Македонија на Македонците, а не на сите луѓе, „македонски народ“ а не „народот на Македонија“, рече Ристовски.

притисни ентер